Штетните материи што ветрот ги разнесува заедно со чадот од опожарените подрачја најмногу им наштетуваат на белите дробови, а влошена клиничка слика може да добијат особено оние што и претходно имале некаков белодробен наод, или ако е тоа случај со заболен од ковид-19, тогаш таквиот пациент може да има уште поизразена состојба. Токму последните денови во Македонија е забележан и нов силен бран на заболени од ковид-19, при што се евидентираат и над 200 заразени дневно
Пожарите што беснеат деновиве низ целата земја освен што предизвикуваат огромни материјални штети, оставаат последици и поради штетните честички по горењето и вдишувањето на загадениот воздух што ветрот го разнесува насекаде.
Штетните материи што ветрот ги разнесува заедно со чадот најмногу им наштетуваат на белите дробови, а влошена клиничка слика може да добијат особено оние што и претходно имале некаков белодробен наод, или ако е тоа случај со заболен од ковид-19, тогаш таквиот пациент може да има уште поизразена состојба. Лекарите велат дека сите овие штетни супстанции, како и ПМ-честичките, кои на сите ни се добро познати, му штетат на нашето здравје. Ветрот деновиве му беше сојузник на огнот и ги разнесуваше сите штетни материи во природата, а некои од нив паднаа и на земјоделски култури, за кои лекарите порачуваат само добро да се измиваат пред да се јадат.
Сето она што од пожарите оди во воздухот, сите штетни материи што ветрот дополнително ги разнесува, секако, дека штетно влијаат на човековото здравје. Овие честички се особено штетни по белодробието, а влијаат и на токсикацијата на земјоделските култури. Затоа овошјето и зеленчукот мора добро да се мијат пред да се консумираат. Освен здравствени, последиците се и еколошки. Сите тие ПМ-честички од согорувањето, како и јаглерод диоксидот дејствуваат штетно на белите дробови и таму најмногу напаѓаат. Дали последиците од ова ќе бидат подолгорочни или пократкотрајни зависи од два момента.
Прво, дали станува збор за пациент што веќе има проблеми со белите дробови, а особено ако станува збор за некој што веќе има ковид и наод на белодробието. Ваквиот случај може и да ја отежне клиничката слика. Во вториот случај, доколку кај пациентот има отежнато дишење, зафатено е белодробието, значајно е да се види во кој обем е таа белодробна интоксикација – вели Шабан Мемети, директорот на Институтот за јавно здравје.
Поранешниот член и претседател на Комисијата за заразни болести, д-р Александар Стојанов вели дека ова што сега граѓаните го вдишуваат од пожарите не е ништо во однос на тоа што ние дишеме загаден воздух цела зима.
Опожарувањата го оптоваруваат здравјето, но не е тоа толку долгорочно како што е загадениот воздух што го дишеме цела зима. Многу поголемо е загадувањето од толку многу стари возила, од користењето на дрвата за огрев во зимскиот период, така што овие пожари нема толку да нѐ загрозат колку загадениот воздух. И сега јаглерод диоксидот и ПМ-честичките се супстанциите што нѐ загрозуваат, но среќа што тоа кратко трае – дециден е Стојановски.
Освен на здравјето, пожарите влијаат и на климатските промени, кои, според климатолозите, ги потикнуваат да станат уште поизразени.
Нашата територија од година на година сѐ повеќе е зафатена од климатските промени. Високите температури и отсуството на врнежи сѐ повеќе ќе бидат причина за шумски пожари. Од сето она што согорува во пожарите, присуството на јаглеродот во воздухот директно ќе влијае на атмосферата и компаративно на стакленичките гасови. Сето ова се дополнува едно со друго и дополнително придонесува за климатските промени уште повеќе да дејствуваат на земјата, а тоа, пак, како во еден магичен круг ќе биде и причина за нови опожарувања и уште повисоки температури и нови дополнителни влијанија на атмосферата – вели Нина Алексовска од климатолошкото одделение во Управата за хидрометеоролошки работи.