ГЕОПОЛИТИЧКИ ИГРИ, НОВИ ПРИЈАТЕЛСТВА И СТАРИ АМБИЦИИ
- Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, чувствувајќи го моментот на односите во нашиот регион, но и за случувањата на големата мапа, се понуди да посредува во наоѓање решение меѓу Скопје и Софија. Предлогот веднаш беше дочекан на нож од бугарскиот естаблишмент. Зошто? Што има лошо во дијалог и барање нови патишта на соработка?
- Досега не се објавени какви било детали за предлогот на унгарскиот премиер. Информациите од кругови блиски до кабинетот на премиерот Мицкоски велат дека првин меѓувладината седница, како и пораките на Орбан, треба да се гледа во еден поширок европски, но и глобален контекст. Притоа треба да се земе предвид дека Македонија не е изолирана и таа на извесен начин влегува во еден стратегиски интерес на блокот од Средна Европа, во кој на прва линија се Унгарија и Словачка, а веројатно наскоро и Австрија…
Возовите од Будимпешта до Солун, па и понатаму, во скора иднина ќе се движат, за балкански услови, со светлосна брзина. Тие ќе се движат и до 200 километри на час. Тоа е ставено на маса меѓу владите на Македонија и на Унгарија. Тука секако е и Србија, која веќе е при крај со тој проект на брзи врски на коридорот 10. Проект што е дел од една голема инфраструктурна мрежа, која ја гради и дел финансира Кина со својата иницијатива и проект „Појас и пат“. Од друга страна, возовите од Скопје до Софија ќе се движат со нулта брзина, а пругата е предвидено да завршува во тунел, кој завршува во карпа. Од другата страна на границата, на бугарска страна – ни толку. И ова е проект што го финансира Европската Унија. И ако сакаме некаква метафора или подлабока дефиниција на моменталните геополитички случувања во регионот, тоа е токму оваа приказна за возовите и за важноста на коридорите, кои зад себе имаат и политичка стратегија.
ПРЕДЛОГОТ НА ОРБАН ДОЧЕКАН НА НОЖ ВО СОФИЈА
Токму за проекти од областа на економијата, за нови перспективи и соработки се зборуваше на меѓувладината седница што минатата недела во Охрид ја водеа премиерите на Македонија, Христијан Мицкоски, и на Унгарија, Виктор Орбан. Настан што не само што дојде како мелем на рана предизвикана од бугарското-ЕУ вето на отворање преговори за Македонија, туку дава мастраф за посериозна анализа за она што веќе се случува во Европа и го зафаќа и нашиот регион. Дека Будимпешта не ни нуди алтернатива за ЕУ е јасно. Но премиерот Орбан затоа, чувствувајќи го моментот на односите во нашиот регион, но и за случувањата на големата мапа, како што е ризикот од голема војна на Блискиот Исток, се понуди да посредува во наоѓање решение меѓу Скопје и Софија. Предлогот веднаш беше дочекан на нож од бугарскиот естаблишмент. Зошто? Што има лошо во дијалог и барање нови патишта на соработка?
Унгарија е подготвена да посредува меѓу Бугарија и Македонија за да се најде решение „што е прифатливо за двете страни“, порача Орбан од Охрид, а како историска грешка го дефинираше одвојувањето на Македонија и Албанија на патот кон влез во ЕУ.
– Народите и земјите од Западен Балкан заслужуваат многу повеќе од она што го добиваат од Брисел. (Северна) Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година заедно со Хрватска. Оттогаш, Хрватите се веќе членка на ЕУ, а преговорите со Северна Македонија не се ни започнати. Ова е историска грешка, која може да се зголеми бидејќи земјата ќе биде ставена зад Албанија, за што не гледам причини. Ќе биде предизвик за владата да се бори против овој нефер третман – рече Орбан.
Тој притоа истакна дека „стабилноста на Западен Балкан и интеграцијата во ЕУ се многу важни“.
Според Мицкоски, само две страни биле задоволни од одлуката за раздвојување на Скопје и Тирана – „политичарите на источниот сосед (Бугарија) и опозицијата кај нас дома“.
– Не смееме да губиме надеж и да се разочаруваме, иако многупати сме биле разочарани. Жал ми е што ова се случува и што мораме повторно да бидеме жртви на билатерализацијата (на европската интеграција). Ќе продолжиме да работиме на прашањата дома. Добро е што имаме пријатели во ЕУ и тие пријатели сакаат да го прошират нашиот глас во ЕУ. Еден од тие пријатели е Виктор Орбан и ова што се случува овде во последните два дена е симбол на пријателство – рече Мицкоски.
СТРАВОТ НА ЕУ ДОАЃА ОД БЛИСКИОТ ИСТОК, А МАКЕДОНИЈА Е НА ПРВАТА УДАРНА ЛИНИЈА, А И БРАНИК ЗА ЕУ
Досега не се објавени какви било детали за предлогот на Орбан. Информациите од кругови блиски до кабинетот на премиерот Мицкоски велат дека првин меѓувладината седница, како и пораките на Орбан, треба да се гледа во еден поширок европски, но и глобален контекст. Притоа треба да се земе предвид дека Македонија не е изолирана и таа на извесен начин влегува во еден стратегиски интерес на блокот од Средна Европа, во кој на прва линија се Унгарија и Словачка, а веројатно наскоро и Австрија, зашто изборната победа на Партијата на слободата (ФПО) го најавува тој курс. На чело со Херберт Кикл, кој доби поддршка поради лошата економија и загриженоста дека Австрија ги прима имигрантите побрзо отколку што може да ги интегрира, ФПО освои околу 29 отсто од гласовите – рекорден резултат што може да ѝ овозможи на партијата платформа за водење на следната влада.
Во оваа агенциска реченица еден од клучните зборови се имигрантите и токму тука треба да се бара формирањето на стратегискиот блок (дел од Вишеградската група) во кој навлегува Македонија. Доколку на Блискиот Исток се развие поширока војна по сериозните израелско-либански (Хезболах) судири, во тој случај ќе се отворат и вентилите на имиграцијата, што Европа очајно би сакала да го избегне. Во такво многу возможно сценарио Македонија ќе се најде на првата ударна линија. Еднаш видовме како изгледаше тоа на нашите граници на југ, а македонската страна добро се справуваше со имигрантската криза. ЕУ го виде тоа, го призна, но наградата не дојде. Наместо награда, нѐ спакува во „идентитетски ковчег“, од кој сега се обидува да излезе владата на Мицкоски заедно со Вреди и ЗНАМ.
УНГАРСКИОТ ПАКЕТ ИНТЕРЕСЕН И ЗА ДРУГИ ЗЕМЈИ
Покрај оваа геополитичка игра, која сега ја води Унгарија, да не заборавиме дека е тоа дел од историскиот австро-унгарски простор во кој повторно е интересна Македонија, Будимпешта склучи еден пакет со Скопје тежок 500 милиони долари. Половина милијарда, што секако не помина незабележано во поширокиот регион. Секому му требаат пари, а ова е навистина многу добра сума пари. Се разбира, факт е дека „никој не ги дава попусто“, но во овој пакет не треба да се гледа само на парите, затоа што како што анализиравме погоре во прашање се интереси, геополитика, сфери на влијание. Дали Македонија ќе успее да се извлече од грчко-бугарскиот тег, кој има идентитетска нагласка за сите три земји, останува времето да покаже, но потезите на Мицкоски одат во таа насока. Колку помала историска тежина толку подобро за напредокот на земјата. А, сакале да признаат или не, и Бугарија и Грција влегоа во идентитетска фаза што се наметна грабајќи го тоа што им припаѓа на Македонците и на Македонија.
Според наши извори, пакетот на Орбан за Мицкоски бил интересен и за други земји од регионот и може да се очекува некоја наскоро да влезе во јатото. Ќе видиме тогаш како ќе се анализираат моменталните односи во поширокиот регион по бугарското ригидно вето и инсистирањето секогаш Бугарија да биде во право. Она што го кажа Орбан дека сака да посредува има голема тежина затоа што тој претседава со Унијата, затоа што беше во мировна мисија и во Москва и во Киев, беше во Кина и добро знае што се случува во конфликтните зони од Украина до Блискиот Исток и пошироко. За жал, Софија си остана на своите ставови, а тоа ќе значи дека односите со Македонија во скоро време ќе бидат под мраз. Сепак, нешто силно ѝ тропа на врата – притисокот од Стразбур и барањето да ги признае правата на Македонците. Веројатно дел од ригидниот, па дури и непријателски однос на Софија кон Македонија лежи и во притисокот што го стави Комитетот на министрите на Советот на Европа.
Софија и Брисел премолчуваат дека преговарачката рамка може да се менува
Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев од ЕПП рециклира стари ставови
„Единствената европска преговарачка рамка за Македонија нема да пукне, без разлика колку Виктор Орбан ги нуди своите услуги“, дециден е бугарскиот европратеник Андреј Ковачев од ЕПП. Тој потсети дека поранешниот премиер Никола Груевски побегнал во Унгарија, а голем дел македонски „медиуми на ВМРО-ДПМНЕ се во рацете на Унгарците и не се, во најмала рака, многу пријателски расположени кон Бугарија и недостига духот на добрососедство“.
По повод предлогот на Виктор Орбан неговата земја да биде посредник меѓу Бугарија и Македонија, Ковачев додаде дека нема потреба за тоа.
Според него, главната теза на властите во Македонија е дека „патот на РСМ кон Европа е блокиран од Софија, Бугарите се лошите момци и тие се виновни за сè“.
Она што сакаат да го прескокнат и Софија и Брисел е дека преговарачката рамка може да се менува, а во македонскиот случај и – мора. Првин во катастрофално лошо скроениот Договор за добрососедство и соработка никаде нема точка во која Македонија се обврзува да ги стави Бугарите во Уставот. Тоа е направено во преговорите што по потпишувањето на тој договор ги води владата на Заев и ноншалантно заедно со министерот Бујар Османи во вториот протокол си преземаат обврска дека ако не влезат Бугарите во Уставот, нема ни да се отворат преговори за поглавјата. Но протоколите ја немаат тежината на духот и словото на Договорот. И ако веќе се бара компромис, тој е тука некаде. Х.И.