Управата за јавни приходи не е истражен, туку даночен орган и неговата работа е да ги спроведува и да ги унапредува даночните цели, одговори директорката на Управата, Сања Лукаревска, на новинарско прашање дали било забележано и алармирано до некоја друга институција дека поранешниот премиер Никола Груевски пред околу два месеца ги испразнил своите банкарски сметки.
– Нашата цел во делот на овие измени е да постапуваме во сегментот на даночните цели. Во моментов ние немаме таква надлежност да можеме да гледаме банкарски сметки, туку имаме можност по наши направени анализи да побараме од други сродни институции да утврдат одредена состојба. Тенденцијата на УЈП во делот на банкарските сметки е да ги види приходите на физичките лица. Нас не нѐ интересира кој колку потрошил или кој каде и што купил. Нас нѐ интересираат приходите на секое физичко лице за да успееме да му доставиме на верификување или на коригирање точни податоци во претпополнетата годишна даночна пријава. Нашата основна задача е да се грижиме за наплатата на даноците и да поседуваме веродостојни податоци – објасни Лукревска.
На прашањето дали побарале од институциите да ги проверат информациите за банкарските сметки на поранешниот премиер, Лукаревска рече дека во согласност со Законот за даночна постапка што важи во моментов станува збор за даночна тајна и затоа, посочи, не би сакала да шпекулира со какви било дополнителни информации.