Претседателот на Собранието Талат Џафери најверојатно ќе ја води комисијата за помирување што би се формирала по иницијативата на осумтемина пратеници, но ќе се чека на ставот на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Ова е еден од заклучоците на денешната средба на координаторите на пратеничките групи со претседателот на Собранието Џафери, прва по гласањето за уставни измени во петокот.
Во Собранието се очекува и информација дали осумтемина пратеници од опозицијата кои гласаа „за“ ќе формираат пратеничка група односно какво ќе биде нивното натамошно дејствување во Парламентот. Според собраниски извори, осумтемината пратеници имаат средба по која ќе биде соопштено како ќе функционираат во Собранието.
Засега до Кабинетот на претседателот на Собранието нема пристигнато известување за нова пратеничка група. Во тек е пленарна седница на која од редовите на опозициската ВМРОДПМНЕ присуствуваат само двајца пратеници, како и Панчо Минов, кој најави дека ја напушта пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ по разрешувањето на потпретседателот на партијата Митко Јанчев.