Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во пресрет на зимата кога се очекуваат нов посилен бран на ковид-19, поголемо загадување на воздухот, но и уште поизразена енергетска криза, размислувањата се како поуспешно да се справиме со сите овие предизвици и кои мерки би можеле да се преземат во различните сектори. Можно ли е соломонско решение три во едно, или со еден потег во образованието да се ублажат состојбите во другите сегменти. Аналитичарите имаат интересни размислувања и сугестии

СЕ БАРА ЗДРУЖЕН ОДГОВОР НА СЕРИЈАТА КРИЗИ

Додека Македонија и светот се соочуваат со редица кризи предизвикани од пандемијата на ковид-19, енергетската криза, големото загадување на воздухот, но и проблемите во образованието поради честите отсуства на ученици и професори поради зараза со вирусот, во соседството и во јавноста се бараат начини како да се надминат ваквите предизвици. Во соседна Србија се предлагаат мерки со кои во декември и во јануари учениците ќе бидат пуштени на распуст, со цел да се избегне ширење на вирусот, но и да се заштеди енергија за затоплување на училиштата. Кои се размислувањата кај нас и може ли да се постигне повеќекратен ефект со кој ќе се намали ширењето на вирусот, ќе се намали потрошувачката на енергија и ќе се намалат проблемите во образованието? Околу некои од овие предизвици засега имаме различни, на моменти дури и дисонантни тонови од надлежните институции и органи.

Дисонантни тонови од надлежните

Така, министерот за здравство д-р Венко Филипче во однос на големиот бран на ширење на вирусот вели дека се потребни поголема вакцинација и засилена контрола, со која сите вработени во јавниот сектор, образованието, локалната самоуправа и во сите институции за одење на работното место ќе треба да прикажат потврда за најмалку една доза примена вакцина или да имаат негативен ПЦР-тест, кој ќе важи најмалку 72 часа. Се очекува ваква одлука да донесе Владата на седницата во вторник.
Од друга страна, синдикалните организации остро се противат на овие рестриктивни политики на министерот за здравство.
Спротивно на заострувањето на мерки на Филипче, пак, министерката за образование и наука Мила Царовска излезе со релаксирачка порака пред јавноста. Таа неделава изјави дека состојбата со коронавирусот во училиштата е стабилна и сѐ додека е така, остануваме со настава со физичко присуство.
На изјавата на Царовска веднаш реагираше Прогресивниот синдикат за образование (ПСО), кој побара од Министерството за образование и наука да дозволи наставниците на наставнички совети да може да одлучат дали наставата да ја организираат со физичко присуство или онлајн во периодот од 1 декември 2021 до 31 март 2022 година.
Барањето го образложува со актуелните услови – сезона на грипови и влошување на состојбата со пандемијата на ковид-19, како и поради енергетската криза во државава.
– Доколку состојбите со пандемијата се подобрат, учениците би можеле во последното тримесечје да се вратат во училишните клупи и со успех да ја завршат учебната 2021/2022 година. Покрај здравствена заштита, овие измени ќе овозможат и заштеда на енергија, како и помало загадување од училиштата што се затоплуваат со други горива – наведува ПСО.

Соломонски решенија за максимален ефект

Во меѓувреме, универзитетските професори и аналитичарите со кои се консултиравме велат дека нашите власти треба што поскоро да реагираат со соломонски мудро надминување на пречките ако сакаме државата побезболно да ги надмине проблематичните состојби.
Универзитетскиот професор и микробиолог Никола Пановски во изјава за „Нова Македонија“ објаснува дека ако сакаме успешно да се справиме со трите предизвици што стојат пред нас мора да имаме систематски приод до решение.
– Првично државните власти треба да започнат да испраќаат сплотени пораки, а не изјави со различни насоки. Не е логично еден министер да ги заострува мерките како Филипче, а друг да ги олабавува како Царовска. Државниот врв и здравствените власти треба да наложат построги мерки за борба со загадениот воздух, кој само ги влошува ефектите на пандемијата. Во тој правец властите треба да монтираат пречистителни уреди за воздух во сите јавните простори, во автобусите, во училиштата… бидејќи во суштина не се направи ништо изминативе две години. Натаму, треба да се врши контрола и казнување на оние што не се придржуваат кон носењето маски во јавните институции, училиштата и министерствата. Во казнувањето да не се исклучи никој, а како пример треба да се казнат сите државници од премиер до претседател, кои неодамна без маска парадираа во новиот трговски центар во Скопје. Дополнително, за да ги избегнеме штетите и смртните случаи верувам дека децата треба да се пуштат од дома да ја следат наставата преку интернет, но не за целата учебна година, туку само во период од неколку недели пред и по зимскиот распуст. Со оваа мерка во најмала рака наставата ќе продолжи да функционира, а со тоа ќе се намали и ризикот и нашите деца да заболат, но уште повеќе истите тие да не го донесат вирусот дома, кој може да има посериозни последици кон возрасните – вели Пановски.

Тој советува дека во овој симултан одговор на државата на кризите треба да има и т.н. рестриктивна мерка младите да ги посетуваат клубовите и кафе-баровите слично како минатата зима, бидејќи во суштина тие во моментов се најголеми преносители на вирусот, кои можат да заболат и на училиште, но и во ноќен клуб.
Професорот Петар Атанасов, кој е поранешен заменик-министер за образование, во својот осврт на случувањата, за „Нова Македонија“, вели дека ако се изанализираат последните месеци откога трае учебната година, ќе се стигне до заклучок дека состојбите во овој процес се мешаница.
– Кај граѓаните очигледно има голема недоверба во системот што се грижи за образованието и здравствената заштита на нивните деца – вели Атанасов.
Тој објаснува дека здравствените протоколи во училниците не се почитуваат секаде и токму затоа во училиштата многу брзо се шири заразата.
– Училниците дури и да се проветрени, однадвор влегува воздух што е загаден, а сето тоа дополнително ја влошува здравствената состојба во земјата – вели тој.
Тој објаснува дека слабостите во системот како да се спроведе образованието, а да се заштити од пандемијата се и на хоризонтална и на вертикална линија. Атанасов вели дека состојбите во моментов стануваат сѐ полоши ако знаеме дека битката со пандемијата и битката за подобро образование е попречена и со длабоката политизираност во системот, која на голема врата е присутна во места каде што едноставно не смее да биде присутна.
Аналитичарот Синиша Пекевски, пак, вели дека доколку сакаме да излеземе од серијата кризи пред кои е исправена државата, тогаш мораме да имаме здружен одговор на состојбите.
– Здраво население ќе значи и цврста економија, која треба да даде одговор и на економската, но и на енергетската криза. Дополнително, пак, образовани и здрави младинци и деца значат траен гарант на Македонија во годините што следуваат. Токму затоа сега клучните потези се пресуди за земјата, а оние што раководат со неа мора да се мудри во чекорите – вели Пекевски.
Тој советува дека ова се можеби и најтешките предизвици на сите полиња со кои симултано се соочила Македонија.
– Досега се покажа дека недоволно анализираните реакции на земјата беа порозни во првата година во пандемијата. Она што ни останува сега во втората зима каде што, освен со болеста сме соочени со образовните, енергетските и економските предизвици е да бидеме попрецизни и поконкретни во нашите чекори за да се надеваме на подобра иднина во годините што следуваат по овие случувања – вели тој.

[email protected]