Иако ги поддржуваат сите облици на социјална грижа за повозрасните, од Сојузот на здруженија на пензионери потсетуваат дека веќе 51 година не е изграден ниту еден јавен пензионерски дом, а приватните за многумина се прескапи
Социјални сервиси, како уште една форма на грижа за старите лица, која треба да профункционира во 19 општини во земјава, откога од Министерството за труд и социјална политика им издадоа лиценци на 20 здруженија на граѓани и приватни даватели на овој вид социјални услуги, се добредојдено решение за пензионерите, но и за оние што потешко се снаоѓаат на пазарот на трудот. Со овие сервиси во повеќе општини, социјалните услуги се доближуваат до местото на живеење на голем дел од возрасната категорија граѓани и се обезбедуваат дополнителни вработувања.
– Преку процесот на децентрализација на социјалните услуги и склучување договори со 19 општини, ја обезбедуваме услугата помош во домот за највозрасната категорија граѓани. Притоа, како даватели на услуги ги ангажираме најтешко вработливите и на овој начин ги активираме на пазарот на трудот. Оваа социјална услуга е бесплатна за корисниците, а ангажираните лица ги плаќа општината. Преку овој пристап, овозможуваме старите лица да останат во својата средина каде што се чувствуваат најпријатно, а сепак да ја добиваат помошта што им е потребна – објасни неодамна ресорната министерка Јагода Шахпаска.
Пензионерите ја поддржуваат идејата за воспоставување социјални сервиси, но сметаат дека е потребна и изградба на нови пензионерски домови.
– Ние, како Сојуз на здруженија на пензионери, ја поддржуваме оваа форма на социјално организирање, бидејќи идејата е пензионерот да се задржи дома, во домашен амбиент, со пријателите. Но, секако, сметаме дека е потребна и изградба на пензионерски домови, бидејќи 51 година не е изграден ниту еден пензионерски дом, а приватните домови за сместување на старите лица се многу скапи. Ја поздравуваме иницијативата за формирањето на социјалните сервиси, кои ќе нудат широка палета услуги за старите лица. Ги поддржуваме сите облици на социјално домување, посебно ова, затоа што интенцијата е пензионерот колку е возможно подолго да се задржи во својот дом – изјави Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженија на пензионери.
За подобрување на социјалните услуги, Министерството спроведува проект преку Светска банка, при што се одобрени 24 проектни апликации, потпишани 19 договори за доделување грантови за воспоставување и развој на социјални услуги во 2021 година, со што се воведува услугата помош и нега во домот.