Во моментов во ЕУ се одвиваат неколку сериозни политички „војни“. Две од нив се посериозни. Прва е „нуклеарната“ политичка војна, а втора е фискалната војна. На овие судири се надоврзуваат и другите проблеми на членките на Унијата: Португалија има проблеми со носење на буџетот, Германија е во преговори за новата влада, Франција се подготвува за избори, Холандија сè уште нема влада, Чешка е во
потрага по личност што ќе даде мандат за формирање нова влада, Бугарија ги чека третите избори, Романија се наоѓа во политичка криза… Поради ваквата набиена агенда на предизвици на ЕУ, тешко дека во блиска иднина може да се провре агендата за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан
Во моментов внатре во ЕУ се одвиваат неколку сериозни политички „војни“. Две од нив се посериозни. Прва е „нуклеарната“ политичка војна, а втора е фискалната војна во Унијата.
Што се однесува до политичките несогласувања по нуклеарните прашања, тие се однесуваат на барањето на десет држави, предводени од Франција (меѓу кои е и Хрватска, а и Естонија сериозно размислува да се приклучи), кои имаат став дека нуклеарната енергија треба да биде дел од зелената транзиција, односно ЕУ-фондовите да може да вложуваат во неа. Ситуацијата со гасот е идентична – прашање е дали ќе добие свое место во зелената таксономија.
Што се однесува до политичкиот конфликт по однос на фискалните прашања, вистинскиот конфликт допрва започнува. Се работи за реформи во Пактот за стабилност, каде што повторно се судираат Северот и Југот. Имено, првите сакаат фискално заострување, додека вторите сакаат да имаат малку послободни раце. Тука се и Унгарија и Полска, кои имаат различен ракурс за тоа како се остваруваат европските вредности.
Други внатрешноевропски несогласувања и судири
На гореспоменатите судири, за издвојување е и споменувањето на внатрешните расправии: Португалија има проблеми со носење на буџетот, Германија е во преговори за новата влада, Франција се подготвува за избори, Холандија сè уште нема влада, Чешка е во потрага по личност што ќе даде мандат за формирање нова влада, Бугарија ги чека третите избори, Романија се наоѓа во политичка криза…
Покрај сето ова, сè уште трае конфликтот околу Западен Балкан. Хрватска, Унгарија, Словенија и Чешка се земји-членки што се залагаат за проширување на Унијата на овие простори. Новиот австриски канцелар, Александар Шаленберг, дојде во Брисел за да ги претстави своите политики, а пред заминувањето од дома, тој рече: „Клучна цел на Австрија е да нема нови поделби во Европа“, додавајќи дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е „прашање што му лежи на срце“.
Декларацијата од Брдо (кај Крањ), усвоена на 6 октомври, содржи констатација во која се истакнува ставот на Франција, но и на северните земји во составот на ЕУ: „Исто така, ја нагласуваме важноста на одржувањето и продлабочувањето на развојот на ЕУ, преку кои ќе го обезбеди својот капацитет за интеграција на нови членки“. Ова во превод значи: „Дури откако ќе ги средиме внатрешните прашања, може да разговараме за проширување“.
Внатрешноевропскиот конфликт сѐ повеќе видлив и се анализира во јавноста
Дебатата за несогласувањата во ЕУ, од европските институции се дислоцира на медиумски план. Во последниот број на „Економист“, колумнистот Карло Велики напиша текст насловен „Европската Унија не би требало да се откаже од проширувањето“, во кој наведе низа сериозни ставови.
– Проширувањето на ЕУ е едноставно мртво.
– ЕУ сака да биде глобална сила, но ѝ се заканува опасност од губење на контролата во сопствениот двор.
– Реалната перспектива за влез во ЕУ претставува главна алатка на блокот за справување со соседите.
– Ова е проблем: доколку исчезнат стимулациите за добро однесување, ќе исчезнат и алатките што го дестимулираат лошото однесување. Со еден збор, Западен Балкан не е регион што ЕУ може да си дозволи да го загуби.
– На подрачјето на Пацификот, лидерите гледаат историја. На Балканот гледаат како историјата се повторува – до ниво на досада. Сепак, Западен Балкан е поважен тест за надворешнополитичките способности на ЕУ одошто навидум поголемите и поглобални теми. Ако ЕУ сака да биде глобална сила, прво мора да стане локална. Заживувањето на политиката на проширување претставува добар почеток за тоа.
Веднаш потоа, „Карнеги Јуроп“ го објави текстот „Дали Европа го загуби Западен Балкан?“, во кој стручњаците дадоа одговор на повеќето тези што беа изнесени во „Економист“.
Западен Балкан не е „изгубен за Унијата“, но мора да престане да гледа на ЕУ исклучиво низ призмата на проширување?!
– ЕУ не го загуби Западен Балкан, тој останува главен економски актер во регионот, со значајно дипломатско влијание. Проблемот е во тоа што локалните политички лидери наменски ја напаѓаат Унијата, сакајќи да освојат политички поени на домашен терен, а притоа ги користат погодностите што европската интеграција му ги нуди на населението – вклучувајќи пристап до трговските пазари, инвестиции и патување без визи – оценува Димитар Бечев од универзитетот „Оксфорд“.
– Западен Балкан не е „загубен“, но мора да престанеме да гледаме на односите меѓу него и ЕУ исклучиво низ призмата на проширување. Изгледите за членство во Унијата може да бидат силен поттик за реформи, но не се предуслов за ангажман. САД промовираат политички промени низ целиот свет, без притоа да споменат каква било можност за доделување државјанства – пишува Алисон Карагер од „Карнеги Јуроп“.
Од друга страна, Џон К. Корнблум, поранешен американски амбасадор во Германија, кој учествуваше во изработката на Дејтонскиот договор, настапува брутално прагматично.
Со новиот висок претставник на ЕУ и новата германска влада што е на повидок, ќе биде многу важно да се истражат сите можности на „нечленството“ што би можеле да помогнат за зацврстување на мирот и подобрување на граѓанското општество во Босна, на Косово и во Србија. Продолжувањето со странски субвенции најверојатно ќе биде неопходност. Клучно за овие напори ќе биде и поактивното вклучување на САД и на Русија – заклучува амбасадорот.
Проширувањето ќе оди многу тешко, да се размислува за т.н. „стратегиско партнерство“ на ЕУ и Западен Балкан
Најконкретниот чекор кон она што некои го нарекуваат „стратегиска автономија“, а други „европски суверенитет“, претставува ефикасната соработка со земјите од соседството. На таа листа се наоѓаат Велика Британија, Турција и Западен Балкан. Значи, ЕУ би требало да побара алтернативни начини за воспоставување стратегиско партнерство со земјите од Западен Балкан. Перспективата за проширување би можела да се задржи за некои идни времиња. Фрустрацијата што ја создава може да биде само контрапродуктивна. За соочување со заедничките предизвици на денешницата, потребен ни е добар функционален однос – заклучува Илке Тојгур од кралскиот институт „Елкано“.
Западен Балкан не е безбедносен проблем сè додека никој не ја „чепка“ Македонија. Тоа е аксиом. Другото е прашање на внатрешни односи и надворешни влијанија. Кога станува збор за овие вториве, Русија и Кина се наведуваат како закана. Да потсетиме дека Москва ја држи Бугарија на тесен колосек, помеѓу другото и со гасот како енергент. Руското влијание нема да се намали со српското влегување во ЕУ, туку со редефинирање на политиките на Западен Балкан.
Хрватски „Јутарњи лист“ во својата анализа многу трезвено заклучува.
„Во реалноста, Западен Балкан им е важен само на соседите. Особено на Хрватска, заради ситуацијата со Босна и Херцеговина. Секако, Унијата ќе продолжи да го финансира заради сопствените економски интереси. Не би било лошо да се предложи и друг модел, како оној на Источно партнерство (Молдавија, Украина, Белорусија), во кој потоа би можела да се вклучи и Турција. Би се почитувала искреноста од страна на актерите, а така и сите ние би играле полесно, зашто картите би биле ставени на маса“.