Фото: Игор Бансколиев

Досегашните плурални практики покажаа дека партиите во суштина се далеку од некаква демократија, па и натаму последниот збор го има партискиот лидер, а внатрепартиските избори најчесто се сведуваат на избор без можност за избор. Од друга страна, токму вистинската демократизација, конкурентноста и реформите внатре во партиите се основна и појдовна точка за демократизација на државата, институциите и на целиот политички систем, што ќе биде во интерес на јавноста и граѓаните

ВО ПРЕСРЕТ НА НАЈАВЕНИТЕ КОНГРЕСИ НА ДВЕТЕ НАЈГОЛЕМИ ПАРТИИ

Двете најголеми партии во државата во следниот период се преокупирани со одржувањето на закажаните партиски активности, што на некој начин треба да биде уште една можност да го покажат вистинскиот демократски капацитет внатре, било да станува збор за избор на партиски лидер или, пак, за нова внатрепартиската организација и нови кадровски решенија. И владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ деновиве треба да одржат партиски конгреси, на кои ќе се дефинираат и идните планови на дејствување, а ќе се изберат и раководни луѓе за партиските позиции.
Во развиените европски демократии, ваквиот чин е највисок изблик на внатрепартиска демократија кога партиското членство во една демократска, конкурентска борба ги избира луѓето што имаат здрава конкурентска предност над другите, кои се најдобри и за партијата, но истовремено и за државата и граѓаните.
Последен ваков пример беше изборот на наследникот на Ангела Меркел на челното место во партијата ЦДУ, кога 1.001 делегат, меѓу тројца кандидати, избираа човек што ќе ја води партијата, но истовремено ќе ги има квалитетите да биде канцелар. Целиот процес се одвиваше демократски, низ дебати, спротивставување концепти, нудење решенија за проблемите со кои се соочува партијата, но пред сè државата.
Кај нас досегашните плурални практики покажаа дека партиите во суштина се далеку од некаква демократија, па и натаму последниот збор го има партискиот лидер, а внатрепартиските избори најчесто се сведуваат на избор без можност за избор. Се нуди кандидат што обично треба да чува нечие место, а делегатите слепо се придржуваат на инструкциите дадени од лидерот.

Имајќи го сето ова предвид, не треба никој да се изненадува зошто реформите во државата со децении тапкаат во место, бидејќи повеќе од јасно е дека без реформи во партиите, не може да се спроведат вистински реформи ниту во државата. Токму демократизацијата и реформите внатре во партиите се основна и појдовна точка за демократизација на државата.
Универзитетскиот професор Борче Давитковски смета дека граѓаните не треба ништо да очекуваат од партиите во земјава за да не се соочат со нови разочарувања.
– Граѓаните ништо не може и не треба да очекуваат од нашите партии. Она што ќе го добијат е само разочарување. Најголема грешка е што не успеавме да ги демократизираме политичките партии. Ниту една од нив не изгради идеолошка платформа. За жал, кај нас нема идеологија, сите прават памфлети, програми дека тоа ќе направат, она ќе направат и сè е само „ќе“, немаат идеолошка матрица и затоа не случајно имаме неприродни коалиции само за да се дојде на власт. Друго ништо не ги интересира – вели Давитковски.
Тој смета дека токму немањето идеолошка програма кај партиите придонело тие да функционираат како султан-партии, односно лидерот да ги носи сите одлуки.
– Без идеолошка програма, секогаш ќе имаме „султан-партии“. Султанот ќе си избира и извршен комитет, извршен одбор, централен одбор и буквално сите органи. Сè додека немаме демократизација во партиите, не треба да се очекува некој што владее недемократски во партијата утре да владее поинаку со државата. Не треба да се очекува од султан-партии, султанот да владее поинаку со државата – категоричен е професорот Давитковски.
Според него, случувањата во партијата ќе се отсликаат и на државно ниво бидејќи истите луѓе, особено врхушката на политичката партија, влегуваат во Владата, а еминентни партиски членови влегуваат во парламентот.

– Немаме ниту идеолошка инфраструктура изградено, а како партиите ќе ја градат кога за сè се пазарат како „на пазар кога се продаваат коњи“. Идеолошката платформа е клучна за да можат да се профилираат како политичари, да можат граѓаните да знаат за што гласаат. Програмата е идеолошка и ќе биде препознатлива. А ние, од 1990 година наваму градиме култ на личноста како што беше на времето во социјализмот. Па дури и во тие времиња имаше поквалитетни дискусии за програмски задачи на партијата, за разни реформи, отколку сега. Сега сите се ќутолози, што ќе рече лидерот на партијата, сите креваат два прста и гледаат да бидат во негова близина за да влезат во извршната власт. И се борат само за гола власт, а не за нешто трајно и затоа граѓаните се во заблуда – истакнува професорот Давитковски.
Со ваквите тези во целост се согласува и политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, според кого, граѓаните не треба ништо да очекуваат од нашите партии, но треба граѓански да притискаат.

– Ништо не треба да очекуваме од нашите партии, кога целокупната моќ е во рацете на лидерите, така што не очекувам никаква внатрепартиска борба кога буквално сè е централизирано. Партиите сè уште не се подготвени да има поголема демократија, а изминатиот период имавме можност во неколку наврати да се увериме како функционираат партиите кога ќе се соочат со различни мислења внатре – нагласува Пекевски.
За него не е за зачудување она што се случува во државата, прецизно лоцирајќи го проблемот токму во недемократските капацитети на партиите.
– Не треба да се чудиме зошто ни се случува тоа што ни се случува, зошто генерално сме над 100-то место според нивото на корупција, зошто сите гледаат со потсмев на нас, зошто сите гледаат со деградирачки погледи, а тоа е затоа што ние сè уште не сме зрели ниту за демократија ниту, пак, реално да функционираме како држава – забележува Пекевски.