Според истражувањето на американскиот магазин „Политико“, просечниот лидер во ЕУ сега има под 50 години, а сето е резултат на генерациските смени и на популистичките политики, кои ги водат, условно кажано, младите политичари

Додека многумина веруваа дека за надминување на долгогодишната европска финансиска криза беше потребно искуство, практиката го покажа токму спротивното, при што предност ѝ се дава на младешката енергија наспроти искуството. Ваквиот тренд се согледува и во тоа што Европа ја зафати бран млади државници што победуваат на изборите.
Американскиот магазин „Политико“ пишува дека овој тренд почна во 2015 година, кога на власт дојде грчкиот премиер Алексис Ципрас, па оттаму состојбата се прошири во најголемиот број држави на Стариот Континент.
Магазинот истакнува дека сепак овој тренд целосно не ја зафатил Европа, бидејќи има исклучоци.

– Сите европски лидери сепак не се млади – германската канцеларка Ангела Меркел наполни 63 години на 17 јули. Потоа Александар Гауланд, лидерот на партијата Алтернатива за Германија, има 77 години, Тереза Меј 61 година, Реџеп Таип Ердоган 64 години и други – пишува магазинот.
Весникот потсетува дека ваквата европска слика не важи за светот, а како типичен пример за староста на политичарите го истакнува американскиот претседател Доналд Трамп, кој има 71 година.
Според истражувањето што го спровел американскиот магазин на темава, просечниот лидер во ЕУ сега има под 50 години, а сето е резултат на генерациските смени и на популистичките политики, кои во најголем дел ги водат, условно кажано, младите политичари.

– Во 2018 година, во Европа е тренд и хит да си млад и машки политичар, кој води десничарски антиестаблишмент-политики – пишува „Политико“.
На истата тема неодамна осврт имаше и британскиот весник „Фајненшл тајмс“, чиј колумнист Тони Барбер ситуацијата во Европа ја објасни со зборовите на истакнатиот американски писател Марк Твен, кој напишал дека можеме да кажеме дека возраста на политичарите е нешто што постои само во главите, а ако избирачите не размислуваат за тоа, возраста на нивните лидери нема значење.
Весникот во својата анализа напоменува дека актуелниот тренд исфрлува група млади политичари на лидерски позиции, а најеминентен за тоа е 40-годишниот Емануел Макрон, кој е најмладиот претседател на Франција по Наполеон Бонапарта.
– Оваа ситуација е уште поизвонредна, бидејќи повеќето европски земји од ден на ден се со сѐ постаро население – пишува „Фајненшл тајмс“.

Според весникот, други примери неодамна го вклучуваат 38-годишниот Лио Варадкар, кој беше избран за најмлад премиер на Ирска, како и Јуриј Ратас, кој исто така на 38 години стана премиер на Естонија, а од обновувањето на независноста во 1991 година оваа земја редовно избира млади лидери. Тави Ривас, претходникот на Ратас, беше на 34 години, кога ја презеде функцијата во 2014 година – пишува весникот.
Уште се потсетува и дека релевантен пример за овој тренд воспостави Австрија по победата на Себастијан Курц, кој стана лидер на централнодесничарската Народна партија во мај на 30 години.
– Курц навистина е политичкото „дете-ѕвезда“ на Централна Европа, бидејќи тој имаше 27 години кога стана министер за надворешни работи на Австрија во 2013 година – пишува „Фајненшл тајмс“.
Медиумот ги нотира и европските премиери што се малку над 40 години, 41-годишниот Белгиец Шарл Мишел, 43-годишниот Малтежанец Џозеф Мускат и 44-годишниот лидер на Луксембург, Ксавиер Бетел.
– Освен што се млади, овие лидери во голема мера се прагматични, реформско настроени и со нетрпение сакаат да ја оддалечат политиката надвор од традиционалната битка меѓу левите и десните. Тие се и силно посветени на успехот на еврозоната и ЕУ – се вели во текстот.

Во Македонија, пак, од друга страна, трендот со младите политичари што заземаат високи државни функции е активен уште од времето на нашата независност и тој трае досега. Почнувајќи од времето на Бранко Црвенковски, кој имаше само 29 години кога стана вториот премиер на државата, па Љубчо Георгиевски, кој на истата функција во 1998 година дојде на 33 години. Овој тренд го продолжи потоа и Никола Груевски, кога ја освои власта во 2006 година на свои 35 години. Во оваа група политичари под педесет години се вбројува и актуелниот премиер Зоран Заев, кој има 43 години. Ваквиот тренд во нашата земја не е присутен само кај премиерите, туку тој е видлив во многу примери и на министерско ниво, но и на ниво на градоначалници во локалната самоуправа.
Виктор Петковски од Либералната унија на младите на Македонија вели дека клучот за успешно функционирање на отвореното демократско општество е во приближувањето на политиката до младите, не до дел од нив, туку до сите нив, затоа што се однесува на сите, затоа што, сакајќи или не, сите учествуваат во неа.


Македонските солисти наспроти „оркестарот“ на Ципрас со 70 советници

Во контекст на спојот на политиката и искуството, како пример за нотирање вреди да со посочи и актуелната состојба меѓу преговарачките тимови на Македонија и на Грција, поврзана со наметнатиот спор за името.
Во многубројните пишувања на медиумите е познато дека грчкиот тим советници во врска со спорот за „прашањето за името“ од почетокот на меѓународниот проблем досега ретко или воопшто не се менува. Тимот е составен од искусни луѓе (историчари, академици и професори), кои во самата срж го познаваат проблемот и ја извршуваат оваа функција од деведесеттите години досега. Во експертските кругови се коментира дека само за спорот за името Ципрас има дури 70 советници. Состојбата во Македонија е сосема спротивна. Нашиот тим е мал, често се менува неговиот состав и, според изјавите на домашните политичари, нашите преговарачи Никола Димитров и Зоран Заев често настапуваат како солисти.