ВО РЕГИОНОТ СО ПОРИГОРОЗНИ МЕРКИ ЗА ВАКЦИНИРАЊЕ ПРЕД НОВИОТ НАЛЕТ НА КОРОНАВИРУСОТ
Во Словенија од вчера (среда) важи новиот декрет, според кој, се воведува поригорозна примена на таканаречените услови за ПЦТ (прележани, вакцинирани, тестирани) за сите вработени што се во контакт со странките и за корисниците на нивните услуги. ПЦТ-условот значи дека луѓето мора да имаат или доказ дека се вакцинирани против ковид-19, или дека ја имаат прележано болеста, или да имаат негативен ПЦР-тест. Државата е таа што ќе ги сноси трошоците за тестирање на вработените, а работодавците ќе можат да ги санкционираат оние што не ја почитуваат оваа регулатива. Условот ќе важи и за сите корисници на услуги, со таа разлика што ќе треба да платат за тестирање од свој џеб.
Засега македонските здравствени власти не планираат да воведат ПЦТ-услови
Во Македонија, иако е во тек вакцинација на повеќе пунктови во државата, сепак одзивот не е онаков каков што здравствените власти очекуваа да биде. Сепак, и покрај тоа, кај нас не се планира засега воведување ваква мерка како во Словенија. За „Нова Македонија“, од Министерството за здравство велат дека според досегашните анализи на Институтот за јавно здравје, заклучно со 11 септември 2021 година, на територијата на државата, опфатот со една доза вакцина против ковид-19, на населението над 18 години, е 45,5 отсто. Во врска со воведувањето ваква мерка како што е во Словенија, здравствените власти се децидни.
– Засега мерките остануваат исти. Не се планира воведување ПЦТ-услов – велат оттаму.
Епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски од Медицинскиот факултет смета дека условот ПЦТ (прележани, вакцинирани, тестирани) – со ретки исклучоци, е епидемиолошки најиздржано и најлогично решение што треба да го примени една држава, ако има цел, од една страна, вистински да го редуцира интензитетот на ширење на вирусот и од друга страна, да го стимулира населението што помасовно да се вакцинира.
– Кога кај нас се носеа оние фамозни мерки (со условот да се биде вакциниран само со една доза и со признавањето прележаност од само 45 дена), колегите од Комисијата за заразни болести требаше само да „ѕирнат“ како го прави тоа Словенија и да го копираат решението. Секако, и делот да се носи маска не само во затворен простор туку и на отворено ако не може да се обезбеди соодветна физичка дистанца меѓу присутните. Но ние се водевме од некои други логики – смета професорот.
Прележани се оние што ја поминале болеста, но само ако имаат антитела, вакцинирани – само оние со две дози, и тоа по две недели од втората, а тестирани се оние што не се ниту прележани ниту вакцинирани, но имаат негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа.
Како се подигнува нивото на заштита во поразвиените земји во регионов
Во Словенија ПЦТ-условот значи дека луѓето мора да имаат или доказ дека се вакцинирани против ковид 19, или дека ја имаат прележано болеста, или да имаат негативен ПЦР-тест. Државата е таа што ќе ги сноси трошоците за тестирање на вработените, а работодавците ќе можат да ги санкционираат оние што не ја почитуваат оваа регулатива. Постојат неколку исклучоци од ова правило, односно условот ПЦТ нема да важи за деца под 12 години, за луѓе што ги носат децата до трето одделение на училиште, за оние што ги придружуваат децата под 15 години кај доктори, како и за ученици во јавниот превоз. Единствените капацитети во кои оваа состојба не е потребна се самопослуги и аптеки, освен ако не се наоѓаат во трговски центри, во тој случај правилото важи и за нив.
Покрај тоа, заштитните маски ќе треба да ги носат сите во затворени простории и надвор, доколку не може да се обезбеди соодветно физичко растојание помеѓу присутните. Оваа одлука на Владата на Словенија била донесена со цел да се продолжи работата на економијата во услови кога расте бројот на инфекции во земјата и со цел да се мотивираат што е можно повеќе луѓе да се вакцинираат против ковид-19.
Во Словенија, властите донеле ваква одлука со намера што повеќе луѓе да се вакцинираат пред четвртиот бран на епидемијата, за кој се прогнозира и се очекува да биде најсилен во октомври. Во државата во еден ден се регистрирани 1.085 новозаразени, а починати три лица. Во болниците се хоспитализирани 274 ковид-пациенти, од кои 62 на интензивна нега. Досега, 44 проценти од вкупното население во Словенија е вакцинирано со двете дози, а целта на Владата да вакцинира најмалку 70 проценти од населението сега изгледа недостижна, бидејќи неделно се вакцинираат помалку од 25.000 граѓани.
И патниците што ќе транзитираат низ Словенија, при влез во државата ќе треба да покажат доказ дека го исполнуваат т.н. ПЦТ-услов. Претходно патниците што транзитираа низ земјата, на граничните премини немаше потреба да го докажуваат својот ковид-статус, но мораа да ја напуштат земјата за максимум 12 часа откако влегле на територијата на државата.
Со новата одлука на Владата, повторно е пропишано задолжителното носење заштитни маски за посетителите на јавните и културни приредби во затворен простор, а носењето маски станува задолжително и за собирите на отворено ако се присутни повеќе од 100 лица.