Формирањето на новиот состав на Државната изборна комисија и одржувањето на референдумот се прашањата на кои во следниот период ќе бидат фокусирани политичките чинители во државата.
Премиерот Зоран Заев вчера најави дека дебатата во врска со референдумот и сите прашања поврзани со него, меѓу кои и формирањето на ДИК, ќе почне кон крајот на овој месец.
– Прво треба да се запази моментот на составувањето на ДИК. Составувањето на ДИК нема, ниту треба да има каква било поврзаност со одржување на референдумот. Тоа е логично прашање кое дојде по оставките на членовите на ДИК, изјави Заев.
Според него, ДИК треба да се формира веднаш бидејќи тоа е обврска на Парламентот и на сите политички чинители во државата. Верува дека деновиве преговарачките тимови ќе успеат да ги усогласат ставовите и оти ќе нема услови што ќе имплицираат блокирање на референдумот.
Доколку не се договорат преговарачките тимови, Заев не ја исклучи можноста за одржување на лидерска средба.
Формирањето на ДИК, која треба да ги направи сите неопходни подготовки за референдумот, се уште е неизвесно .
Министерката за правда Рената Дескоска предупреди дека секое доцнење со формирањето на ДИК, може да значи и недоволна подготвеност новоизбраните членови да ги спроведат сите неопходни активности за референдумот. Според неа, и зборот на новиот состав на ДИК не треба да зависи од никакви други пакети и други закони.
И за СДСМ одржувањето на референдумот е приоритет за сите, а преку формирањето на ДИК се отвара патот за отпочнување на сите процеси поврзани со распишување на референдумот.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека д емократски избори не се можни без техничка влада и професионална Државна изборна комисија. Б араат пред да се избере новиот состав на ДИК, да бидат донесени законите за финансирање на политичките партии и за влада.
Референдумот е обврска од Договорот за решение за името и стратешко партнерство со Грција и е дел од внатрешните процедури кои треба да се спроведат пред полноправното членство на земјата во НАТО.