Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, и заменик-министерот за надворешни работи надлежен за економска дипломатија, Костас Франкојанис, идната недела ќе ја посетат Македонија.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција, Александрос Гениматас, вели дека планот на разговори сѐ уште се комплетира, но со оглед на тоа дека и Франкојанис ќе биде во Скопје заедно со Дендиас, ќе стане збор и за економската соработка.
– Во рамките на грчката стратегија за Западен Балкан, грчката влада има намера да преземе конкретни иницијативи за поддршка на европската перспектива на земјите од регионот, за консолидација на безбедноста, зајакнување на стабилноста и развој на просперитетот на поширокиот регион – изјавил портпаролот на грчкото МНР.
Во меѓувреме, на новинарско прашање за трговските ознаки и промоцијата на грчкото лого, Гениматас рече дека е нешто што беше од претходно најавено и има за цел „да го зајакне идентитетот на македонските производи“.