Владата го утврди текстот на предлог-законот за Агенцијата за национална безбедност (АНБ), чија цел е надминување на недостатоците утврдени во извештаите од Европската комисија, која долго време е дел од реформите на безбедносните служби во земјава. Со предлог-реформите во безбедносниот сектор, Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), која се преименува во Агенција за национална безбедност (АНБ), се предвидува на контраразузнавачите да им се одземаат полициските овлaстувања и само оперативно да собираат, селектираат и анализираат безбедносно интересни информации, кои понатаму ќе ги доставуваат до другите безбедносни органи во државата со извршни прерогативи, со кои ќе соработуваат
УБК излегува од составот на Министерството за внатрешни работи, а како дел од реформите на безбедносно-разузнавачкиот систем во земјава се формира Агенција за национална безбедност (АНБ), која ќе дејствува на нејзино место. Владата го утврди текстот на предлог-законот за Агенцијата за национална безбедност, чија цел е надминување на недостатоците утврдени во извештаите од Европската комисија, која долго време е дел од реформите на безбедносните служби во земјава.
Со овој предлог-закон се предвидува луѓето што ќе работат во агенцијата да немаат полициски овластувања, туку само оперативно да собираат информации и понатаму да ги доставуваат до другите безбедносни органи во државата со кои ќе соработуваат.
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски изјави дека Владата разгледуваше три модели за реформа на УБК, кои предвидуваа таа да остане на постојниот модел, да се одвои од МВР и да се спои со Агенцијата за разузнавање, но на крајот бил избран модел на издвојување од МВР.
– Ова е моделот што овозможува целосна деконцентрација на моќта во разузнавачките служби во земјава и истовремено оневозможува каква било нивна злоупотреба во иднина. Дополнително, со овој предлог-закон, луѓето, кои ќе бидат професионалци, што ќе работат во неа нема да имаат полициски овластувања, односно тие само оперативно ќе собираат информации и понатаму ќе ги доставуваат до другите служби со кои ќе соработуваат – вели Бошњаковски.
Тој посочува дека, според предлогот, директорот на агенцијата ќе го избира Владата по предлог од премиерот, а заменикот ќе го избира Владата по предлог од избраниот директор.
Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов вели дека реформите во безбедносниот систем се навистина неопходни за државата, бидејќи последните во делот на работата на службите биле во сила од периодот на нивното носење меѓу 1991 и 1994 година. Според него, со ваквите реформи Македонија ги следи европските вредности, кои во својата суштина навистина навестуваат позитивни промени врз дејствувањето на безбедносните органи, бидејќи истите тие долг период беа директно или индиректно инволвирани практично во сите државни настани што имаа огромни безбедносни импликации и во кои се кршеа човековите права и слободи.
Трајанов истакнува дека една од најбитните промени со издвојувањето на УБК под ново име надвор од МВР е дејствувањето на нејзините службеници.
Според него, тие (разузнавачите и контраразузнавачите) повеќе нема да се класични полицајци, туку агентите ќе ги собираат информациите, ќе ги анализираат и потоа ќе ги проследуваат до другите државни органи, а полициската работа, односно кривичното гонење ќе го прави Бирото за јавна безбедност (БЈБ).
Трајанов истакнува дека е многу битен момент експертската јавност да го даде своето мислење за предлог-законот. Тој истакнува дека битен момент во целата приказна е тоа какви луѓе ќе се внесат во новата агенција, кои, според него, треба да бидат со помодерна визија на дејствување и со голем степен на професионалност.
Во својата оцена за тоа што значи за македонскиот безбедносен систем формирањето две сосема нови служби, Оперативно-техничката агенција (ОТА) и Агенција за национална безбедност, вели дека сето тоа е манифестација на децентрализација на разузнавањето како систем. Трајанов вели дека генерално има позитивен став за Агенцијата за национална безбедност, додека, од друга страна, нему дејствувањето на ОТА сѐ уште не му е јасно.
– Во контекст на ОТА, освен што е извршено издвојување на тоа кој ќе го врши прислушувањето во државата, во овој момент мене сѐ уште не ми е јасно на каков начин ќе се даваат налозите за следење на комуникациите што ќе ги спроведува оваа институција. Односно, нема прецизни докрај одредени правила за тоа кој сѐ може да побара прислушување под чиј налог, дали ова тело ќе биде отпорно на дејствувањата на безбедносните служби и, на крајот на краиштата, кој сѐ може да даде налог дали тоа ќе биде новата агенција за национална безбедност, царината, судот, полицијата – вели Трајанов.
Професор Владимир Пивоваров во изјава за медиумите на оваа тема вели дека со овие законски промени централна улога во безбедносниот систем ќе има Бирото за јавна безбедност, кое ќе поднесува кривични пријави, а сите нови безбедносни агенции ќе ги поднесуваат до него своите наоди на истрагите.
– Нормално, доколку ваквата агенција има сознанија, ги доставува до нив (БЈБ) за тие да ја ефектуираат до обвинителството и натаму нормално да си трае кривично-процесната постапка како што предвидува законот. Ова се препораките и на Прибе, ова се забелешките и на Европската комисија – вели Пивоваров.
За потсетување, во ноември минатата година почна да дејствува новата Оперативно-техничка агенција (ОТА). Според надлежните, оваа агенција го штити безбедносниот интерес на граѓаните и дејствува да се спречи нелегалното прислушување во земјата. Оваа агенција ги поседува уредите преку кои се вклучува, управува и исклучува сигналот за следење на комуникациите, уредите преку кои се овозможува пристапот на органите до податоците од мобилните оператори и целата техничка координација за прислушувањето, која во минатото беше во рамките на УБК.