Благодарност за ратификацијата на пристапниот протокол за нашето членство во НАТО упати министерот за надворешни работи, Никола Димитров до министерката за надворешни работи на Кралството Норвешка, Ине Ериксен Сореиде, која денеска престојува во работна посета на земјава.
– Норвешка е една од најцврстите, најсилните, најпрогресивните и најпросперитетните европски демократии. Токму затоа потпишавме заедничка изјава за партнерство и соработка во Осло за време на мојата посета таму. Изразив благодарност за ратификацијата на пристапниот протокол за нашето НАТО членство. Разговаравме за цел регион, за нашите билатерални односи. Благодарни сме за поддршката на Норвешка во нашата реформска агенда. Благодарни сме за интересот и присуството на Норвешка не само кај нас туку и во целиот регион и тоа високо го цениме – рече Димитров.
Министерката Сореиде ја реафирмираше поддршката на Норвешка за реализација на македонските стратешки приоритети, преку постигнување на неопходните стандарди во насока на интеграција на Република Северна Македонија во НАТО и во Европската Унија.
– Северна Македонија прави одличен прогрес и ве поддржуваме во вашите напори и ќе продолжиме да го правиме истото. Исто така, очекувам да седам покрај Никола во НАТО. Ние сме географски малку раздвоени, но ќе бидеме соседи на масата во НАТО. Тој ќе го заземе местото помеѓу Холандија и мене. И се надевам дека тоа ќе претставува уште посилна соработка во иднина. Ќе продолжиме да соработуваме со вашата Влада за процесот на подготовка за НАТО и ЕУ, како и со цврстите билатерални односи – изјави министерката.
Двајцата министри разговараа и за можностите за натамошно интензивирање на соработката во повеќе сфери од заемен интерес, особено во делот на економијата и инвестициите, како и за соработката во рамките на меѓународните организации. Воедно, стана збор и за регионалната соработка, а беа разменети мислења и за актуелни прашања на меѓународен план.