По отстранувањето на нелегално поставениот приватно-угостителски инвентар на најамбиенталната улица во Битола
Најамбиенталната улица во Битола, Широк сокак, која многумина ја споредуваат со улицата Кнез Михајлова во Белград, па дури и со Шанзелизе во Париз, конечно стана тоа што со години битолчани посакуваа да биде – широка улица по која можат слободно да шетаат. Деновиве, по интервенцијата на Општинскиот инспекторат, на Широк сокак се отстранети големиот број маси и столчиња, кои беа нелегално поставени, поради што улицата беше толку многу стеснета што по неа буквално не можеше да се помине. Сега сето тоа е поставено според прописите и во согласност со усвоениот план и програма на локалната самоуправа за поставување угостителски инвентар. Деновиве комуналните инспектори на локалната самоуправа со многубројните контроли и интервенции ги принудија угостителите да ја ослободат улицата од големиот број маси и столчиња што беа поставени на оваа улица наменета за пешаците. Интензивните контроли придонесоа угостителите конечно да сфатат дека овој пат Општината нема намера да им прогледа низ прсти и тие добија налози итно да постапат во согласност со усвоените планови и програма за поставување на приватниот угостителски инвентар, што на угостителите им е главна инфраструктура за сместување на своите муштерии и можност преку тоа да го прошират својот приход. Но тоа е противзаконски и нелегално да се прави на јавните површини на градот, во случајот на Широк сокак.
По таквата интервенција Широк сокак конечно стана тоа што треба да биде, широк.
– Зголемениот инспекциски надзор е во согласност со политиката на локалната самоуправа за спроведување и почитување на правилата и прописите, а со тоа и постигнување на целта за уреден град, во кој Широк сокак навистина ќе биде широк, по кој битолчани и многубројните туристи, кои во овој период од годината ги има во голем број, ќе можат слободно да шетаат и да ѝ се воодушевуваат на старата битолска архитектура – велат од локалната самоуправа.
Битолчани со задоволство, па дури и со воодушевување ја поздравија ваквата интервенција на општинскиот инспекторат.
– Конечно можеме да бидеме задоволни. За разлика од пред неколку дена кога беше вистинска умешност да се прошета по Широк сокак покрај многубројните маси и столчиња, кои беа поставени од сопствениците на кафулињата во неколку редици, сега е вистинско задоволство да се прошета по Широк сокак, кој навистина стана широк – велат битолчани.
Сето ова е резултат на иницијативата што неодамна заеднички ја поведоа од локалната самоуправа заедно со битолските архитекти против какво било заградување на угостителските објекти на Широк сокак, бидејќи, според нив, освен што со таквите огради се нагрдува најамбиенталната улица во градот, тоа претставува и узурпација на јавниот простор.
За средување на ликот на Широк сокак беше формирана работна група за изработка на новата програма за поставување опрема, со цел угостителските објекти да бидат поубаво уредени и да добијат изглед со кој нема да се нарушува автентичноста на улицата.
– Како стручна фела сметаме дека не треба да постојат тие стакленици, затоа што прво претставуваат узурпација на јавниот простор и го нагрдуваат ликот на Битола. И според закон тие не треба да постојат. Нашиот став е дека и од злато да ги направиме и најубави, тие сепак ќе бидат грди затоа што тие како површина не треба да постојат. Треба да постои површина за поставување маси и столчиња, како и некои ролотенди, а деталите ќе се дефинираат дополнително дали ќе бидат до три метри и до црната линија што е на Широк Сокак, како што беа претходно, но, не треба да постојат вакви стакленици, кои висат со шипки од фасадите, го нагрдуваат изгледот. Овие, како да ги наречам, плевни, претставуваат бариера за инвалидизираните лица, за евакуација за не дај боже ако настане пожар или итен случај и не може да се излезе од објектот. Нашиот став е дециден, дека во оваа програма што треба да се изготви, стаклениците не треба воопшто да постојат – сметаат битолските архитекти.
Тие не се премислија и по реакцијата на здружението за угостителство и туризам „Еснаф“, кое е дел од работното тело, од каде што исто така се согласни дека заградувањето на просторот пред кафулињата го нагрдува Широк сокак, но, од друга страна, се пожалија дека доколку се отстранат стаклениците, во зимските месеци бизнисите ќе затворат ако не работат со затворени тераси, бидејќи повеќето од гостите им се пушачи. И покрај нивните реакции, архитектите останаа цврсто на своите ставови за отстранување на стаклениците од улицата и возвратија дека ако не им се исплаќа, сопствениците нека ги затворат угостителските објекти.
– Како е тоа решено во светските метрополи? Кога може во Венеција да се пие кафе надвор без заградување, зошто тоа не би можело во Битола? Во Љубљана тоа е решено со греење под масите – децидни се архитектите.
Од НУ Завод и музеј – Битола, задолжени за заштита на Широк сокак, велат дека улицата е споменик на културата и дел од старото градско јадро и не постои законска можност да се дозволи заградување на објектите.
– Во 2017 година кога се носела Програмата за урбана опрема токму поради тој аспект, Управата за заштита на културно наследство се прогласила за ненадлежна. Никаде во светот не се покриени објекти што се заштитени како културно наследство. Законски можности не постојат за тоа. Управата затоа се прогласи за ненадлежна иако надлежностите се нивни. Ние немаме ингеренции, Скопје решава за цела Македонија. И сега повторно кога ќе се работи новата програма ќе биде истата постапка. Пак ќе треба да се побара одобрение од Управата. Затворање на улицата, на јавниот простор, е недозволиво. Тоа е само кај нас случај – велат од Заводот и музеј – Битола.
Инаку, деновиве, покрај тоа што се почна со хортикултурно средување на пешачката патека, во последните денови локалната власт, заедно со ЈП „Комуналец“, на сите станбени и деловни објекти по должината на улицата постави придушени светилки, по што улицата, особено ноќе, наликува на познатите пешачки улици во Белград, Рим, Виена, Париз.
Сега оваа улица навистина изгледа импресивно и битолчани се презадоволни од последните интервенции на самата улица.
– Контролите се спроведуваа и во изминатиот период, но по барање на граѓаните, деновиве истите тие се интензивираат и ќе траат сѐ до комплетно уредување на Широк сокак пред секој објект, во согласност со законските прописи – информираат од Општина Битола.