Собраниската седница на која најдоцна до полноќ треба да се гласа за доверба на Владата, почна со присуство на 60 пратеници, откако претседателот на парламентот Талат Џафери ја напушти бидејќи не ја поддржува иницијативата поднесена од опозицијата. Тој го повика потпретседателот на Собранието Фадил Зендели да ја води седницата по што даде пауза од десет минути.
На седницата не присуствуваат пратениците од СДСМ и од ДУИ. Меѓу присутните се премиерот Зоран Заев и другите членови на Владата, како и двајца пратеници кои се во изолација поради коронавирус – координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ангелика Петкова.
Иницијативата за гласање доверба на Владата со 61 потпис ја поднесоа опозициските ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Левица и БЕСА. Својот потпис од иницијативата вчера го повлекоа претседателот на Левица Димитар Апасиев, но и 16 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, по реакција на пратеникот Скендер Реџепи Зејд од Алтернатива.
За Собранието да ја изгласа одлуката за недоверба на Владата потребно е мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако биде изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка, предвидува Уставот. Но, останува да ја извршува функцијата се до изборот на нова Влада.