Трајче Заев – братучед на премиерот, Зоран Заев, ги отфрла обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, за негова поврзаност со акцијата на МВР во која беше запленета голема количина на марихуана.
– Споменатото комбе од акцијата на МВР не е сопственост на фирма на Заеви. Ниту еден од уапсените не е вработен во ниту една фирма на Заеви. Јас сум на службено патување од 23. март во Обединетите Арапски Емирати со цел проширување на работата на нашите компании, отварање на нови пазари за нашите домашни македонски производи и стекнување на нови партнери за соработка – пишува Трајче Заев.
Тој тврди дека ВМРО-ДПМНЕ заради сопствени политички цели се обидува да го извалка неговото име и името на компаниите во сопственост на Заеви.
Претходно денеска, ВМРО-ДПМНЕ изрази сомневање дека Трајче Заев избегал во Дубаи, откако неговиот личен шофер бил уапсен во акцијата. Опозициската партија и денеска праша дали комбето со кое била превезувана дрогата припаѓа на фирма на фамилијата Заеви.