Вицепремиерот Артан Груби на социјалната мрежа Фејсбук објави видео на кое лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пее заедно со пејачот Илир Шаќири.
И претходно беше објавена снимка на која Ахмети е прикажан како пее. По повикот од т.н. „огнена група“ од ДУИ до Ахмети – „да не го пали јорганот за една болва“, на социјалните мрежи и во медиумите во јануари кружеше видео на кое Ахмети, со цигара в рака, пее албанска песна, што според дел од албанските медиуми претставуваше порака до „огнените“.
Груби на својот фејсбук-профил го најави и големиот митинг закажан за денеска во Чаир (од 19 часот), на кој ќе присуствува и Ахмети. Овој собир во скопски Чаир доаѓа откако Ахмети, за координатор на огранокот на партијата во Чаир го назначи Бујар Османи, место кое долго време му припаѓаше на Изет Меџити, лидерот на т.н. „огнена група“ која бара промени во врвот на партијата.