Средба Османи-Корчок
На покана на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во работна посета на Македонија присуствуваше министерот за надворешни и европски работи на Словачка, Иван Корчок, за време на која оствари средба со својот домаќин.
Посетата на словачкиот министер е во рамките на неговата турнеја по земјите од Западен Балкан и ангажмани на Словачка за обезбедување европска перспектива за регионот.
Посебно внимание во дискусиите беше посветено на евро-интегративната агенда и следните чекори кои ги очекува Македонија на тој план.
– Гласната поддршка од нашите пријатели вдахнува нов оптимизам во земјава, и меѓу нас политичарите, меѓу администрацијата, меѓу прогресивните сили во земјава, одржувајќи го со тоа и европскиот кредибилитет, особено кредибилитетот на процесот на проширување – нагласи Османи.
На средбата беа афирмирани одличните пријателски односи на двете земји, кои последните години бележат нагорен тренд во повеќе области од заемен интерес.
– Одлуката за отворање на амбасада во Братислава не е само симболика, туку и суштински придонес, преку кој ќе се засили нашето пријателство кое е во постојан подем, ќе бидеме и фактички многу поблиски, поврзани и секако поефикасни во реализација на нашите проекти – истакна Османи.