Честопати меѓу луѓето може да се слушнат разни толкувања врзани за одреден празник, кои низ годините прераснале во некакви традиции, а во суштина се дел од некакви суеверни верувања. Чести се и случаите кога спроти некој празник луѓето зборуваат дека нешто треба да се прави или, пак, да не се прави, затоа што тоа ќе донесело среќа или несреќа цела година. Според резултатите од истражувањата, речиси две третини од населението во Македонија се суеверни. Дури 57 отсто од граѓаните со православна вероисповед во земјава практикуваат некаков вид суеверие. Истражувањата покажуваат дека Македонија генерално е религиозна држава, и тоа важи како за христијаните, така и за верниците што се припадници на исламската религија…
Колку православните христијани ги слават славите во духот на православната вера
Претстојниот период во Македонија ќе се одбележуваат зимските слави, кои меѓу граѓаните најмасовно и најчесто се слават како домашни слави или имендени. Почнувајќи од Митровден, кој се слави во спомен на светиот великомаченик Димитриј Солунски, па потоа на 21 ноември следува Архангел Михаил, па следува почнува божиќниот пост, а со тоа и времето за посните слави, до крајот на годината македонските верници масовно го слават и Свети Никола, на 19 декември.
Но она што можеби најмногу паѓа во очи е колку православните христијани ги слават славите во духот на православната вера. Дали во чествувањето на христијанските празници повеќе е вклучена традицијата преку практикување разни суеверија или, пак, се практикуваат црковните правила?
Честопати меѓу луѓето може да се слушнат разни толкувања врзани за одреден празник, кои низ годините прераснале во некакви традиции, а во суштина се дел од некакви суеверни верувања. Чести се и случаите кога спроти некој празник луѓето зборуваат дека нешто треба да се прави или, пак, да не се прави, затоа што тоа ќе донесело среќа или несреќа цела година.
Верниците велат дека многу често и во медиумите пред некој празник може да прочитаат препораки што треба да прават пред и за време на празникот. Најчесто велат дека тоа се некои верувања што ги слушнале од своите баби и дедовци, кои се пренесуваат од колено на колено, но не знаат дали имаат врска со вистинското проповедање на православната вера.
Свештениците на Македонската православна црква-Охридска архиепископија последните години, и јавно но и преку социјалните медиуми, постојано апелираат дека верниците треба за сите дилеми во врска со прославувањето на славите или имендените да се консултираат со свештени лице од најблиската црква.
– Така ќе ги искоренат сите дилеми што ги слушаат за прославувањето на одреден празник, кои најчесто се поврзани со суеверни верувања и кои немаат никаква врска со христијанството – велат свештениците.
Социолозите, пак, сметаат дека една од причините за ваквата состојба треба да се бара и кај свештениците, кои многу малку учествуваат во едукацијата на верниците. За нив, не е невообичаено што истражувањата покажуваат висок процент декларирани традиционални верници, а во практиката мал процент познавачи на верата.
– Голем дел православни верници во исто време се декларираат како религиозни, но се и суеверни. Велат дека веруваат и во бог и во задгробен живот, во воскреснување на мртвите, но веруваат во магија и во магиски дејства, кои се поврзани со паганските обичаи. Тоа е доказ дека тие се традиционални верници, односно дека не се доволно верски едуцирани – додаваат социолозите.
Нивните ставови ги потврдуваат и последните истражувања на јавното мислење, со што македонските граѓани, и покрај тоа што себеси се декларираат како верници, во голема мера се подложни на суеверие.
Според резултатите од истражувањата, речиси две третини од населението во Македонија се суеверни. Дури 57 отсто од граѓаните со православна вероисповед во земјава практикуваат некаков вид суеверие, додека девет од 10 муслимани за себе рекле дека се суеверни. Истражувањата покажуваат и дека Македонија генерално е религиозна држава, и тоа важи како за христијаните, така и за верниците што се припадници на исламската религија.