Уставните судии решија да не ја преиспитуваат уставнота и законитоста на одлуката за распуштањето на Собранието.
На денешната седница, тие велат дека донеле заклучок оти за ова прашање е веќе дискутирано минатиот месец, кога, пак, констатираа дека од формален аспект, Уставот не бил прекршен.
– По дискусијата од страна на сите судии, судиите едногласно зазедоа став дека не постојат услови за прифаќање на иницијативата. Ова е од причина што во случајот станува збор за пресудена работа, што значи дека Судот веќе се изјасни за уставноста и законитоста на оваа одлука на Собранието во предметот У.бр.40/2020, на седницата одржана на 8 и 15 април 2020 година, кога со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценување на нејзините уставност и законитост. Притоа тогаш во расправата беа земени предвид и околностите на кои се укажува со иницијативата – информираат од Уставен суд.
Судиите одбија да ја оценуваат и уставнота на првата прогласена вонредна состојба од страна на претседателот Стево Пендаровски, бидејќи сметаат дека е беспредметно да се преиспитува нешто што е веќе завршено.