Фото: Маја Јаневска-Илиева

Моите првични размислувања беа да дојдам на седницата, да се обратам и да гласам против иницијативата. Но проценувајќи дека се знаеше оти нема присуствуваат пратеници на мнозинството, ќе бев единствениот што не се согласува, кој ќе требаше да гласа против нешто, против една еуфорија која брзо се одвиваше. Не сме скандинавска земја и демократија во која се прифаќа правото на пратеник да гласа според своите убедувања, истакна пратеникот Кастриот Реџепи на денешната прес-конференција во Собранието, објаснувајќи зошто не се појавил на собраниската седница на која пропадна иницијативата за гласање доверба на Владата, во четвртокот.

Реџепи порача дека е со чиста совест по неговата постапка.

– Да им честитам на сите граѓани, што земјата уште еднаш го избра вистинскиот, западниот пат. Јас сум мирен и со чиста совест, бидејќи нема подобро од тоа својата држава да ја носиш на патот кон НАТО и ЕУ. За да нема спинови, јас Кастриот Реџепи, сојузник на своите сограѓани, Албанците и Македонците, стратешки сојузник на САД, во интерес на Македонија, самоволно и одлучно се засолнив на денот на гласање, за да не дозволам земјата да ни отиде во правец спротивен на моите идеолошки убедувања. Не е лесно да имаш суштински разлики во ставовите со сопартијците, но кога САД велат дека има можност за ЕУ интеграции, срцето и умот велат дека некој мора да пресече за доброто на иднината – наведе Реџепи.

Тој кажа дека добивал закани кои се пријавени во полиција.

– Не бев сигурен дека мојата сигурност, дека немаше да бидам нападнат вербално, па и физички. Во овој состав, имало такви случаи. Јас тоа не го најавив ниту на семејството, но нормално во текот на денот, додека ми биле исклучени телефоните, сум добил пораки кои се пријавени во институциите. Поради проценка на ситуацијата, затоа имам обезбедување, а не на мое барање – откри пратеникот во неговото прво јавно обраќање, откако беше недостапен за време на седницата.

Реџепи нагласи дека сѐ уште е пратеник на БЕСА, иако беше соопштено дека е исклучен од партијата.

–  Јас сум пратеник на БЕСА се додека не се промени мојот статус и ќе делувам така – порача Реџепи, додавајќи дека стабилизацијата и почетокот на преговорите со Европската Унија се најважни за земјата, како и брза реконструкција на владата, ако е неопходна, а не нови избори, застој и нови поделби.