Зачестија хакерските напади за време на пандемијата на коронавирусот, а неодамна на ваков напад беше изложен и системот на весникот „Нова Македонија“, кој успешно беше одбиен. Имено, на 28 август, за време на празникот Голема Богородица некаде во попладневните часови бил направен обид за хакерски упад во системот на „Нова Македонија“, но благодарејќи на ефикасната заштита на системот, кој го поседува редакцијата, тоа не им успеало на хакерите, по што тие се откажале од првичната намера.
Нападот врз системот на „Нова Македонија“ започнал во петокот некаде околу 15 часот од Цирих во Швајцарија, а потоа следувале обиди за упад во системот од Полска и од неколку града во САД, но кога безбедносната алатка на системот ги блокирала, хакерите направиле завршен обид за упад од адреса во Москва, но и тој напад бил успешно одбиен.
На удар биле официјалните мејлови на дел од вработените во „Нова Македонија“, но блокадата што ја направил системот ги спречил хакерите во нивната намера.
Ова е само нова потврда дека сајбер-криминалците почнуваат да применуваат и нови начини за пробив на системите, користејќи термини за време на празници кога се очекува намален надзор на надлежните служби за интернет-безбедност во компаниите.
Хакерите внимателно следат кога има важни празници во државите, знаејќи дека луѓето се поопуштени и дека можат да нападнат.
Пред извесно време цел на хакерски напад токму на денот на предвремените парламентарни избори во земјава беше и системот за сумирање на резултатите од изборите на Државната изборна комисија (ДИК), при што претседателот на ДИК Оливер Дерковски изјави дека нападот дошол од странство. Случајот беше пријавен во МВР.
Претходно цел на хакерски напади беа и официјални интернет-страници на разни министерства, при што хакерите успеале да извлечат официјални мејлови на вработени во тие институции.
„Сајберсекјурити венчрс“, водечки светски истражувач од областа на сајбер-економијата, предвидува дека до 2021 година сајбер-нападите ќе ја чинат светската економија 6.000 милијарди долари, со што сајбер-криминалот ќе стане многу подоходен од трговијата со дрога. Само минатата година компјутерските напади нанеле штета од 3,5 милијарди долари, а половина биле изведени преку напади врз електронската пошта.
Додека вмреженоста и технолошкиот напредок придонесуваат за раст на општиот општествен стандард, истовремено ја зголемуваат и зависноста на луѓето и отвораат нови „точки на напад“ за сајбер-криминалците, кои ги користат токму современите технологии за своите операции. Прогнозите говорат дека веќе во 2022 година ќе има шест милијарди корисници на интернет што е околу 75 отсто од светската популација, а тој процент до 2030 година ќе се искачи на 90 отсто, што е околу седум и пол милијарди корисници.