Фото: Министерство за надворешни работи и надворешна трговија

Али Ахмети уште живее во фолклорот од времето кога првпат има земено учество во владата од 2002 година. Поминати се многу години, повеќе од 20 од времињата во коишто е заглавена неговата свест, ијзави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во врска предлозите на лидерот на ДУИ дадени на партискиот конгрес за воведување „Бадентер“ при избор на Владата и во носењето на одлуките во Уставниот суд.

– Можеби длабоко во себе знае дека сите овие работи за коишто зборува се нереални, но очигледно се чувствува дека му е стеснет политичкиот простор и нема друга тема на којашто може да дискутира. Јас не верувам дека има во оваа држава млад Македонец, Албанец, Турчин, Ром, Влав, којшто верува во сите овие работи. Јас знам дека нашите граѓани очекуваат да обезбедиме подобри услови во делот на стандардот на живеење. А овој политички фолклор е фолклор којшто потекнува од период којшто е од пред 20, па и повеќе од 20 години, но недостатокот на креативност и визија е причината зошто ДУИ е во опозиција. А по оваа реторика којашто доаѓа од господинот Ахмети, тоа што мене ми станува сè појасно, е дека ДУИ уште еден подолг период веројатно ќе мора да остане опозиција – нагласи Муцунски во интервју за 360 степени на МТВ.

Муцунски рече дека неспорно е дека „Бадентер“ е дел од нашиот уставно-правен поредок, но истовремено не е механизам којшто се користи за избор во влада, за гласање во Уставниот суд.

– Вие замислете хипотетички кога би дозволиле „Бадентер“, еве да се согласиме, што не се согласуваме, од старт ви кажувам, Уставниот суд да го претвориме во алтернативен, втор законодавен дом во државата? Не е тоа неговата функција. Од уставно-правна гледна точка, јас ви кажувам, апсолутно нелогично е тоа што го зборува господинот Ахмети. Од гледна точка на државното уредување, исто така е нелогично. Неспорно е дека на моменти има одредена комплексност при обезбедување на „Бадентер“, но тоа што би ви го кажал е дека во актуелниот мандат на владата, законите коишто се поврзани со Бадентер во огромен обем (не сите, но во огромен обем) се закони поврзани со европската интеграција на државата – закони коишто ќе имаат европско знаменце. И на крајот на денот, ако пратениците од опозицијата одлучат дека не сакаат да поддржуваат закони коишто се дел од европската агенда, тоа е па една потврда за друга лицемерност. Постојано на прес-конференции повикуваат за забрзување на процесот на европска интеграција, но еве гледаме како за тесни политички интереси не обезбедуваат Бадентерово мнозинство за закони коишто се поврзани со европската интеграција – додаде Муцунски.

Прашан во врска со конгресот на ДУИ и присуството на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓија Сајкоски и заменик-координаторката на пратеничката група Дафина Стојаноска, имајќи го предвид квалификациите што ги користи ВМРО-ДПМНЕ за ДУИ во политичката комуникација, Муцунски посочи дека квалификациите што ги користат за ДУИ се квалификации коишто се реален репрезент на тоа што таа политичка партија го прави во своето тековно функционирање.

-Нашиот однос кон ДУИ и нашиот став за ДУИ е кристално јасен. Веројатно во некои моменти и за нас можеби било полесно да се направи коалиција со ДУИ, но сме одлучиле да одиме по потешкиот пат, бидејќи сме верувале дека за ДУИ е добро да почнат процесите на внатрешна реформа и партијата да замине во опозиција. Така што, нашиот однос кон ДУИ најдобро се рефлектира преку тоа што се гледа каде е ДУИ сега. ДУИ, поради цврстото позиционирање на ВМРО-ДПМНЕ, е во опозиција. И ДУИ, поради силното политичко дејствување на ВМРО-ДПМНЕ, остана во опозиција и по завршување на локалните избори – рече Муцунски.

За присуството на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ на конгресот, нагласи дека тие се политичка партија којашто ја цени демократијата и демократските вредности.

-Тоа значи дека ние, можеби не се согласуваме по однос на политички ставови коишто ги имате, можеби и ќе дејствуваме сè што можеме да превенираме ваше учество во активното работење на власта, но тоа не значи дека ние нема да ве почитуваме. Ние треба да ги почитуваме сите политички субјекти во државата, на коишто граѓаните во некоја форма им даваат легитимитет. Има многу политички субјекти со коишто и јас лично имам дијаметрално спротивставени позиции, не само по однос на нивното функционирање, туку по однос на нивната идеолошка поставеност, по однос на нивните стратешки определби. Но, тоа не значи дека доколку тие нè поканат да бидеме присутни на нивен конгрес, нема да им дадеме минимална почит. Јас ги почитувам и тие со коишто не се согласувам, и токму присуството мислам дека беше еден знак на меѓусебна почит дека сите учествуваме во политичкиот живот во оваа држава и сите имаме некоја форма на поддршка дадена од страна на граѓаните – рече Муцунски.