Штом влезете во дискусија, значи дека се согласувате нешто да менувате. Кога како држава веќе сме влезени во преговори за името на земјата, во спор што ни е наметнат, значи дека е изразена подготвеност за дискусија и менување… Ако се даде согласност за менување на Уставот, односно се прифати евентуално договореното ново име и за внатрешна употреба во Македонија, многу логично се наметнува прво менување на химната. Химната на Република Македонија е одредена со Уставот, па ако тој се менува во согласност со новото договорено име, меѓу првите на удар е и химната, која почнува со стихот „Денес над Македонија се раѓа…“, вели историчарот д-р Тодор Чепреганов
Од почетокот на оваа година, јавноста во Македонија многу често го слуша оптимизмот на Владата, динамизиран особено од страна на премиерот Зоран Заев за прашањата врзани со наметнатиот спор за нашето име. И неговата неодамнешна изјава е во функција на промовирање амбиент и момент за решавање: „Мислам дека сега е најдобриот и неповторлив момент да се најде решение за долгогодишниот проблем за името“. Но и покрај официјалната манифестација на надежи за решавање на тридеценискиот наметнат спор за името на Р. Македонија, од страна на Грција, сепак (наводно во интерес на преговорите) македонската јавност некако е ставена во позиција некои поконкретни информации за текот на очигледно интензивното преговарање да ги добива посредно, со пренесување изјави на грчките преговарачи, или согледувања на грчките медиуми. Таквиот стил на информирање на македонската страна во веќе прифатените преговори за името, остава простор за шпекулации и хипотези. Особено што од грчката страна, наместо приближување и компромис во ставовите се пласираат сѐ помаксималистички и ирационални барања за отстапки на македонска страна.
– Во основа, кога станува збор за менување на името на државата, за сопственото име, лично, воопшто не прифаќам дискусија. Зашто штом влезете во дискусија, значи дека се согласувате нешто да менувате. Кога како држава веќе сме влезени во преговори за името на земјата, во спор што ни е наметнат, значи дека е изразена подготвеност за дискусија и менување… Контроверзно е тоа што не знаеме ништо за суштината на преговорите, па обично на крајот се потврдува дека грчките информации се најточни – вели историчарот, д-р Тодор Чепреганов.
Неодамна, претседателот на МАНУ, Таки Фити јасно го изрази ставот на академијата да не се прифаќа во преговорите да се отвора прашањето за идентитетот, како ниту име за севкупна употреба, што според грчката страна сега значи дека евентуалното ново договорено име треба да биде и за внатрешна употреба.
– Ерга омнес, односно име за севкупна употреба, никако не смее да се прифати, бидејќи тоа значи менување на Уставот. Тоа носи обезличување на Македонците. Иредентизмот не може да биде оправдување за менување на Уставот. Нашата влада ќе мора да се избори решението да не биде за севкупна употреба, ако сака тоа да биде достоинствено решение. Менување на Уставот и име за севкупна употреба ќе биде опасна ситуација – кажа претседателот на МАНУ, Таки Фити на едно медиумско гостување. Притоа додаде дека доколку се прифати име за севкупна употреба тогаш ниту МАНУ нема да се вика Македонска академија на науките и уметностите, туку ќе треба да се прекрсти во „Академија на науките и уметностите на Република Горна Македонија“, на пример. Од тоа произлегува дека освен МАНУ, ќе треба да бидат преименувани и други национални институции, како Народната банка на Република Македонија, АРМ, Друштвото на писатели на Македонија, Фудбалската федерација на Македонија… Тоа, според претседателот на МАНУ, е апсурдно!
Но дали апсурдот на грчкото ерга омнес ќе запре само на именувањето на националните институции, или има амбиција да навлезе многу подлабоко, во материјалното и нематеријалното културно наследство, во целосно менување на архивската документација, па и на химната на Република Македонија…, односно секаде каде што се споменува името Македонија.
– Ако се даде согласност за менување на Уставот, односно се прифати евентуално договореното ново име и за внатрешна употреба во Македонија, многу логично се наметнува прво менување на химната. Химната на Република Македонија е одредена со Уставот, па ако тој се менува во согласност со новото договорено име, меѓу првите на удар е и химната, која почнува со стихот „Денес над Македонија се раѓа…“. Моите сомневања одат во насока дека со Законот за употреба на јазиците се настојува Република Македонија да добие и втор конститутивен народ, освен Македонците, што наметнува да биде споменат во химната и обележан во грбот на државата, кој сѐ уште го немаме… Повторно ќе кажам – немаме доволно информации од наша, македонска страна, како течат преговорите, но грчките барања досега – севкупноста на употребата на новото договорено име и менувањето на Уставот на Република Македонија – наведуваат на размислување дека Македонија е ставена во позиција самата да си направи културен геноцид, да се согласи целосно да си го избрише името – размислува историчарот Тодор Чепреганов.
Со оглед на досегашното однесување и условите што ги поставуваше Грција во тридеценискиот „проблем за името“, кој самата го наметна, како и во поблиското и подалечно минато, спрема Македонија и Македонците, историчарите се прашуваат дали ако биде постигната спогодба за ново име на нашата земја, ќе биде дозволено да се пишува за она што се случувало со македонското население на територијата на грчката држава, а во македонската историја познато како – егзодус.
– Ако се случи спогодба за прашањето на името, извесно е дека ќе се формира комисија за ревизија на учебниците по историја. Грчката страна смета дека нивните учебници по историја се во ред, па останува отворено прашањето дали ние, македонските историчари ќе можеме да пишуваме за борбите на Македонците во Егејска Македонија = ја поставува оваа дилема професорот по историја, д-р Тодор Чепреганов.
Иако преговорите за решение на „спорот за името“ се во некаква интензивна фаза со надеж дека Македонија многу наскоро би добила на датум за почеток на преговори за членство во ЕУ, или покана за влез во НАТО, амбисот на апсурдот што би се отворил со можното прифаќање на условите што Грција ги поставува во преговорите, создава многу неизвесности и хипотези. И покрај тоа што оптимизмот на Владата и на премиерот за исходот на преговорите се движи од манифестација на сaмодоверба, до умерена резервираност („ако не добиеме датум за преговори, ќе ја донесеме ЕУ во Македонија“), опасноста од тоа Македонија самата да се согласи да си ги избрише името, идентитетот, па и споменот за сопственото постоење е многу поблиска и пореална од перспективите за членство во ЕУ и во НАТО. Согласноста да се изврши сопствен културен геноцид, за „моментална“ политичка придобивка е преголемо хазардерство на Република Македонија, во кое ризикот „сѐ или ништо“, претежнува кон „ништото“.
– Грците никогаш во историјата на дипломатијата не отстапиле од своите намери и цели. А целта во овие преговори за „проблемот за името“ е да се избришат името Македонија како меѓународен државен субјект и народот – смета историчарот Тодор Чепреганов.