Сите обиди за манипулација со преспанскиот договор се крајно штетни за државата. Да се прави некаков обид за негово ревидирање или поништување, значи нов конфликт, ново вето, нови блокади од Грција, со која го надминавме повеќедецениското прашање. Ваквото размислување значи нанесување штета и закана за иднината на сопствената држава и народ, рече Дане Талески, советник на премиерот за надворешна политика и кандидат за амбасадор на НАТО, во интервју за „Макфакс“.
Според Талески, кога се во прашање интересите на земјата, треба да се тргнат настрана политичките, етничките и други интереси и да се остане посветен на патот на евро-атлантската перспектива во која се вложиле многу генерации наназад.
– Токму поради преспанскиот договор, државата сега ќе стане 30. полноправна членка на НАТО и ќе си го добие заслуженото место што го чека со години. Тоа е билатерален договор, кој предвидува обврски за двете држави. Знаете дека Грција прва го ратификува протоколот за членство во НАТО, што всушност беше нејзина обврска од договорот. И ние имаме должност да ги почитуваме обврските. Не сакам ни да помислам на негово ревидирање бидејќи со самото непочитување се иницираат многу прашања, враќање на земјата назад, создавање нови непријателства. Во моментот кога тргнавме по една нагорна линија, вакви размислувања воопшто не ни се потребни – порача Талески.
Според Талески, последната ратификација на протоколот за членство во шпанскиот парламент ќе помине многу бргу и без проблеми, со што ќе се заокружи целокупната процедура за членство на земјата во алијансата.