Политички поларизираниот амбиент во македонското општество како да премина на повисоко ниво на интензитет за аргументирање на своите позиции, по одржувањето на референдумот на 30 септември, на кој граѓаните требаше да одлучат дали се за членство во ЕУ и во НАТО со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција.
Колку што таа поларизираност е присутна во конвенционалните електронски медиуми, сепак се чини дека својата бурна „претходна најава“ ја има на социјалните мрежи. Или барем дебатите паралелно се одвиваат и на социјалните мрежи и во медиумите, додека онаа што се очекува, собраниската, сѐ уште е на стендбај. Всушност, по поднесувањето на предлогот за уставни промени од страна на Владата до Собранието, во понеделникот на 8 октомври, токму на социјалната мрежа Фејсбук, премиерот упати апел до пратениците, директно обраќајќи им се со: „Пратеници, време е!“ Иако, социјалните мрежи не подлежат под Законот за информирање, политичарите, интелектуалците и воопшто граѓаните многу почесто ги користат како најдостапен медиум за изнесување на своите ставови, но и како средство за ширење влијание.
Почнувањето на собраниската процедура за промени на Уставот на Република Македонија, во согласност со обврските преземени како „втора страна“ со спогодбата од Мала Преспа, всушност, претставува вториот чекор по референдумот за нејзина „ерга омнес“ имплементација во македонското општество. Така што полемиката што континуирано се одвива на социјалните мрежи уште по потпишувањето на спогодбата на 17 јуни, годинава во селото Нивици на грчката страна од Преспа, само се надградува со нови статуси, кои може да се групираат во нови поглавја на темата што може да се нарече – промена на статусот на Република Македонија во Република Северна Македонија.
Статуси на политичари и на интелектуалци за референдумот и за уставните промени
Зоран Заев, премиер на Владата на Република Македонија и лидер на СДСМ:
– Сите пратеници имаат историска должност пред граѓаните да го обезбедат патот на Македонија кон стабилност и економски просперитет. Тоа е патот кон НАТО и ЕУ, кој води преку македонско-грчкиот договор!
Христијан Мицкоски, лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ:
– СДСМ одби, премиерот молчи. Паднаа маските и се покажа вистинското лице на власта. За жал, СДСМ имаше можност да докаже дека борбата против криминалот има некакво значење за оваа власт… Би порачал уште еднаш да размислат, власта и премиерот, затоа што не е сеедно кој на чија страна бил. Јас веќе одбрав, со народот, на страна на правдата и нашата Македонија.
Љубомир Цуцуловски, професор по филозофија на Филозофскиот факултет при УКИМ:
– ЗАКОНИТЕ И ВОЛЈАТА НА НАРОДОТ. СДСМ, како и трабантите околу него, треба да научат дека референдумот за Преспанскиот договор е завршена работа и дека, според тоа, наместо да се повикуваат на „волјата на народот“ треба да се повикуваат и да ги почитуваат волјата и духот на Уставот и законите, бидејќи без нивно почитување нема ни вистинско почитување на волјата на народот. Треба, исто така, да научат дека не може сè по нивно да биде и дека со сила убавина не бидува. Барем толку можат да научат и да разберат.
Џејсон Мико, аналитичар од САД:
– Западот многу сака да им дозволи на Македонците сами да ги носат одлуките, но се соочува со познатата дилема на ликот од делото на Џорџ Орвел, „Животинска фарма“: што ако донесат погрешна одлука!
Никола Димитров, министер за надворешни работи:
– Факти за референдумот
Дали е факт дека на референдумот не гласаа повеќе од половината граѓани (903.169) од вкупно запишаните во Избирачкиот список (1.806.336)? Да.
Дали е факт дека 609.813 граѓани се поголемо мнозинство од сите граѓани што гласале на парламентарните избори во 2016 година (1.191.854) и од сите што гласале на локалните избори во 2017 година (1.079.876)? Да.
Дали е факт дека во програмата на ДПМНЕ на страната 295 пишува дека референдумот ќе биде успешен доколку го поддржат мнозинство од граѓаните, кои ќе ИЗЛЕЗАТ да гласаат, а не мнозинство од запишаните на Избирачкиот список? Да. Еве цитат:
„ВМРО-ДПМНЕ, како одговорна и народна партија, нема да дозволи кое било решение за спорот што го наметна Грција, да биде прифатено од страна на политичари поединци, влада или собрание, без претходно за тоа да се изјаснат македонските граг?ани на референдум, а притоа мнозинството од граг?аните, кои ќе излезат на референдумот да се согласни со можното решение“.
Дали е факт дека се плашеа од пораз и решија да не учествуваат (секоја чест на исклучоците) и да се кријат зад иселените, кои решиле да си ја бараат Европа надвор од Македонија? Да.
Димитар Апасиев, професор на Правниот факултет при УГД, Штип:
– На успешниот референдум во 1991, при постигнат цензус на излезност од 75,74 отсто, за држава со име МАКЕДОНИЈА се изјасниле 1.079.308 граѓани!
На неуспешниот референдум во 2018, при немање цензус за излезност од 36,9 отсто, за држава со име СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА се изјасниле 609.427 граѓани!#ШтоТукаНеЕЈасно
Тони Дескоски, професор на Правниот факултет при УКИМ:
– Сега, кога имаме неуспешен референдум, чувствувам потреба да укажам на една одредба од Преспанската спогодба, која во значителна мера може да влијае на идните постапки. Имено, во чл. 2 став 4, точка б, алинеја 2 (втора, трета и четврта реченица), изречно е пропишано дека поддршката на Грција за наше зачленување во НАТО е условено од исполнувањето на два кумулативни услови: прво, од исходот на референдумот (кој мора да е конзистентен со спогодбата) и второ, усвојувањето на уставните амандмани (четири на број). Тоа значи дека без исполнување на кој било од двата услови, Грција нема да има обврска да нѐ поддржи за членство во НАТО. Тоа пак значи, дека дури и да ја ратификуваат Преспанската спогодба во нивниот парламент, ние ќе бидеме во нивна милост или немилост, за тоа дали ќе нѐ пропуштат во НАТО. Грција секогаш ќе може да се повика на неуспешниот референдум, и совршено правно засновано да одбие да го ратификува протоколот за наше пристапување во НАТО. Тогаш, ниту Меѓународниот суд на правдата нема да пресуди за нас. Оттука, пред да се пристапи кон уставни измени, укажувам на опасноста со која се соочуваме, дури и ако амандманите бидат усвоени.
Александар Русјаков, писател:
– Совршена симболика. А ништо не е случајно. На три дена пред 11 октомври, фашизмот во Македонија пуштен на најјако. Црпнати кмери и белосветски нациманијаци, од вашата тортура само стануваме посилни.
Тања Каракамишева Јовановска, професорка на Правниот факултет при УКИМ:
– Да ја прашам Владата како вчера донесе предлог за пристапување кон измена на Уставот за имплементација на договорот од Преспа кога истиот тој е спротивен на Уставот и не е објавен во „Службен весник“? Формалноправно овој договор не може да влезе во правна сила додека не биде објавен во „Службен весник“ и додека истиот тој не се усогласи со Уставот на Република Македонија.