Активирани се сите државни електроцентрали за излез од енергетската криза

На неколку дена пред испраќањето на 2022 година и пречекот на 2023 година, со првиот човек на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, разговаравме за предизвиците и очекувањата во енергетиката

ПРЕДНОВОГОДИШНО ИНТЕРВЈУ СО ВАСКО КОВАЧЕВСКИ, ГЕНЕРАЛЕН ДИРЕКТОР НА АД ЕСМ

Господине Ковачевски, пред почетокот на зимата најавивте дека ќе имаме тешка и студена зима, но дека ќе направите сѐ граѓаните на Македонија, а и во градот Скопје да не се смрзнуваат и да имаат топли домови. Кажете ни колку и дали се остваруваат вашите прогнози?
Нема рестрикции на електрична енергија, радијаторите се топли. Тоа е најголемата потврда дека не само што рековме туку и навистина направивме и правиме и понатаму сѐ, за граѓаните да имаат стабилно и континуирано снабдување со електрична и топлотна енергија. Ги презедовме сите неопходни чекори да ги ставивме во погон сите наши капацитети, без разлика на нивната амортизираност и дотраеност. И покрај сите непредвидливи ситуации и турбуленции на пазарите со енергенти, произведуваме и електрична и топлотна енергија за што полесно да ја пребродиме оваа зима. Морам да потсетам дека дополнително презедовме обврска по задолженија од Владата да обезбедиме поевтина електрична енергија, не само за домаќинствата и малите потрошувачи туку и за училиштата, болниците, прехранбените капацитети… Со поддршка на Владата, на премиерот Димитар Ковачевски и на министерот за економија Крешник Бектеши продолжуваме максимално посветено да работиме сѐ до завршувањето на грејната сезона на 15 април.
Како АД ЕСМ ја пречека зимската сезона?
Енергетската криза е присутна подолго време во земјите од регионот и пошироко во Европа, а конфликтот во Украина дополнително влијаеше негативно на плановите и проекциите за годинава што сме ги направиле лани во ноември и декември. Сметам дека зимската сезона ја пречекавме максимално подготвени и будни за сите евентуални промени и потреси што се случуваат или се очекуваат да се случат и во домашните производствени капацитети и при набавката на енергенти. Во погон го ставивме ТЕЦ „Неготино“, работи РЕК „Осломеј“, со два блока произведува РЕК „Битола“, гасната електроцентрала, хидроцентралите го даваат оптималното можно производство бидејќи не смееме да си дозволиме загрозување на речниот биодиверзитет… Односно, зимската сезона ја пречекавме подготвени со сите капацитети што ги имаме на располагање.
Иако пред вас се огромни и секојдневни предизвици за справување со енергетската криза, вие како прв човек на АД ЕСМ и Владата постојано сте предмет на остри критики од страна на опозицијата дека не се снајдовте најдобро со енергетската криза. Како лично ги доживувате таквите критики?

Резултатите покажуваат како е изменаџирана и енергетската криза во 2021/2022 и оваа сега во 2022/2023. Без ден рестрикција на струја и со обезбедено греење за градот Скопје. Со производство на електрична енергија што деновиве достигнува до 16-17.000 мегават-часа, додека конзумот на регулираниот пазар е 10.500 мегават-часа. Бројките и состојбите говорат сами за себе. ЕСМ никогаш немало толку обврски надвор од своите законски задолженија. Моментално целата енергетска криза оди преку нас, сите одлуки и мерки на Владата се одработуваат и спроведуваат преку АД ЕСМ, само и само да се држи под контрола крајната цена на енергентите за домаќинствата и малите потрошувачи. Лесно е да се биде денес опозиција и да се коментира. Тешко е да се подметне грбот и да се понесе товарот. Тоа не го видовме во изминативе години. Видовме само блокирање закони во Собранието, кои требаше да помогнат во кризата.
Опозицијата е особено критична за работењето на домашните енергетски капацитети. Колку се во право за тоа?
Сум кажал повеќепати и во минатото, а ќе повторам и сега дека во минатите 30 години сите структури во државата не вложија доволно во изградба на нови електроцентрали. А сегашната опозиција, пак, за период од 10 години и повеќе, додека беше власт и имаше можност да изгради нови производствени капацитети и кога имаше обврска редовно да ги одржува постојните капацитети, апсолутно ништо не направи. Ветерниот парк „Богданци“ со моќност од 35 мегават-часа е единствената инвестиција во нов производствен капацитет за електрична енергија во периодот 2006 – 2017 година. И не само што ништо не беше изградено туку и немаше проекти што би се реализирале за кратко време, а постојните капацитети целосно беа запоставени. Ниту редовни ремонти, ниту резервни делови, ниту проекти за развој на рудници. Апсолутно ништо не оставија зад себе. За толку амортизирани капацитети какви што има ЕСМ, со надминат век на живот, јас сум задоволен како функционираме како компанија. Компанијата неколкупати годинава го ревидираше производствениот план и го зголемуваше во согласност со проекциите и потребите на граѓаните, но и на стопанството и институциите за кои добивме задолжение од Владата да ги снабдуваме со поевтина електрична енергија од таа на берзите. Морам да потсетам дека во согласност со Законот за енергетика, годинава ЕСМ имаше обврска да обезбеди само 60 отсто од вкупно потребната електрична енергија на универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“. Ние не само што продадовме 100 отсто од потребите на „ЕВН хоум“ туку и го зголемивме производството во сите капацитети за да одговориме соодветно на енергетската криза. Во периодот 1 јануари – 19 декември годинава, АД ЕСМ заедно со ТЕЦ „Неготино“, кој го ставивме во функција по долги 12 години, произведе за 26 проценти повеќе струја од истиот период лани. Термоцентралите РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ во периодот јануари – декември произведоа за околу 30 отсто повеќе електрична енергија отколку во истиот период минатата година. Овие податоци сметам дека доволно говорат за работата на домашните енергетски капацитети годинава и особено во текот на годинашната грејна сезона.
Додека опозицијата остро ве критикува, вие како прв човек на АД ЕСМ ја имате целосната поддршка од Владата и особено од Министерството за економија. Колку ви значи таа поддршка?

АД ЕСМ е државна компанија за производство на електрична енергија и сосема природно е да биде континуирано во контакт со Владата и со ресорните министерства што се блиски до нејзината работа. Особено во овие кризни времиња сметам дека ништо немаше да постигнеме ниту како компанија, ниту како Влада, ниту како држава ако немавме разбирање и поддршка од Владата, со премиерот Димитар Ковачевски и со министерот за економија Крешник Бектеши. Во оваа пригода се заблагодарувам за нивната поддршка во справувањето со енергетската криза. Но сакам да потенцирам дека тоа не е поддршка за директорот Васко Ковачевски или за АД ЕСМ како компанија, туку поддршка за сите граѓани на Македонија. Целта на сите е заедничка – зголемено и стабилно производство на електрична енергија и стабилно снабдување со топлинска енергија.
Пред почетокот на зимата донесовте препораки за максимално штедење на електричната енергија. Последните извештаи од Регулаторната комисија се дека граѓаните ја прифатиле вашата препорака. Дали вие како прв човек на ЕСМ сте задоволен од заштедите на електрична енергија, не само на граѓаните туку и на сите институции?
Секој заштеден киловат електрична енергија е значаен за нас како производители, кои имаме обврска да снабдиме значително поголем конзум отколку што е предвидено во законот и што сме планирале годинава, а секако секоја заштеда е важна и за крајните потрошувачи, кои колку помалку трошат, толку помалку плаќаат. Ние во АД ЕСМ сме задоволни од резултатите на кампањата на Владата за заштеда на електрична енергија. Во рамките на компанијата заштедите се околу 30 отсто, но важна е пошироката слика. Штедат и граѓаните и институциите и тоа е еден момент вреден за поздравување и охрабрување и понатаму да продолжат во таа насока. Доколку се придржуваме кон мерките, енергијата што ќе се заштеди, АД ЕСМ ќе може да ја пренасочи кон стопанството, особено кон големите фирми и институциите, кои купуваат струја на слободниот пазар по енормно високи цени, и на тој начин ќе можеме да им понудиме одредено количество по пониски цени, со што ќе се намалат нивните трошоци за работа. Само со штедење на електричната енергија, сите ние можеме многу да им помогнеме на болниците, училиштата, градинките, како и на нашата економија и заедно да излеземе од оваа наметната криза.
Иако досега многупати сте го објасниле тоа, сепак, и во оваа пригода би ве запрашале за одговор на прашањата поврзани со продажбата на вишоците електрична енергија, во ситуација кога државата има недостиг од струја, за што опозицијата често ве критикува.

Точно е дека повеќепати сме го објаснувале ова прашање, кое во оваа пригода ќе се обидам уште еднаш наједноставно да го образложам. Секој производствен капацитет во рамките на АД ЕСМ работи според определена динамика што е оптимална за негово добро и безбедно функционирање. Притоа, секоја од постројките произведува електрична енергија според претходно дефиниран план за производство. Еве, на пример, еден блок во РЕК „Битола“ работи во текот на денот со снага од 180 мегават-часа и испорачува електрична енергија во мрежата. Во текот на ноќта, кога побарувачката за електрична енергија е намалена, истиот тој блок не може едноставно да се изгаси или да се сведе неговата работа под минимумот што гарантира дека работењето на блокот нема да биде загрозено. Во случајот што го споменав, секое намалување на снагата на еден блок во РЕК „Битола“ под 145 мегават-часа е потенцијална опасност за хаварија. Затоа, блоковите работат во континуитет, 24 часа на ден, со различна снага, во согласност со побарувачката на диспечерскиот систем, но не под определена граница што може да предизвика проблеми во нивното функционирање. Намалената побарувачка на струја во ноќните часови предизвикува појава на вишоци струја во производствениот систем во тој период и затоа вишоците што ги продава ЕСМ се токму во ноќните часови. Таа енергија не може некаде да се складира, па да ја чуваме и да ја искористиме следниот ден, туку наместо да се пушти во мрежата попусто, ние им ја продаваме во согласност со сите правила и прописи во нашата држава на оние оператори што ќе се јават на нашите објави и по највисоки цени што ќе ги понудат.
На прославата на јубилејот 40 години од работата на РЕК „Битола“ рековте дека РЕК „Битола“ е срцето и душата на Битола и државата. На што се темели таа мисла кај вас за РЕК „Битола“?
Најверојатно поради фактот што сум битолчанец и го знам значењето на комбинатот за Битола, за Пелагонија и за државата. Шегата на страна, РЕК „Битола“ е нашиот најголем производствен капацитет, кој обезбедува околу 70 отсто од целокупното производство на електрична енергија на државните електроцентрали. Затоа, фигуративно велам дека е срцето и душата на Битола и државата. Без РЕК „Битола“ и произведената струја во него, состојбата и порано, а особено сега, во време на криза, ќе беше катастрофална за сите. РЕК „Битола“ од една страна е темелот на електроенергетскиот систем на државата, а од друга е економско-социјалниот столб на илјадници семејства и стопански субјекти што директно или индиректно се поврзани со неговата работа.
Во сите ваши планови за справување со енергетската криза и енергетските биланси вие сметате на континуирана работа на сите расположиви енергетски капацитети во државата. Но сведоци сме дека некои капацитети повремено поради разни дефекти се надвор од мрежата, а според предвидувањата не почна да работи ни третиот блок на РЕК „Битола “. Колку таквите дефекти негативно се одразуваат на неисполнувањето на вашите планови?

За жал, како што реков, во изминатите 30 години како држава не сме вложиле во изградба на нови електроцентрали, во нови производствени капацитети. А енергетиката е сектор во кој резултатите не доаѓаат брзо. Нашиот план за производство предвидува до крајот на грејната сезона ТЕЦ „Неготино“ да работи непрекинато со цел капацитет, РЕК „Осломеј“ да работи со одредени прекини, во согласност со потребите не системот, РЕК „Битола“ да работи со три блока, исто така, во согласност со потребите на конзумот. На располагање ги имаме и нашите хидроцентрали, така што јас сум убеден дека ќе ја изменаџираме успешно кризата со електрична енергија. Но ние паралелно работиме и на инвестиции во нови електроцентрали, пред сѐ во обновливи извори на енергија, како сончеви и ветерни електроцентрали, но тука е и големиот проект акумулација и хидроцентрала „Чебрен“, кој ќе се гради како јавно-приватно партнерство на АД ЕСМ со приватен партнер, за кој набрзо очекуваме одлука за избор и овој децениски проект од капитално значење да почне да се гради.
Енергетската криза придонесе некои од државите, па дури и Германија да се вратат на производство на електрична енергија од јаглен. Тоа го прави и Македонија. Дали оваа енергетска криза ќе ве одврати од т.н. зелена транзиција и насочување на државата во производство на струја од обновливи извори на енергија?
Апсолутно не. Зголеменото искористување на термоцентралите на јаглен и кај нас и во Европа е моментно, неопходно посегање по извори на енергија што ги има на располагање. Како што реков и во претходниот одговор, во нашата држава не се инвестирало во какви било енергетски капацитети 30 години и термоцентралите, без разлика на нивната дотраеност и амортизираност, се единствениот извор на електрична енергија на кој можеме да се потпреме во моментов. Но тоа апсолутно не значи дека ги заборавивме или прекинавме проектите за изградба на постројки во кои ќе се произведува зелена енергија. Напротив, во тек е реализација на 12 проекти од страна на АД ЕСМ, кои ќе донесат инсталирана моќност од 1.760 мегават-часа, што е повеќе од постојната инсталирана моќност на сегашните капацитети на ЕСМ од 1.420 мегават-часа. Од 2018 до 2022 година имаме нова инвестиција од 30 мегават-часа во когенеративна гасна електроцентрала КОГЕЛ и 10 мегават-часа фотоелектрична централа „Осломеј 1“. ЕСМ ја изгради и ја стави во функција и фотонапонската електроцентрала во „Осломеј“ – Кичево токму во услови на ковид-криза и на енергетска криза. Овој капацитет е прва фотонапонска електроцентрала во Југоисточна Европа изграден врз стар рудник за јаглен. Следува уште една сончева електроцентрала од 10 мегават-часа и една од 100 мегават-часа. Ние сме особено горди на овој проект бидејќи со него почна енергетската транзиција во Р Северна Македонија и по неговото комплетирање ние ќе имаме целосна замена на капацитетот од 120 мегават-часа на термоцентралата „Осломеј“ со капацитет од сонце од 120 мегават-часа. Овој наш зафат од страна на Енергетската заедница е даван за пример во други земји каде што,исто така, се спроведува енергетска транзиција.
Понатаму, уште четири фотонапонски електроцентрали од 280 мегават-часа ќе се градат во РЕК „Битола“ и гасна електроцентрала од 250-400 мегават-часа. Го прошируваме и ветерниот парк „Богданци“, а во постапка е финализирање на проектот за „Чебрен“. Сите овие се проекти и инвестиции во капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори бидејќи нашата определба останува како што е испланирано и во Националната стратегија за развој на енергетиката до 2040 година – постепена и праведна транзиција кон чисти извори на енергија.
Се наоѓаме на истекот на 2022 година. Иако е рано да се сумираат резултатите, сепак, дали вие сте задоволен од резултатите постигнати во годината што наскоро ќе стане минато?

Во едно од прашањата јас веќе споменав неколку податоци од производствениот биланс на компанијата за годинава. По календарското завршување на годината ќе ги сумираме секако резултатите од работата, но првично можам да кажам дека сум задоволен од остварените резултати годинава. Нашето производство од ден на ден се зголемуваше и тоа може да се види од секојдневните извештаи што ги објавуваат и Владата и АД ЕСМ. Со тоа произведено количество целосно се задоволуваат потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, но и значаен дел од количеството за дополнителните снабдувања што АД ЕСМ ги врши по задолжение од Владата, односно за училиштата, прехранбена индустрија, болници, технички загуби во мрежата на Електродистрибуција и МЕПСО итн. Дополнително, годинава го презедовме и снабдувањето со топлинска енергија во Скопје, што не беше ни малку лесна задача во вака комплицирани услови за работа. Исто така, работиме интензивно на проектот и Битола да добие парно греење преку РЕК „Битола“, односно проектот „Топлификација на Битола, Новаци и Могила“, чија изградба во првата фаза веќе е пристигната до градот. Затоа, сметам дека направивме многу и правиме сѐ што е во наша можност граѓаните да имаат непречено снабдување со струја и топли домови.
Која е вашата порака до граѓаните за идната година?
На граѓаните и на сите ваши читатели им ја честитам 2023 година и им посакувам здравје, среќа и успех. Ги повикувам и ги замолувам и понатаму одговорно да се однесуваат кон потрошувачката на електрична енергија, со цел ем помалку да плаќаат ем да има и за другите корисници. Вработените во АД ЕСМ и понатаму ќе вложуваат максимални напори за надминување на предизвиците во производството на електрична и на топлинска енергија. Се надевам дека со заеднички напори сите ќе успееме да ја пребродиме енергетската криза без последици, со надеж дека ова ќе биде последна грејна сезона со вакви екстремни тешкотии, кои, за жал, се исти насекаде околу нас во регионот и во Европа.