Фото: Игор Бансколиев

Снежните врнежи на повисоките места овозможија скијачката сезона во земјава да започне и порано од претходните години, а во нашите зимски туристички центри е зголемена заинтересираноста како на домашни така и на странски гости. Упатените во туризмот велат дека треба да се работи на активните форми на туристичка понуда и на промоцијата на Македонија како дестинација за четири сезони

ОПТИМИЗАМ НА ПРАГОТ НА НОВАТА ЗИМСКА СЕЗОНА

Снежните врнежи на повисоките места овозможија скијачката сезона во земјава да започне порано од претходните години, а скијачите веќе имаа можности да се пуштат на патеките во нашите зимски туристички центри. Попова Шапка и Маврово изобилуваат со снег, благодарение на кој угостителите и хотелиерите се надеваат на успешна ски-сезона. Дополнително, снег веќе има во другите ски-центри во земјава, со што главниот услов за зимски радости е исполнет.
Упатените укажуваат дека заинтересираност за посета на домашните ски-центри имало и пред да заврне снег, но сега уште повеќе се зголемила побарувачката на сместувачки капацитети. Сепак потенцираат дека и понатаму во секторот се почитуваат и спроведуваат протоколите за заштита на посетителите од коронавирусот и дека здравјето и безбедноста на посетителите и вработените се на прво место.
Првиот човек на „Елем турс“, во чија надлежност е ски-центарот Попова Шапка, како и два хотела на Попова Шапка, потоа еден хотел на Пелистер, посочи дека очекува уште поуспешна зимска сезона од минатата, благодарение на новитетите во ски-центарот.
– Имаме многу новитети и поволности за посетителите на скијачките центри. Изминатиов период беше инвестирано во повеќе проекти, со кои очекуваме и позадоволни гости и, секако, очекуваме уште поголема посетеност од претходната година. Има заинтересираност и резервации, протоколите одредени поради пандемијата се почитуваат и ќе продолжиме така. Минатата година имавме гости од Чешка, Србија, Албанија, Косово и очекуваме тие да се вратат и оваа година. Сметаме дека ќе има уште поголем број гости годинава, како домашни, така и странски – укажа Адем Авзиу, управител на „Елем турс“.

Македонците најчесто ги посетуваат зимските центри во соседството

Претставниците на туристичките агенции од земјава посочуваат дека од поодамна се нудат сместувања во земјава и во соседството, но и подалеку, токму за претстојаната зимска сезона и додаваат дека заинтересираност има, но потенцираат дека засега заинтересираноста не е како годините пред појавата на пандемијата.
– Веќе зачекоривме во зимската сезона, која за нас туристичките агенции треба да претставува стимул за справување со пандемијата на ковид-19. Ние, туристичките агенции, сме подготвени за ски-програмите во зимските ски-центри, најпрво во нашето блиско опкружување, како Србија и Бугарија, и се разбира Македонија. Со понудите стартувавме уште во септември, со соодветни попусти за рани резервации. Општо земено, заинтересираност постои, но сѐ уште немаме некој задоволувачки број на резервации што може да ни даде надеж дека можеме да ја надминеме пандемиската криза, а сега и економската, која претставува проблем и оптоварување на буџетот на клиентот. Како што спомнав, ја немаме таа заинтересираност како што ја имавме во годината пред пандемијата – вели Данчо Нацев, сопственик на туристичката агенција „Арбо травел“.
Нацев посочува дека најбарани ски-центри од македонските туристи се Банско, Боровец и Пампорово во Бугарија, како и Копаоник и Златибор во Србија, но секако и домашните ски-центри Маврово и Попова Шапка.
– Што се однесува до протоколите и мерките за влез во државите каде што ги организираме аранжманите, тие се строго запазени и се внимава на здравствената безбедност, затоа што игра голема улога за да се наполни хотелот или ски-центарот. Дополнително, секој клиент најпрво го интересира дали се почитуваат мерките. Што се однесува до прашањето дали македонските ски-центри се интересни за странските туристи, би потенцирал дека заинтересираност постои од нашето поблиско опкружување (Косово, Албанија и Грција), а се разбира и од македонските туристи. За да ја направиме Македонија интересна зимска туристичка дестинација, потребна е голема кампања од страна на АППТ и самите хотелиери – објаснува Нацев.
Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, посочи дека за разлика од други години, кога нашите ски-центри имале недостиг од снег, оваа сезона, со врнежите на Попова Шапка и Маврово, таа започнува порано од вообичаеното.
– Ски-центарот Попова Шапка ја започна зимската сезона, која очекувам да биде успешна, со голем број домашни и регионални гости. Очекувам таа да се движи во минатогодишните бројки на туристи и остварени ноќевања, што ќе преставува потврда за добра сезона. Сепак, останува потребата од инвестиции во ски-центрите и нови сместувачки капацитети, кои ќе овозможат да бидат поконкурентни на другите центри во регионални рамки – вели Јаневски.

Пандемијата наметна нови форми на патување

Тој потенцира дека пандемијата донесе нова реалност во туристичкиот сектор на светско ниво, која се пресликува и регионално, со протоколи и правила за сигурна дестинација и можност за функционирање во вакви услови.
– Пандемијата наметна менување на структурата на гостите, патување во помали групи и дестинации што изобилуваат со недопрена природа, практикување на алтернативните форми на туристичка понуда, пред сѐ руралниот и екотуризмот како носачи на новите туристи. Сепак, квалитетот на туристи, а не квантитетот во одредена дестинација игра улога, а потребата од нови туристички атракции е исклучително висока, со што ќе се овозможи зголемување на просечниот престој на туристите во дестинацијата. Доколку се погледнат статистичките податоци, ќе може да се забележи постепено закрепнување во туристичкиот сектор, кој сѐ повеќе треба да ја губи сезоналноста и таа да зависи од дестинацијата и нејзините форми на туристичка понуда. Токму тоа се покажа и со пандемијата, односно одржливоста на дестинациите. Дестинациите што практикуваа рурален и екотуризам дури и да не забележаа намалување на туристи и ноќевања во 2020 и 2021 година, туку, напротив, доживеаја голем број дневни туристи, бидејќи капацитетите за сместување во овие дестинации се малобројни. Затоа е потребно да се работи на повеќе полиња во македонскиот туристички сектор, во кој континуирано треба да се овозможуваат услови за инвестиции во руралните дестинации, интегрирање на локалното население во практикување на активните форми на туристичка понуда и промоцијата на Македонија како дестинација за четири сезони – истакнува Јаневски.
Според него, многу брзо треба да се очекува туризмот да се врати во одредена нова нормала, која ќе овозможи брзо враќање на приливот од туризмот на исто ниво со 2019 година.
– Според мене, враќањето на приливите во туризмот треба да се случи веќе во 2022 година. Со работа на сите засегнати страни до 2025 година треба да овозможиме повеќе од 4,5 милиони ноќевања и прилив поголем од 500 милиони долари во македонската економија од туризмот.
Новите соеви на САРС КоВ-2 во периодот што следува ќе создадат нови рестриктивни мерки на краток рок, а најважно од сѐ се вакцинацијата и придржувањето до протоколите и нивна примена во македонскиот туристички сектор. Само така ќе успееме да имаме сигурна дестинација и кампања и во годината што следува – потенцира Јаневски.
Од друга страна, туристичките работници велат дека секторот сѐ уште не е стабилизиран и дека вистинска стабилизација не очекуваат додека има нови соеви на ковид-19.
– Искрено се надевам дека во 2022 година постепено ќе се зголеми заинтересираноста за патување, а Македонија преку своја кампања, која треба да започне, повторно да стане безбедна земја за патување и да се најде на картата на безбедни земји за патување и да ги вратиме странските туристи што од почетокот на пандемијата ја заобиколуваат Македонија како туристичка дестинација. Мислам дека целосна стабилизација на туризмот во Македонија, а и во светот, треба да очекуваме во 2023 година – објаснува Нацев и додава дека претстои долг период за да закрепне туристичко-угостителскиот сектор, како и превозниците од кризата што ја наметна пандемијата и кои бележат огромни загуби.