Токму меѓународното право го дефинира и правото на самоопределување, кое е загарантирано за секоја држава, вклучувајќи и за Република Македонија, и во согласност со тоа никој не може да наметне да се викаме поинаку освен Република Македонија
Политичките преговори и дипломатски напори во насока на наоѓање достоинствено решение околу наметнатиот спор за името од страна на Грција вчера добија нов товар во форма на протести што ги организира грчката опозиција преку националистички здруженија низ повеќе градови во Северна Грција.
Целта на протестите е да се изврши вештачки притисок дома, но и пред меѓународните институции, како ЕУ, ООН, и со тоа на некој начин да се оправда апсурдноста на грчките барања и блокади кон Македонија.
Во ситуација кога нема никакви меѓународноправни аргументи на располагање, на Грција ѝ останува само да поттикнува, провоцира и вештачки да иницира вакви протести за наводна одбрана на „грчкиот карактер на Македонија“. Но какви било грчки протести, фингерајки, викања и собирања не можат да го надвикаат, надвладеат или, пак, да го укинат значењето на меѓународното право, чии одредби се сосема јасни, универзални и се однесуваат на сите држави. Токму меѓународното право го дефинира и правото на самоопределување, кое е загарантирано за секоја држава, вклучително и за Република Македонија, и во согласност со тоа никој не може да наметне да се викаме поинаку освен Република Македонија. И тука грчките протести не помагаат, туку се применува словото на законот и меѓународното право. Од друга страна, според домашните познавачи на проблематиката, протестите во Грција се во функција да се оттргне вниманието од она што нѐ очекува, како Самитот на НАТО и претходно на ЕУ, сѐ со цел да се изврши дополнителен притисок врз ОН, но и врз Македонија, со цел да се принуди на нови отстапки.
Според познавачите, Грција, која влегува во предизборен период и сега по секоја основа се собираат и политички поени, преку вакви „ситни и крупни протести“ за името под капата на „национализмот“ се обидува да влее страв и да му наштети на процесот, како на тамошниот така и на домашниот терен. За професорот по меѓународно право, кој е во пензија, Лазар Лазаров, повеќе од јасно е дека сето ова е смислено сценарио на државата, зад што се наѕираат и политичко-партиските интереси.
– Повеќе од јасно е дека сега се собираат и политички поени и преку вакви „ситни“ протести. Ова не се протести што би можеле да променат што било, туку се како да се случува нешто во државата. Кој ги прави тие? Пак се тоа смислени сценарија на државата, не можат тукутака да се соберат по социјални мрежи и да се организираат од некакви невладини грчки организации, кои бараат во договорот со нас да не се употребува зборот Македонија – објаснува Лазаров.
Овие протести, зад кои официјално стои некаков комитет, односно како што се тврди народот, можат да предизвикаат ирационални реакции, појаснува професорот.
– Всушност, на ниту еден не му одговара оваа ситуација, бидејќи лесно може да излезе надвор од контрола. Притисокот е присутен и на двете страни, но сепак мислам дека процесот треба да продолжи според предвидената агенда, но не по секоја цена – завршува Лазаров.
За разлика од протестот во Атина пред четири месеци, кога Грчката православна црква го поддржа собирот и учествуваше со три претставници, сега грчкиот архиепископ Јеронимос смета дека прашање, како што е она со спорот за името, не се решава со протести.
– Позицијата на црквата е цврста и тоа го кажуваме и пак го кажуваме и го повторуваме. Моите ставови се дека со овие прашања не се соочуваме со протести, со викање итн. Одговорен е парламентот, ќе одлучи, ќе преземе одговорност и, уште нешто, парламентот не е сам, се гласа од народот – рече Јеронимос.
Во меѓувреме, македонската влада е сѐ уште без официјален став за тоа кога би се реализирал евентуалниот телефонски разговор или средба меѓу премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, во рамките на процесот на преговорите. Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, вчера на прес-конференција не прецизира до каде се преговорите и дали е можна средба или телефонски разговор на премиерите на Грција и на Македонија до крајот на неделава. Тој остана без коментар и за фејсбук-статусот на Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој напиша дека в четврток или в петок оваа недела ќе се случи средбата Ципрас – Заев во грчката Мала Преспа и потпишувањето на договорот за смена на името Република Македонија.
– Имаме официјална прес-конференција во Владата на РМ. Не си дозволуваме да коментираме неофицијални информации без разлика од какви извори доаѓаат, сѐ додека немаат кредибилитет и легитимитет – рече Бошњаковски.
На прашањето дали до крајот на неделата се очекува разговор или средба Заев-Ципрас, дополни дека Владата останува на претходно кажаните ставови дека не навлегува во сферите на шпекулациите.
– Сметаме дека ова прашање е исклучително важно и тоа што претходно го најави премиерот останува како владин став и денеска – рече владиниот портпарол.
Премиерот Заев завчера изјави дека во прашање се денови кога ќе се случи телефонскиот разговор меѓу него и Ципрас и додаде дека во моментот сѐ уште се создаваат околностите тоа да се случи. Македонскиот премиер не сакаше да шпекулира за прифатливите предлози околу името ниту за тие содржани во пакетот на медијаторот Метју Нимиц. Процесот, според него, е на самиот крај и изрази верување дека крајот ќе биде успешен.
Вчера се огласи и заменик-министерот за надворешни работи на Грција, Јанис Аманатидис, кој во интервју за грчката телевизија Скај истакна дека двете земји се блиску до договор. Заменикот на Коѕијас рече дека договорот е во интерес и на двете земји и „ги решава проблемите на таков начин што нема да се создаваат конфликти во иднина“.
– Тоа е пакет-решение, министерот откри дека е на околу 20 страници, во кои се споменати сите прашања: иредентизмот, уставната ревизија, ерга омнес, името и развивање агенда за соработка, а секако и временскиот рок во кој ќе се имплементира сѐ ова. Ние сме во исчекување – вели Аманатидис и изрази уверување дека договорот ќе биде таков што „ќе го прифати поширокото мнозинство во грчкото општество и поширокото мнозинство во парламентот“.
Паралелно на сето ова вчера се огласи и македонското министерство за надворешни работи (МНР), кое упати предупредување до македонските државјани што планираат да патуваат во Грција да ги избегнуваат местата на одржување на најавените протести за „грчкиот карактер на Македонија“ во 13 поголеми градови во северниот дел од државата, поради потенцијална можност од нивна ескалација.
– Поради потенцијалната можност од ескалација на протестите, се предупредуваат граѓаните на Република Македонија да ги избегнуваат местата на нивно одржување, како и од секакви реакции што би имале негативни последици по нивната безбедност – се вели во соопштението.
Инаку, и испитувањата на јавните мислења во двете земји исто така не одат во поддршка на решавање на проблемот. Според резултатите од неодамнешната анкета спроведена од МЦМС и агенцијата „М-проспект“, мнозинството граѓани, 61,5 отсто, би гласале против на референдум за Република Илинденска Македонија, предлог што беше актуелен минатиот месец, но кој грчката влада го одби, а и премиерот Заев потврди дека не е повеќе на маса.
Во Грција, пак, во испитувањата на јавното мислење спроведено годинава дури 71,5 отсто од испитаниците рекле дека не прифаќаат какво било спомнување на Македонија во името на нашата земја.
Минатиот викенд во Скопје пред Владата на протестот што го организира ВМРО-ДПМНЕ по повод една година од владеењето на актуелната власт, една од пораките што ја упати лидерот Христијан Мицкоски беше поврзана со спорот со Грција. Мицкоски рече дека опозицијата нема да поддржи промена на Уставот заради промена на уставното име.