Турција и нејзиниот претседател Ердоган имаат изјавено дека никогаш нема да дозволат Македонија да го смени своето исконско автентично име Република Македонија, на што инсистираат Грците, кои се потпомогнати од нивните западни моќни пријатели
Може ли да се случи хипотетичка ситуација во која друга земја-членка на НАТО, како досега слично на Грција, да го блокира приемот на нашата земја во Алијансата поради прашање поврзано повторно со името на нашата држава. Или, со други зборови, и покрај спогодбата од Мала Преспа за промена на името нашата држава да наиде на нова рампа, но овој пат заради евентуално прифаќање токму на новото променето име.
На ваква дилема нѐ упатува фактот што укажува на тоа дека Турција може да ја спречи земјата под новото име Северна Македонија да влезе во сојузот поради фактот дека таа е силен поддржувач на нашето уставно име Република Македонија и земја што со години на големо се противи на грчките политики и уцени во врска со спорот за името. Дополнително, властите во Анкара имаат поголема и политичка и воена тежина од оние во Атина, бидејќи раководат со втората најмногубројна армија во НАТО по САД. Имено, повеќе од 10 години Анкара, лобирајќи во НАТО и спроведувајќи ги овие свои политики, успеа да издејствува во сите документи во кои се споменува нашата земја, покрај зборот Македонија, да стои и фуснота во која се вели дека „Турција ја признава Република Македонија под нејзиното уставно име“.
И по последните случувања и поканата од генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, Македонија да стане 30-та членка на НАТО откако ќе ја спроведе спогодбата од Мала Преспа, Турција уште еднаш го повтори својот цврст став дека за неа сме Република Македонија и никако поинаку.
Токму за ваквиот непоколеблив и цврст став во однос на Македонија, поголема група интелектуалци и јавни личности од здружението „Македонски манифест“ испратиле благодарница до претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, со која му се заблагодаруваат на шефот на турската држава за потегот со кој тој одлучил Турција да ја потпише македонската покана за влез во сојузот единствено под името Република Македонија.
Во отвореното писмо потпишано од повеќе десетици видни интелектуалци, дипломати, амбасадори, писатели, правници, меѓу другото, се наведува дека тие бескрајно му изразуваат благодарност на шефот на турската држава Ердоган за односот што Анкара го негува кон земјава и што турскиот претседател досега ги штител името и идентитетот на Македонија и Македонците, потврдено токму со неговата неодамнешна изјава, во која тој вели дека нема никогаш да дозволи Македонија да го смени своето исконско автентично име, на што инсистираат Грците што се потпомогнати од нивните западни моќни пријатели.
– Почитуван претседателе на Република Турција, господине Таип Реџеп Ердоган, ние од „Македонски манифест“ сме восхитени од вашиот потег да ја потпишете онаа срамна покана за влез во НАТО само со името Република Македонија, ставено во фуснота на договорот! За тоа ќе ви биде секогаш бескрајно благодарен македонскиот народ, кој во оваа тешка ситуација на негова идентитетска ликвидација на своја страна, мораме да го кажеме тоа, како безрезервно за пријател ја има единствено Република Турција – пишува во писмото до Ердоган од страна на здружението „Македонски Манифест“.
Од друга страна, следејќи ги овие актуелни случувања, стручната јавност во земјата остава можност според која барем хипотетички Македонија може да биде блокирана во НАТО од страна и на други членови на сојузот настрана од Грција. Тргнувајќи по таа логика, секоја од 29-те членки на сојузот може да има свои барања до Македонија, кои треба да ги исполниме доколку сакаме да станеме член на сојузот. Така, во иднина се остава простор и други балкански земји што се членки на сојузот, како на пример Бугарија и Албанија, да го следат примерот на Грција и да испорачаат свои барања до нас како сега Грција.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски се согласува со оваа претпоставка и вели дека сојузите, за жал, се формирани за да ги заштитат интересите на своите членки, а не на тие што аплицираат да влезат во нив.
Според него, една ваква ситуација е сосема логично да се случи во иднина, а оние што раководат со државата треба однапред да се подготват на неа, иако таа во овој момент е сѐ уште само хипотеза.
Од друга страна, поранешниот дипломат и амбасадор Ристо Никовски вели дека сите земји-членки во НАТО несомнено ја следат политиката на најголемиот чинител САД и, оттаму, тешко е веројатно дека Турција, и покрај проблемите во релациите со Америка, би можела на своја рака да направи ваков чин.
– Очекувањата дека Турција може да ни помогне и во НАТО да заземе став дека прекрстувањето на Македонија беше насилно и да не го прифати новото име се залудни и наивни. Кога нашата влада прифати капитулација и ги продава суштинските стратегиски и историски интереси на македонскиот народ што треба да се очекува – Турција да нѐ брани од самите себеси? Бидејќи сето тоа е неосновано, останува предизвикот за македонскиот народ да се избори за својот опстанок и да ја поништи неприфатливата спогодба со Грција. Услови и шанси за такво нешто сѐ уште има. Ако не го сториме тоа, македонскиот народ престанува да постои – заклучува Никовски.
Инаку, покрај Турција, како земја-членка на НАТО, Словенија, Бугарија, Хрватска, Унгарија, САД…, се дел од земјите-членки на НАТО што ја признаваат Македонија под уставното име. Иако тие во билатералните односи со земјава ни се обраќаат со нашето уставно име, засега единствено Турција во сите официјални обраќања и документи инсистира да стои фуснотата дека Турција нѐ признава под уставното име како Република Македонија.