Правописни грешки и примери на неписменост се среќаваат на секој чекор, на рекламни паноа, сообраќајни знаци, информативни табли, разни известувања, реклами, имиња на фирми, огласи…
За промовирање, па и за одбрана на јазикот на надворешен план треба да работиме сите ние, од дипломатијата, па до секоја единка во нашето општество што има можност да го промовира јазикот надвор. Но се чини дека македонскиот јазик најголемите девалвирања ги доживува тука, на нашиве простори, во нашата држава
Поразителната вистина дека „неписменоста царува на секој чекор“
Во време кога државата се соочува со напади врз нејзиниот идентитет, токму македонскиот јазик е постојана и примарна цел на континуирана кампања од соседите, кои се обидуваат да го негираат и сведат на „јазик во согласност со Уставот“ или јазик обележан со фуснота.
За афирмација, но и за одбраната на македонскиот јазик на надворешен план треба да работат сите, од дипломатијата, па до секоја единка во нашето општество што има можност да го промовира јазикот надвор. Но се чини дека македонскиот јазик најголемите девалвирања ги доживува тука, на нашиве простори, во државата.
Недозволиво многу граматички и правописни грешки
Правописни грешки и примери на неписменост се среќаваат буквално на секој чекор, на рекламни паноа, сообраќајни знаци, информативни табли, разни известувања, реклами, имиња на фирми, огласи…
Во сето „потсмевање“ што некој го прави на ваквите лапсуси се крие една горка вистина, дека сè поголем број граѓани немаат основна писменост и не си го познаваат правописот на сопствениот мајчин јазик. Тоа, во недостиг од институција што ќе го контролира и санкционира тоа, претставува огромен чекор назад во борбата за заштита на јазикот.
– Состојбата е таква од неколку причини. Најпрво проблемот со непознавањето на основите на македонскиот правопис лежи во самиот образовен систем, особено по предметот Македонски јазик. Таа слабост на образовниот систем се должи на лошите програми по предметот, како и во губењето на интересот на нашите млади кон македонскиот јазик, од причина што поради неповолната економско-финансиска клима во земјава, тие сè повеќе својот интерес го насочуваат кон јазиците што се зборуваат во западните развиени земји, пред сè, кон англискиот и германскиот, но и кон францускиот, италијанскиот, шпанскиот… – вели Елка Јачева-Улчар, научна советничка при Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Законски, секој јавно изложен текст во писмена форма треба да биде лекториран
Таа како втора причина за негрижа кон македонскиот јазик, особено институционално, ја гледа во непочитувањето на Законот за употреба на македонскиот јазик, според кој – секој јавно изложен текст во писмена форма треба да биде подложен на лектура.
– За жал, голем број медиуми, портали, национални телевизии, министерства и други владини и невладини правни субјекти во земјава егзистираат без вработен лектор. Ова зборува за една наша тотална негрижа спрема македонскиот јазик, без да имаме на ум дека – ако сами не си го негуваме, штитиме, планираме и изучуваме нашиот јазик, никој не ќе го направи тоа наместо нас – порачува Јачева-Улчар.
Социологот Илија Ацевски е посебно загрижен што ваквите примери со неписменост се јавуваат во институциите.
– Ако таквите примери се јавуваат во институциите, тогаш се наметнува прашањето како тие институции дозволиле луѓе без основна писменост да се најдат таму на работа. Истите тие луѓе се претставници на институциите и можете да замислите како изгледа кога една државна институција генерира неписменост. Не се тие индивидуи на кои може и да им се прогледа низ прсти. Несомнено сето ова е производ на лошо образование што придонело за ваквите состојби – смета Ацевски. Според него, лошиот образовен систем генерира вакви појави и ќе продолжи и во иднина да генерира ако образованието не се подобри.
И некои од порталите продуцираат неписменост
Голем број граматички и правописни грешки има и кај некои од електронските медиуми и порталите, кои наместо да бидат чувари на писменоста, тие за клик повеќе и желба за сензационализам целосно ги занемаруваат јазичните правила.
Таквите портали, кои најчесто функционираат со еден човек, ниту имаат редакција, ниту новинари, а уште помалку лектори, така што текстовите некогаш ги изработуваат и лица што немаат допирни точки со новинарството.
– Секој ден гледам дека се појавуваат разни портали и во нив има текстови со примамливи наслови, но кога ќе ја отворите веста, забележувате дека се преведени со „Гугл транслејт“. Речениците немаат никаква логика, половина зборови се на латиница, половина на кирилица, така што тешко може да се сфати поентата на текстот. Очигледно никој не ја контролира нивната работа, така што нормално е и на овој начин да се шири неписменост – вели Јовица Ѓорѓиевски, филолог.
Професорот Људмил Спасов од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ истакнува дека сите медиуми имаат обврска да ги лекторираат текстовите за да не се случува да излегуваат во јавност неписмени содржини.
– Сите имаат обврска да ги лекторираат текстовите, вклучувајќи ги и порталите, но најверојатно не им се даваат пари за ангажирање лектор и затоа се појавуваат текстови што се тешко разбирливи. Неписменоста на моменти е многу лоша, понекогаш текстовите се преведени со „Гугл транслејт“ и затоа тие се често нелогични и на граница на глупост – посочува Спасов.
Тој додава дека голем дел од тие луѓе што работат на порталите не се новинари, туку се хонорарци што немаат добри познавања на јазичните норми на македонскиот јазик.
– Добар дел од тие што работат во дел од порталите се хонорарци што работат за мали пари, а тоа им одговара на сопствениците и затоа се произведува толкава неписменост. Треба да се почитува Законот за употреба на македонскиот јазик, што подразбира дека секој новинарски текст треба да подлежи на лекторирање. Разбирам дека на тие помали портали им доаѓа скапо да ангажираат лектор, но во тој случај нека им се одземе лиценцата за работа, оти тој портал покрај тоа што продуцира неписменост, прави и нелојална конкуренција за оние што го почитуваат законот и ангажираат лектор што ги контролира текстовите – заклучува професорот Спасов.