Сите политички партии и експерти од двата најголеми блока не донесоа квалитетни солуции како да извлечеме максимум од образованието во овие услови. Тие само шират демагогија без притоа да најдат соодветно решение, тврдат образовните експерти

Во ноември се навршуваат три месеци од почетокот на учебната година во Македонија, во која наставата се одвива со физичко присуство на учениците во основните и во средните училишта. Спротивно од нив, наставата на факултетите и понатаму е онлајн.
Ако се направи пресек на состојбите во изминатите три месеци, може да се воочат спротивставени ставови и мислења за ефектите и успешноста на наставата со физичко присуство на учениците.
Така, на социјалните мрежи сѐ погласни се реакциите за многубројните пропусти и непочитување на мерките за заштита од ковид-19 во училиштата. Истото тоа се однесува и за градскиот превоз, каде што сѐ поголем број патници не носат маски.
Родителите велат дека она што е евидентно при посетата на некои од училиштата е дека дисциплината и контролата се значително попуштени и не се почитуваат препораките за заштита од ковид-19. Тие истакнуваат дека во последно време има голем број случаи на отсуства од настава поради зараза на децата, при што цели паралелки се во изолација. Која е тогаш смислата на настава со физичко присуство во вакви околности и во услови на актуелен нов голем бран на ковид19, велат тие. Токму поради потребата од изолација и поради честите заболувања на учениците и на наставниците се губат многу драгоцени часови, со што опаѓа и квалитетот на образованието.
Професорот Петар Атанасов, поранешниот заменик-министер за образование, во својот осврт на случувањата, за „Нова Македонија“, вели дека ако се изанализираат последните месеци откога трае учебната година, ќе се стигне до заклучок дека состојбите се хаотични.

– Кај граѓаните очигледно има голема недоверба во системот што се грижи за образованието на нивните деца, а тоа до одредена граница е и очекувано и нормално, бидејќи секој што е родител знае дека на дневна основа се вршат разни импровизации во училиштата додека трае учебниот ден. Имено, не е чест случајот каде што децата во училиштата само на дневна основа пропуштаат и повеќе од половина од предвидените часови во распоредот. Уште пострашно е што пропуштените часови децата ги минуваат во кафе-барови наместо во училиште. Сето тоа е несакана последица од животот со пандемијата, но и од немањето квалитетен механизам на институциите како да ги надминеме овие состојби. Сите политички партии и експерти од двата најголеми блока не донесоа квалитетни солуции како да извлечеме максимум од образованието во овие услови. Тие само шират демагогија без притоа да најдат соодветно решение. Имаме случаи во училиштата каде што се глуми нормалност. Ова глумење нормалност во систем што е неефективен е опасно, и здравствено, но и образовно за децата и нивните родители – вели Атанасов.
Тој советува што поскоро да се разбере дека имаме национален интерес да ги поправиме работите во образованието ако сакаме да имаме квалитетна иднина, бидејќи ваквите состојби не чинат, а образованието е еден систем што е како раштиман музички оркестар.
Во меѓувреме, во јавноста неодамна со своја констатација на состојбите излезе и народниот правобранител, кој испрати укажување до Министерството за образование и наука околу редица пропусти поврзани со часовите со физичко присуство.