Сѐ почесто во Европа се зборува за можен процес на редефинирање на традиционалното право на европските системи во кои би можело да се инкорпорираат традиции од исламското шеријатско право. За регионот и за Македонија ова сѐ уште е табу-тема, но за европските правници и експерти ова е веќе една деценија предмет на анализи. Тргнувајќи од доаѓањето на извонредно високата бројка на муслимански мигранти и потребата за нивна општествена интеграција во западните општества, на „голема врата“ влегуваат дискусиите и полемиките за имплементација на делови од шеријатското право во тамошните правни системи

Ќе донесат ли миграциите од Истокот нови правни норми

Дали миграциските процеси, кои веќе десетина години се случуваат на релацијата Исток – Запад, водат кон можни промени во правните системи на државите од Западна Европа? Колку е реално да се очекува дека со бранот бегалци, муслиманите од Исток со себе можат да ги наметнат и своите културолошки и верски традиции во Европа, а колку шеријатското право може да се вклопи во европскиот правен систем?

Инкорпорирањето на шеријатското право за регионот е можеби табу-тема, но за „Западот“ тоа одамна се анализира

Иако оваа тема на прв поглед изгледа нереално, сепак сѐ почесто во Европа се зборува за можен процес на измени и дополнувања на правните системи, во кои би можело да се инкорпорираат традиции од исламското шеријатско право.
Ако за Македонија и регионот ова е табу-тема, за европските правници и експерти ова е веќе една деценија предмет на анализи.
Меѓународни конференции што ја третираат оваа тема сѐ почесто се присутни во европската општествена и политичка јавност, а некои од европските експерти веќе отворено зборуваат за потребата на општествена интеграција на бегалците и мигрантите во нивните општества преку имплементација на делови од шеријатското право во тамошните правни системи.
Што би значело тоа? Колку е можно да се реализира тоа? Како сето тоа може и дали може да се инкорпорира во општествата што се секуларни и воопшто дали е потребно да се експериментира со тоа? Тоа се сѐ почести прашања, кои сѐ посилно одѕвонуваат во европските амфитеатри. Македонските правни експерти засега не посветуваат внимание, бидејќи сметаат дека тоа во овие околности е далечна тема.
Експертите велат дека дебатата на оваа тема е неизбежна, со оглед на зголемениот број муслимани во Европа и со оглед на фактот дека многумина од нив сакаат да живеат во согласност со она што го бара шеријатскиот закон.

„Исламската цивилизација“ наспроти „христијанскиот клуб“

Верскиот аналитичар Цане Мојановски вели дека еден од проблемите што ги отвора Турција е прашањето што тие припаѓаат на друга цивилизација, а Европската Унија ја третираат како христијански клуб.
– Ова треба да се набљудува во тој контекст. Дали тој мултикултурен концепт што е застапен во европските земји ќе трендира кон нов модел на правно регулирање на односите. Шеријатското право е културен облик, не е догма што произлегува од книгите на исламот и во основа не е компатибилна со другите религии. Во Македонија имаме мултикултурна состојба и не знам како ќе биде ако почнат да се мешаат моделите, односно да се вградат во правните поведенија. Треба да се оценува колку се компатибилни, зашто ако се исклучуваат, тогаш ќе јакнат конфликтите – заклучува Мојановски.
Теологот Метин Изети, професор на Тетовскиот универзитет, вели дека шеријатското право не е фиксно духовно право и претрпело одредени измени за време на историјата на правното мислење во муслиманското општество.
– Одредени работи од шеријатското право може да се инкорпорираат и во модерното право. Во Македонија и пред Втората светска војна функционирале шеријатски судови во врска со некои работи на цивилното право. Со оглед на тоа, мислам дека тоа е можно и во иднина. Иако не сум многу сигурен дека такво нешто може да се случи во блиска иднина. Кога велам дека е можно, мислам теоретски, затоа што цивилното шеријатско право е инкорпоратибилно на модерното право – додава теологот Изети.
Според него, ова сѐ уште треба да го дискутира автохтоното општество во Македонија, а не затоа што доаѓаат мигранти од Истокот.

Дали шеријатот е спротивен на уставите?

Поранешниот поглавар на Исламската заедница во Босна и Херцеговина, реис-л-улема Мустафа еф. Цериќ, на конференција во Виена има изјавено дека никаде во Европа не важи канонски или верски закон.
– Не разбирам зошто има толку многу фобија. Шеријатот е многу повеќе од она на што се обидува да се сведе, а тоа е каменување и слично. Нема ништо во шеријатскиот закон што е во конфликт со европските устави, бидејќи сите европски устави се засноваат на петте основни принципи за кои се залага и шеријатот: право на живот, право на религија, право на слобода, право на сопственост и право на чест, и на целата Европа се базира на демократија. Парламентите донесуваат закони, а судиите не се кадии за да спроведат каков било религиозен закон. Шеријатот е муслимански поглед на светот и водич за животот и она што го дефинира муслиманскиот идентитет, каде било во светот -заклучил тогаш тој.
Од друга страна, социологот Некла Келек од Германија вели дека она што, според нејзино мислење, е критично е тоа што во исламот не се знаело, всушност, кој поставува одредени шеријатски норми и кој ги дефинира.
Токму таквите различни толкувања може да доведат до норми што се косат со уставите на земјите од Западна Европа! Одлуката на некои родители нивните ќерки како малолетни да ги испраќаат на училиште со шамија нема никаква врска со верските слободи. Имено, таа одлука не ја донесуваат учениците, туку нивните родители. Ним им се одзема правото на сопствена одлука, а само личности што се развиваат без туторство и ослободени од верските правила може да бидат одговорни членови на граѓанското општество – вели во својата изјава социологот Некла Келек.
Во согласност со тоа, во интерес на лицата на кои им се нанесува штета, а за што оправдување се бара во шеријатското право, државата мора да биде таа што има овластувања, во согласност со уставноправниот систем, да ги спроведува предвидените норми по таа основа.

Овдешните муслимани имаат свое искуство

Социологот и универзитетскиот професор Али Пајазити вели дека проблемот на исламот во земјава не треба да се третира според практиката на европските земји, каде што големиот прилив на муслимани започнал во 60-тите години на минатиот век, за да достигне кулминација по Арапската пролет и Авганистан 2021.
– Овдешните муслимани се свои на своето и нивното искуство со модерната државата е поинакво, се разбира со сцили и харибди, од забрана на фереџе, проблеми на верникот со системот, до тенденции на атеизација за време на комунизмот, до денешните проблеми со вакуфот и одбивањето на медресантите од јавниот систем на образование. Шеријатот е верски закон што не се аплицира во грото на исламските земји (само Саудиска Арабија и некои земји од Заливот). И мислам дека во овој аспект и во овој момент не може да има барања од таква природа, имајќи го предвид и вакуумот од еден век по османската држава. Таквите барања треба да потекнуваат од демосот, а во моментот ги нема – вели Пајазити.
Според него, во Европа шеријатот се проблематизира од политички причини, страв од поголеми бранови мигранти, кои би ја промениле демографијата.
– Во Англија има шеријатски совети, кои немаат правна јурисдикција. Демократизацијата е позитивен процес, дебатите се здрави за секое општество, за да на паднеме во клинчот на демонизацијата на сето тоа што е источно, ориентално, исламско. Во некои земји се аплицира мешан правен систем, позитивен (лаички) со одредени сегменти каде што се аплицира шеријатското право, брак, наследство итн. Исламската верска заедница во СРМ треба да биде гласноговорник и водич за вакви дебати – додава тој.


Што е шеријат?

Откако талибанците се вратиле на власт во Авганистан, повторно се зборува за шеријат. Што е, всушност, шеријатско право, за странските медиуми објаснува експертот по право и ислам, проф. д-р Матијас Рое, според кого терминот „шеријат“ во Куранот значи нешто како „асфалтиран пат (од Бога)“ или исто така „пат до изворот“. Технички, терминот „шеријат“ ги опфаќа сите исламски норми. Тие се развивале над 1.400 години во различни списи на свештеници и институции.
– Шеријатскиот закон вклучува одредби за основните верувања и верски практики, како што се молитвени ритуали, прописи за храна и облека, или законски одредби. Исто така, опфаќа верска етика, како што е справување со оние што имаат потреба и креативност. Шеријатското право е многу сложен, барачки, но и флексибилен систем на методи за воспоставување и толкување на нормите – посочува тој.
Според него, со исповедната поделба меѓу сунитите и шиитите, но и во самите тие апоени, се формираа различни училишта и разбирањето за шеријатот значително се разликува.
– Ова, од една страна, создава несигурност, но, од друга, овозможува различно мислење. Во добра традиција, свештенството се задоволува да го стекне вистинското знаење секогаш кога е можно, без да го поврзува барањето за ексклузивност со тоа. Тоа значи дека тие се препознаваат. Но екстремистите од секаков вид, и во минатото и во сегашноста, веруваат дека само тие ја знаат божествената вистина. Тоа зборува за нивното лошо образование и сопственото преценување. Екстремистите често го инструментализираат шеријатското право за многу отворени политички цели. Истакнати примери за ова може да се најдат во верските диктатури на Иран и Саудиска Арабија – заклучува тој.


Шеријатското право опфаќа два типа одредби: од правно-политичка природа, но и од религиозно-обредна сфера

Шеријатот се однесува на секоја сфера од животот, вклучувајќи ги семејните односи, облигациите, наследниот закон, па до сферата на управата и меѓународните односи. Исламските прописи генерално се делат на: халал, односно она што е дозволено, и од другата страна е харам, односно она што е забрането. Халалот и харамот не се несфатливи или нескладни размислувања во врска со универзалните човекови чувства за доброто и злото.
На пример, шеријатското право забранува: крадење, лажење, проституција, крв, консумирање месо од свиња итн. Исламските (шеријатските) закони што се „покриени“ со Куранот се нарекуваат Худуд-закони. Токму овие закони подразбираат забрана на убиството, пиење алкохол, вонбрачен секс, земање и давање камата, но тие содржат исто така и низа правила врзани за живеењето, постењето, добротворноста и молитвата.
Шеријатското право опфаќа два типа одредби, од религиозно-обредна сфера и од правно-политичка природа, кои не се апсолутни наредби или забрани, туку постапки класифицирани во пет категории: Она што Алах го наредил, она што е препорачано, но не е пропишано, она што е оставено како неодредено, она што го отфрлил но не го забранил строго, како и она што е строго забрането.

[email protected]