Постојаната претставничка на САД во НАТО, амбасадорката Кеј Бејли Хачинсон, изјавила дека Алијансата ќе направи сѐ што е можно за да ја заштити Македонија од, како што кажала, агресија од страна на Русија и покрај тоа што процедурата за прием на земјата во организацијата сѐ уште не е почната поради нерешеното прашање за името, пренесе РИА Новости.
– Ако спорот за името не биде решен до средбата на врвот на членките на НАТО и не биде почната процедурата за нејзин прием ќе продолжиме да работиме за заштита на земјата од штетните влијанија. Имаме блиски работни односи со Македонија, и во НАТО ќе направиме сѐ што е можно за да ѝ помогнеме на земјата да се спротивстави на погубното влијание од страна на Русија, било да е хибридна војна или каква било друга дејност – истакнала Хачинсон во вчерашниот телефонски брифинг за новинарите.
Самитот на НАТО ќе се одржи на почетокот на јули во Брисел, а Македонија се надева дека дотогаш ќе биде решено прашањето за името и ќе стане 30-та членка на Алијансата. П.Р.