Една година откако Република Македонија стана Република Северна Македонија
Што се промени суштински во државата по промената на името, дали денес македонските граѓани се чувствуваат посреќни, поевропски и погорди или, можеби, некои од нив чувствуваат срам и горчина од целата оваа ситуација. За овие прашања побаравме мислење од видни интелектуалци, професори, но и од претставниците на различните етнички заедници во државата
Денеска навршува една година откако државата го смени своето уставно име Република Македонија и беше преименувана во Република Северна Македонија, по барање од Грција и долгогодишните уцени, блокади и вета на нашите евроатлантски аспирации. Начинот на кој беше спроведена целата оваа постапка горе-долу ѝ е позната на јавноста и може наједноставно да се опише како контроверзна од политички, но пред сѐ од правен аспект. Но што се промени суштински во државата по промената на името, дали денес македонските граѓани се чувствуваат посреќни, поевропски и погорди или можеби некои од нив чувствуваат срам и горчина од целата оваа ситуација. Дали новото име донесе подобар живот и посреќна иднина или уште повеќе ни го загорчи животот и нѐ оддалечува од европските перспективи, со оглед на новите уцени и барања од соседите.
За овие прашања побаравме мислење од видни интелектуалци, професори, но и од претставниците на различните етнички заедници во земјава.
Универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски, коментирајќи го чинот на менување на уставното име, објаснува дека целата процедура од денешна перспектива била направена незаконски и противуставно.
– Прво, сметам дека, во законска смисла, името на Република Македонија не е променето, бидејќи самата власт е незаконски конституирана, почнувајќи од второ давање мандат за премиер, нешто што со Уставот на РМ не е предвидено. А токму тоа беше направено. Откако Груевски не успеа да собере собраниско мнозинство, мандатот му беше даден на Зоран Заев. Понатаму, не се знае врз основа на кој правен акт, легално прекинатата собраниска седница од страна на тогашниот претседавач на Собранието, Трајко Вељановски, некој ја продолжи. Тоа е плус аргумент дека оваа власт не е избрана според предвидените процедури. Трето, нема записник од изборот на претседател на Собранието. Се говори дека бројот на пратениците што гласале „за“ е 58. Четврто, промената на името не е извршена, бидејќи истото тоа не е потпишано од претседателот на државата, туку од проблематично избраниот претседател на Собранието Талат Џафери. Петто, референдумот не успеа. И, во таква ситуација, како може да се говори за законска и уставна промена на името на Република Македонија – објаснува Цуцуловски.
Според професорот Цуцуловски сето тоа наведува на заклучок, кој упатува на тоа дека законски името на држава и понатаму е Република Македонија.
– Резултатите од сите претходно споменати незаконски и неуставни постапки (можат да се спомнат уште многу други) е целосно непочитување на законите и воведување волунтаризам во водењето на државата, без какво и да е почитување на законите и процедурите. Во таква ситуација граѓаните се збунети, но и револтирани. Комбинацијата на збунетост и револтираност може да биде многу непријатна за постојната владејачка структура и за овој момент владејачка структура мора да води сметка. И, конечно, повеќепати нагласував, сега уште еднаш нагласувам, дека кој како дошол на власт, така ќе владее. А како ќе владее, така и ќе замине од власта – завршува Цуцуловски.
Од друга страна, професорката од Правниот факултет од Институтот за политички науки, Ана Чупевска, тврди дека со двата договора со соседите, од кои подоцна од еден од нив произлезе и промена на името, е направен огромен исчекор во нашата надворешна политика и од изолирана земја, државата доби меѓународен субјективитет.
– Ноторен факт е дека со двата договора, оние со Бугарија и со Грција, решивме билатерални прашања што долго време беа ескивирани и конечно имаме успешна надворешна политика. Имено, од изолирана земја добивме меѓународен субјективитет.
Направивме многу концесии за да се случи тоа, каде што, за среќа, и ЕУ и НАТО се засегнати во смисла на обврски што ги имаат спрема нас. Се разбира, шокирачко беше француското „не“ и оправдани се разочарувањата во таа насока. Но тоа разочарување не смее да прејде во очајна патетика зашто во наш интерес е да продолжиме со аплицирање на трансатлантските и европските либерално-демократски вредности. За нас вратата е отворена и очекувам грешката да се поправи – смета Чупевска.
Претседателот на Партијата за движење на Турците во Македонија (ТХП), Енес Ибрахим, во изјава за „Нова Македонија“ објаснува дека една година по промената на уставното име, веќе се видливи резултатите и земјата е попросперитетна отколку што била.
– Стратегиска определба ни се НАТО и ЕУ. Со години со Грција моравме да се договориме и да најдеме компромис околу нашето уставно име. Со потпишувањето на Преспанскиот договор тоа се случи и компромисот стана реалност. Оттука деновиве гледаме дека сме веќе членка на НАТО и веруваме дека ќе добиеме датум за преговори со ЕУ напролет. Доколку не се променеше името, сево ова ќе беше нереално, а земјава и понатаму ќе беше заробена држава, која и понатаму ќе тонеше во регионот. Инвестициите веќе се реалност, а иднината ќе биде уште подобра за сите граѓани во периодот што следува – објаснува Ибрахим, претседателот на Партијата за движење на Турците во Македонија.
Во меѓувреме, претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ, смета дека процесот сѐ уште не е завршен и доколку во иднина тој не се менаџира добро, може да има катастрофални последици.
– Генерално, ако набљудувате во внатрешниот свет на граѓаните не се промени ништо важно. Чувството на припадност и идентитет на граѓаните многу тешко се брише. Многу поголеми промени настанаа во политиката, која секојдневно сепак влијае врз граѓаните. Промената на името полека почна да ги покажува своите негативни последици. Од оспорување на историјата, до идентитетот дојде дури и до економска криза, која владее во моментов во земјава, која, пак, е предизвикана токму од промената на името – оценува Стоилковиќ.
Според Стоилковиќ, со промената на името е настаната една општа ерозија на институциите и на општеството во целост и во таа насока допрва граѓаните генерално ќе ги почувствуваат промените на негативно, кои сѐ уште се свежи од белезите при промената на името.
– Процесот што следува, доколку не биде добро менаџиран, ќе ни донесе катастрофални последици. Во секој случај без рани не можеме да излеземе надвор од целава оваа приказа – дополнува Стоилковиќ.
Политичкиот аналитичар Исмет Рамадани смета дека договорот од Преспа донел повеќе позитивни отколку негативни работи и дека една година подоцна се гледа заздравување на општеството по промената на името.
– Мислам дека со договорот со Република Грција и со промената на името со географска одредница, Република Македонија доби во однос на можностите за членство во НАТО и во ЕУ, која беше и е стратегиска определба на Македонија уште од 1990-тите години. Во однос на идентитетот и јазикот, мислам дека дефинитивно е потврдено и тука нема никакви промени. Македонскиот народ не треба да се тревожи дали ќе бидат граѓани на една држава што ќе има многу јасна перспектива, држава што ќе биде во кругот на најразвиените земји во светот, што значи дека државата доби во тежина и можности за понатамошно афирмирање како на националниот идентитет така и на државата – вели Рамадани.
Според аналитичарот, државата конечно ќе си го најде заслуженото место, иако Македонија во исто време многу тешко се справува со исполнувањето на реформите, кои, сепак, се нужни за нашето членство во ЕУ.
Во исто време, поранешниот амбасадор и пратеник Мухамед Халили смета дека со промената на името не се случило ништо страшно за земјава.
– Сепак, граѓаните без оглед на националната и етничката припадност не се воодушевени од реформските чекори на Владата и многу малку од нив веруваат дека имаме правна држава. За да се промени тоа чувство, и покрај промената на името, треба и мора уште многу да се работи – анализира Халили.