Соочен со притисокот од земјите-членки на ЕУ, бугарскиот амбасадор во ЕУ вчера на министрите од европскиот блок им ја објаснуваше одлуката на неговата држава за ставање вето за отпочнувањето на пристапните преговори со Македонија, пренесува „Еурактив“.
Димитар Цанчев ја претставуваше Бугарија на министерскиот состанок во ЕУ на кој се одлучува за прашања поврзани со проширувањето. Бугарија стави вето на одлуката за отпочнување пристапни преговори со Македонија во ноември минатата година, што индиректно влијаеше и врз Албанија, чии евроинтеграции се поврзани со Македонија.
Обраќајќи се кон министрите од ЕУ, Цанчев кажа дека Бугарија е последната држава на која и е потребно убедување за прашањето зошто Западен Балкан треба да стане дел од Унијата.
– За жал, ние се соочуваме со проблем. Но, тоа не е билатерален проблем како што некои од вас очигледно мислат. Тој се однесува на принципите на кои Унијата е создаден и на кои функционира – кажал Цанчев, според транскрипт од средбата во кој Еурактив имаше увид.
Според Цанчев, првпат во процесот на проширување се случува земја-кандидат да се залага за одредува на условите за отпочнување на преговорите за нејзино членство во ЕУ.
– Првпат имаме земја-кандидат која се изјасни дека сака да стане членка на ЕУ, но без да се откаже од нејзината идеологија од ерата на комунизмот. Првпат имаме земја-кандидат која смета дека нема обврска да ги почитува договорите потпишани со земја-членка на ЕУ. Таквото однесување не може да биде толерирано бидејќи претставува отворено оспорување на темелите на ЕУ – кажал Цанчев.
Се смета дека промената на власта во Бугарија со доаѓањето на привремената влада до формирањето на нов владин состав по изборите закажани за јули нема да ја смени позицијата на Бугарија кон Македонија, во отсуството на напредокот на билатерално ниво, заклучува „Еурактив“.