Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска се сретна со постојаната координаторка на Обединетите нации во земјава, Росана Дуџак, со која разговараа за тековните проекти во кои Министерството за труд и социјална политика соработуваат со агенциите на ООН, како и за идната соработка во насока на имплементирање на уште подобри социјални политики, унапредување на работничките права и залагање за поголема заштита на човековите права.
Во поглед на досегашната соработка беше посочено дека дел од процесот за подготовка на новиот закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство е поддржан од УНХЦР, а УНДП заедно со секторот за еднакви можности работи на развивање на мобилната апликација за поддршка на жртвите на родово базирано насилство, по примерот на Црна Гора.
– Денес, немаме повеќе деца на возраст до 18 години сместени во институции. Тие се згрижени во мали групни домови или згрижувачки семејства. Секој граѓанин заслужува да има достојни услови за живот. Педесет отсто од лицата со посебни потреби, се влезени во процесот на деинституализацијата, целта е добивање на можност за нивно подобро интегрирање во заедницата. Во таа насока е и соработката помеѓу секторот социјална заштита со УНДП и УНИЦЕФ – истакна Шахпаска.
Таа посочи дека ако изминатиот период акцентот беше на социјалната реформа и нејзина имплементација, периодот кој следува ќе биде новиот Законот за работни односи кој треба да придонесе за унапредување на работничките права.
Шахпаска изрази благодарност за помошта во текот на ковид кризата, од страна на УНДП, УНФПА, UN Women, за дистибуираните хигиенски пакети и пакети за храна за ранливи категории на граѓани и за самохрани мајки, жртви на семејно насилство. Корона – кризата претставува голем предизвик не само во поглед на здравството и економијата туку и предизвик во поглед на човековите права и нивната заштита.
Двете страни изразија задоволство за можноста за понатамошна продлабочена соработка со агенциите на ООН во областите кои се во надлежност на ова министерство.