Додека постојат етничките граници општествата во регионот нема да напредуваат. Ни треба една јавна сфера во која луѓето се активни, а медиумите се клучни елементи на една таква јавност. Да се завртиме повеќе кон реалноста и да видиме што може да се стори краткорочно и среднорочно за постепено да се смени и подобри ситуацијата во регионот, порача еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во завршното обраќање до учесниците на дводневната конференција за слобода на медиумите што се одржа во Скопје.
– Понекогаш имам чувство дека зборуваме за идеален свет, речиси утопија што треба да се создаде, но тоа не е реално, не е можно. Треба да се развие ситуацијата во регионот. Се наоѓаме во извесен преоден период што треба да доведе до полноправно членство во ЕУ, дека процесот на проширување е процес, а не преговори. Не се тоа преговори за усогласување со законодавството. Станува збор за спроведување на нашите вредности во духот на плурализмот, почитувањето на индивидуалните права, слободата на изразување. Станува збор за независност на судството во регионот, а тука нема искуство за тоа – рече Хан.
Тој ја повтори пораката до граѓаните за претстојниот референдум во контекст на демократските вредности на плебисцитарното изјаснување.
– Овде за извесно време ќе има референдум и клучното прашање е одзивот. Во една зрела демократија не треба да станува збор воопшто за одзивот, туку за исходот. Во една зрела демократија сите треба да се свесни и во најмала рака да го направат минимумот, а тоа значи да го дадат својот глас и да учествуваат. Тоа е најважното – истакна Хан.
Според него, за да се зајакне демократијата, да се гради на широка основа треба да се надмине размислувањето во црно-бело бидејќи, како што рече, светот, за среќа, има повеќе бои и нијанси од црната и од белата.
– Треба да поработиме во балканските како и во други општества во светот да ја вкорениме таа ДНК на демократијата за секој да може да си го каже мислењето без страв од некаква санкција. Тоа е најважното и тука очекувам ваша поддршка и наши заеднички заложби да го постигнеме тоа чекор по чекор – им порача еврокомесарот за проширување Хан на учесниците на конференцијата.