Македонскиот државен врв генерално ја оцени како добредојдена понудата на српскиот претседател Александар Вучиќ да посредува преку разговор со францускиот претседател Емануел Макрон ние да добиеме датум за преговори со ЕУ. Во меѓународната политика и дипломатија „посредници и медијатори“ постоеле отсекогаш, но секогаш не ја завршувале работата онака како што се очекувало од нив. Како се оценува иницијативата на српскиот претседател Александар Вучиќ да ги засили ставовите на Македонија во очите на францускиот лидер?
Иако македонскиот државен врв главно ја цени како добредојдена понудата на српскиот претседател Александар Вучиќ да посредува преку разговор со францускиот претседател Емануел Макрон ние да добиеме датум за преговори со ЕУ, сепак дали се навистина мали шансите тој да одигра позначителна улога во ублажувањето на ставовите на Франција кон Македонија на таа тема?
Најновата понуда на српскиот претседател Вучиќ мошне ја изненади македонската јавност, со предлогот за посредување околу евентуалното кревање на француското вето кон Македонија во однос на датумот за преговори со ЕУ. Идејата Србија да се јави во улога на посредник во нашето добивање датум се промовираше изминатиов викенд за време на посетата на српскиот претседател Вучиќ на Охрид. Во таа пригода Вучиќ изјави дека тој при посетата на Париз, што треба да се одржи веќе денеска, на средбата со францускиот претседател Макрон ќе разговарал меѓу другото и за Македонија и за Албанија во однос на нивниот евроинтегративен пат. Вучиќ во таа конотација побара и дозвола од премиерите Зоран Заев и Еди Рама да разговара на оваа тема на средбата со Макрон.
– Немаме друг пат освен Европската Унија, но мене ми е важен животот на граѓаните. Лесно е да викаме дека сме сите за ЕУ, а по 96 часа да чекаме на граници без ништо конкретно да не преземеме за тоа. Утре ќе се видам со претседателот Макрон и, со дозвола од Зоран и Еди, ќе го прашам и за вас истото она што ќе го прашам за нас – изјави Вучиќ викендов на самитот во Охрид за иницијативата за мал шенген на балканските држави.
Ваквата иницијатива за посредување во надворешната политика за наш проблем не е никаква новина во регионов, велат упатените. Домашните познавачи на меѓународните односи коментираат дека тоа е ситуација кога „куциот го води слепиот“(!?). Пред понудата на српскиот претседател Вучиќ да посредува за наше добивање датум од страна на ЕУ, имаше слична и од источниот сосед, односно од премиерот на Бугарија Бојко Борисов. Тој пред самитот на ЕУ, кога Македонија доби вето од Париз за почнување на преговорите, велеше дека тој лично ќе се нафати да ги убедува Ангела Меркел и Макрон Македонија да добие датум. Политичкиот аналитичар Милан Стефановски вели дека во македонската традиција има подрастична споредба за понудата на српскиот претседател Вучиќ и таа гласи „слеп дал, ќор зел“?
– Идејата Србија да се јави во улога на посредник за датумот не е новина и таа веќе одамна ја промовираше Бугарија за време на една од посетите на Зоран Заев на Софија. Паметам дека бугарскиот премиер Бојко Борисов во неколку наврати се наметнуваше како регионален лидер, кој требаше да се залага токму земјава да добие датум за преговори во ЕУ на минатиот самит. Увидовме дека од тоа ништо не добивме, па ваквата иницијатива на Вучиќ не е никаква новина и не може да се потпреме за неа, иако во исто време поддршката од Белград е за поздравување – оценува Стефановски.
Според политикологот Стефановски, досега земјава се изнагледала и се изнаслушала за нејзините поддршки во минатото околу спорот за името со соседна Грција, па оттука ваквите заложби на странските политичари дадени за нас, се повеќе популистички отколку реални и изводливи.
Професорот по меѓународно право Лазар Лазаров слично размислува околу понудата на Белград да посредува во Париз за наше добивање датум за преговори. Според Лазаров, ваквата понуда на српскиот претседател, а пред тоа и на бугарскиот премиер Борисов, покажува дека нашата надворешна политика се сведува на несериозни ставови и чекори, кои се недозволиви за една држава што сака да биде членка на ЕУ.
– Првенствено, иако српско-француските односи се цврсти за што говори и неодамнешната посета на францускиот претседател Макрон на Белград, многу малку сум убеден дека Вучиќ може да има улога во ублажувањето на ставот на Франција кон нас за кревање на ветото кон нас. Ваквата теза ја темелам на моите сфаќања во однос на Србија и нејзините домашни нерешени проблеми. Доколку таа би можела, како што вели, да ни помогне нас првенствено, зошто не би си помогнала самата околу проблемот со Косово. Сепак иницијативата е за поздравување, иако не сум доволно убеден дека Вучиќ може да го убеди Макрон Париз да ја крене блокадата кон нас за почеток на преговорите со ЕУ – завршува Лазаров.
Во меѓувреме, домашната јавност нема нереални очекувања од денешната средба на македонскиот претседател Стево Пендаровски со неговиот француски колега Емануел Макрон во Париз. Во прилог на оваа теза целата мината недела домашните експерти го посочуваа последниот говор во интервју на францускиот претседател Макрон, во кој изјави дека НАТО е пред умирање, а Европа е на работ на амбисот. Инаку вчера српскиот претседател Александар Вучиќ ја започна тридневната посета на Париз во текот на која ќе се состане со францускиот претседател Емануел Макрон. Тој, според најавите, вчера требаше да присуствува на вечерата што Макрон ја приредува за шефовите на држави или влади и за претставници на меѓународните организации, а денес по средбата со Макрон ќе присуствува на отворањето на Вториот париски форум за мирот.