Собранието не можеше да обезбеди кворум од 61 пратеник за работа, откако еден пратеник од владејачкото мнозинство е позитивен на коронавирус, а друг е тестиран и ги чека резултатите, како што појасни координаторот на СДСМ, Јован Митрески, на почетокот на 30-та седница. Тој ја критикуваше опозицијата поради неприсуство на денешната седница, на што координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, му одговори дека отсуството на опозицијата е резултат на недемократското однесување на мнозинството.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери потоа ја прекина седницата со образложение дека нема деловнички можности за работа. Продолжението на седницата ќе биде дополнително закажано кога ќе се создадат услови за кворум.

На оваа седница, на дневен ред е предвидена и точката за интерпелација за работата на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, предложена од опозицијата.