Европскиот парламент ќе продолжи да ја поддржува политиката на проширување на ЕУ и ќе испрати позитивен сигнал до Македонија и Албанија пред самитот ЕУ – Западен Балкан во Загреб, изјави вчера претседателката на делегацијата на Европарламентот во парламентарната комисија за стабилизација и асоцијација на Србија и Европската Унија, Тања Фајон, на средба со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград.
Како што соопшти кабинетот на српскиот претседател по средбата, Фајон изјавила дека Европскиот парламент се залага за проширување на ЕУ.

Српскиот претседател на средбата рекол дека „Србија е посветена на мирот и стабилноста во регионот, а регионалната соработка, зајакнувањето на односите со соседите и континуираната политика за помирување се приоритети за надворешната политика“, додавајќи дека Белград му придава големо значење на берлинскиот процес, „чија важност се гледа во поддршката на европската интеграција на Западен Балкан преку конкретни проекти и мерки“.