ГОРДАНА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА
Зошто сметате дека токму вие сте најдобриот избор за граѓаните и кои се клучните фундаменти на вашата програма?
Во време на длабока уставна и политичка криза ценам дека фундаментот од кој мора да почне реформата во секоја сфера е токму она што е содржано во слоганот на мојата кампања: правото и правдата! Ова е време на ерозија на сите вредности, уставни и морални, а издигањето на државниот систем од пепелот во кој е престорен бара колективен ангажман: затоа и велам дека татковината повикува! Повикот е упатен кон сите што се чувствуваат онеправдани, изневерени, измамени, разочарани и понижени. Ценам дека располагам со знаење и искуство за да бидам и предвесник и предводник на овие реформи. Бидејќи ако не успееме, цената ќе биде превисока. Државата е политичка заедница (дејствувањето за јавното добро, рес публица, е дејствување за-едно и заедно), а тоа е она што претседателската функција го симболизира и кон дома и кон надвор. Имам респект за двајцата противкандидати, но мислам дека е време жена и уставен правник да почне да ги средува работите. Јас лично, или генерално претседателот на републиката, ниту сум монарх ниту чудотворец, но мојот избор ќе значи вртење нова страница. Тоа можам да го ветам.
Каква е вашата оцена на односите со соседите (Грција, Бугарија, Србија, Албанија, Косово), но и со вкупната меѓународна заедница и големите сили, САД, Русија, Кина, и какви се вашите позиции за градење на меѓународната политика на државата?
Ова е премногу сложено прашање за да го одговорам накратко, но ќе се обидам. На односите со соседите мораме да гледаме како на суштествен дел на надворешната политика, бидејќи способноста за соработка на европско ниво се докажува најнапред во сопствениот регион. Односите со соседите се навидум одлични, ама тоа е сторено по многу висока цена барем кога станува збор за Грција и Бугарија, а без притоа да се биде еднаков и проактивен. И во однос на соседите, но и во однос на нашите западни сојузници, треба да ги зајакнеме не само традиционалните форми на дипломатско општење, туку да ги приближиме општествата и граѓаните, и особено младите. Мораме да се запознаваме и така да градиме доверба и чувство на регионална, па и европска припадност. Затоа, мојот акцент ќе биде на неколку регионални иницијативи и на развивање на јавната, економската, културната, академската и други облици на дипломатија. Друг приоритет, во соработка со Владата, мора да биде подобрувањето на инфраструктурата (видете го само „меѓународниот пат“ до Софија, како да е локален пат од пред сто години, па 200 км се минуваат за 4-5 часа!). Третиот домен е соработката на безбедносен план, во борбата против трговијата со наркотици и луѓе, транснационалниот криминал и терористички мрежи. Владата е нужно да биде фокусирана кон подигнување на соработката со НАТО, ЕУ и со САД, но мојот кабинет ќе тежнее кон мултивекторска надворешна политика со другите важни сили и економски џинови, особено Кина и земјите на БРИКС.
Како замислувате да бидете претседател на сите граѓани, како да се дистанцирате од ставовите на партиите и да дејствувате натпартиски, кога во земјата постои длабока партиска поделеност на што укажуваат редица релевантни институции домашни и меѓународни и, со други зборови, кој е вашиот рецепт за надминување на длабоката политичка поларизација на државата?
Една од причините зошто се нафатив за овој политички предизвик е токму затоа што претседателската функција е уникатна по тоа што ја извршува поединец, а тој/таа може да се постави со сиот личен морален кредибилитет, интегритет и политички легитимитет. Задоволна сум со соработката и поддршката што ја добивам од ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери, но однапред кажувам дека никому нема да му бидам „должник“: нам заедничка цел ни се Македонија, општиот и националниот интерес. Тоа е она што нѐ обединува, но во вршењето на функцијата мене ќе ме обврзува лојалноста кон Уставот и кон татковината. Затоа, планирам да бидам многу активна претседателка, особено во официјалните контакти со Собранието, Владата, медиумите и граѓаните. Единствен лек за партизацијата е правната држава, која сега ја немаме, ама мораме да ја вратиме и да ја укинеме тенденцијата на самовластие, олигархиско владеење и приватизација на сите државни функции.
Ваша оцена за степенот на демократијата и слободата на медиумите во Македонија, борбата со корупцијата и непотизмот, односно за сите забелешки што се посочуваат во извештаите за нашата држава и какво е вашето согледување за да се поправат состојбите?
Всушност, во целата кампања, а и претходно, моите клучни критики за сите овие прашања ги изложувам аргументирано и со факти. Овде не станува збор за оцрнување на политичкиот противник, туку на начинот на кој ја практикува власта и со тоа им нанесува штета и на граѓаните и на државата. За слободата на медиумите доволно зборува начинот на известување за изборите, и мислам тоа посматрачите однадвор ќе го нотираат. Додека тече кампањата, зад сцената и натаму се одвиваат скандали, пазарења итн. Од позиција на претседателка ќе бидам гласот на совеста, правото и на народот. Таму каде што имам овластувања ќе дејствувам конкретно, а таму каде што немам ќе обзнанувам и ќе укажувам. Тоа може да биде стимулативен фактор во мобилизацијата на граѓаните и партиите да се ангажираат заедно во отстранувањето на овие деформации на системот.
Во кампањата клучна тема се дебатите поврзани со Преспанскиот договор, иако во предизборието доминираат и други теми како иселувањето на населението и економските прашања, кои, всушност, не се области во надлежност на претседателот. Како ги објаснувате вие овие две работи?
Видете, последниве две трауматични години за Македонија придонесоа за акумулирање на многу гнев, фрустрации и барања на разочараните граѓани. Изборната кампања е за нив не само вентил, туку и можност да ги искажат своите позиции преку прашања упатени до нас, кандидатите. Жалам што и овие избори не можат да бидат обични, здодевни и фокусирани само на тесните овластувања на претседателот, бидејќи Македонија се наоѓа на крстосница, а власта одби да распише предвремени избори, иако морално и политички беше должна да го стори тоа, по сѐ што презеде на своја рака изминатата година. Власта може да бега, ама граѓаните имаат право да поставуваат прашања: прашањата до мене, а особено до Пендаровски, се легитимни прашања на загрижени граѓани чии деца сѐ помасовно заминуваат од земјата. Во кампањата се обидувам да бидам чесна и да не ветувам нешта што реално сама нема да можам да ги завршам, ама укажувам дека будноста и граѓанскиот ангажман се единствен начин, низ повеќе политички чекори и промени, да ги поставиме нештата на вистински колосек, на кој ќе нѐ водат принципите на владеењето на правото и правдата за сите, па и за Македонија во меѓународните односи.
Што би претставувало за вас успех во првиот круг на изборите во смисла на бројот на гласови и одзив и каква е вашата дефиниција за кристално чисти избори?
Во моментов, не калкулирам со бројки, бидејќи зад бројките стојат вистински луѓе, луѓе што бараат право, правда и надеж дека нештата ќе се променат на подобро. Начинот на кој сум примена на терен ми дава право да верувам во успешен прв круг, со мнозинство гласови на моја страна. Вистинскиот предизвик ќе биде вториот круг, и тогаш многу нешта ќе се разјаснат и дилемите ќе се отстранат. Дефинициите за „кристално чисти“ или „добро организирани“ избори се резултат на изборните нерегуларности од изминатите години, но и на недовербата и симнатите стандарди кај меѓународните посматрачи. Во ваква политичка атмосфера, во ситуација кога целата влада на чело со премиерот е активно вклучена во кампања, наспроти сите меѓународни стандарди, мораме да бидеме будни. Јас сум експерт за избори на ОН и, верувајте, знам дека демократски избори се само оние што се фер и регуларни, спроведени во согласност со законот и меѓународните кодекси. Не сум ослободена од сомнежи, но подготвена сум да се борам, дури и кога нема ни В од витешка борба на аргументи на која се надевав. Очекувам меѓународните и домашните набљудувачи да бидат објективни, не заради нечиј интерес, туку заради Македонија и нејзината европска иднина.