И здравјето и изборите се приоритет за државата. Тие два клучни приоритети не се исклучуваат еден со друг, иако во јавноста има и дилеми и убедувања дека тие не одат заедно. Напротив, умешно менаџирање обезбедува и политичка стабилност на државата, а да не се загрози здравјето на граѓаните. Но поради ваквите дилеми, „Нова Македонија“ побара одговори од повеќе релевантни општествени чинители во државата, за да ги сондира нивните ставови
Парламентарни избори во услови на пандемија со засилени мерки за заштита? Да се одржат изборите откако ќе се смири заразата или, пак, да се случат во редовниот термин, кон крајот на годинава? Кои се клучните приоритети – здравјето на граѓаните, политичката стабилност, или двете? А како да се обезбеди политичка стабилност на државата а да не се загрози здравјето на граѓаните?
Овие се најчесто поставуваните прашања во јавноста на кои „Нова Македонија“ побара одговори од повеќе општествени чинители во државата, за да ги сондира нивните ставови за изборниот процес што треба да почне. Генералната оцена на коморите на лекарите, на занаетчиите, верските заедници е дека треба да се најде модалитет како да се заштити здравјето на луѓето, притоа да се одржат и изборите. Сепак, се заклучува дека во период на епидемија, техничка влада како сегашната нема да може долго да се справува со ситуацијата, зашто многу сектори не се во функција.
Посочуваат дека се потребни функционална влада и собрание, институции што комплетно ќе раководат со државата.
Ако се договорат изборите во време на коронавирусот, ќе изгледаат сосема поинаку од досегашните изборни циклуси. На пример, едно од основните барања на Избирачката комисија за да го утврди идентитетот на гласачот е да го види неговото лице и да го спореди со тоа на документот за лична идентификација. Сега, а и понатаму, како што најави министерот за здравство Венко Филипче, ќе важи ново свето тројство – носење маска, држење дистанца и дезинфекција на рацете.
Министерот за здравство Венко Филипче воздржано вели дека се ќе зависи од препораките на стручните лица и Комисијата за заштита од заразни болести.
Собранието, пак, се самораспушти на 16 февруари и оттогаш не функционира. Првиот случај на заболен од коронавирус во Македонија беше регистриран десет дена подоцна, на 26 февруари, а претседателот Стево Пендаровски првата вонредна состојба ја прогласи на 18 март.
Втората, со времетраење од 30 дена, беше прогласена на 16 април и истече викендов. Неодамна претседателот Пендаровски ја продолжи вонредната состојба уште за 15 дена, што практично значи до крајот на мај.
Д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседателката на Здружението на матични лекари, вели дека ако Македонија е сериозна држава, во ова време на пандемија ќе организираше електронско гласање на изборите.
– Многу европски држави функционираат така. Во тој случај ќе има најмалку можност за пренос на вирусот, нема контакти меѓу луѓето и ќе се овозможи и поголем одзив – посочува Чолакова-Дервишова.
Според неа, во поглед на контакт меѓу гласачите кога ќе излезат на избирачкото место нема да има проблем, бидејќи и досега не било дозволено групно гласање и се држела дистанца меѓу гласачите.
– Животот мора да се врати во нормала, а државата мора да функционира, што е невозможно целосно со техничка влада – додава докторката.
Од Македонската православна црква-Охридска архиепископија и од Исламската верска заедница велат дека немаат прецизен став по ова прашање, како и дека не се повикани да одлучуваат за тоа кога би било погодно време за одржување на изборниот процес.
Владиката Тимотеј, портпаролот на Синодот на МПЦ, вели дека докторите се тие што треба да ја оценат состојбата.
Ист став имаат и од ИВЗ, од каде што посочуваат дека Комисијата за заразни болести треба да ја процени состојбата со ширењето на вирусот. Оттаму додаваат дека ќе ги следат препораките на лекарите.
Од Комората на занаетчии велат дека овој период се наоѓаме во многу незавидна положба, зашто е тешко да се даде прецизен одговор дали може да се оди на избори или да се почека.
– Треба да се обезбедат услови за безбедно одржување на изборите без да се загрози здравјето на граѓаните. Избори мора да има, зашто со техничка влада, односно со Влада без одговорност не може да функционира државата, секако и другите сегменти во општеството, како и занаетчиите – вели Агрон Фазлији, претседателот на Занаетчиската комора во земјава.
Анѓел Димитров, претседателот на Организацијата на работодавци, вели дека во првиот момент кога ќе се создадат здравствени услови, треба да се одржат изборите.
– Невозможно е техничка влада да ја води државата во вакви тешки услови, како епидемија – одговара Димитров.
Бленди Ходаи, претседателот на Сојузот на средношколци во државата, вели дека треба да се истакне состојбата на младите, дека тие се демотивирани во целата оваа ситуација.
– На младите овој период не им е приоритет изборниот процес. Избори секако треба да има, за да има релевантни институции, кои и понатаму ќе можат да менаџираат и со евентуално повторување на ширењето на вирусот од септември – додава Ходаи.
Од организацијата „Стоп извршители“ велат дека избори треба да се случат што побрзо за да имаме ефективно собрание што ќе носи закони.
– Приоритет се промената и носењето на законите, она за што ние се залагаме и што е во интерес на граѓаните. Тоа ќе може само со нова влада и собрание. Секако, треба да се слушаат препораките на лекарите – смета Марјан Ристевски од „Стоп извршители“.
Дарко Димовски, претседателот на Сојузот на синдикати, вели дека следната недела ќе одржат состанок на кој ќе заземат соодветен став за евентуалниот претстоен процес.
– Ќе ги разгледаме сите аспекти во оваа ситуација – нагласи Димовски.
Бојан Ефтимов, претседателот Универзитетското студентско собрание на УКИМ, смета дека собранието не треба да има став по ова прашање.
– Не би сакал да коментирам нешто што не е моја надлежност – вели Ефтимов.