Политиката во Македонија сè уште не е на идалното ниво на развојот, односно и натаму е во рацете на партиите и тие одлучуваат кој ќе победи, а не самите граѓани, рече во обраќањето до јавноста професорката Гордана Сиљановска-Давкова.
– Контингенти од гласовите во вториот круг се пренесоа кај оние кои преговараа – додаде таа.
Призна дека победата на претседателските избори му припаѓа на противкандидатот, Стево Пендаровски, но јавно запраша дали ваквиот резултат води кон помирување и обединување, или означува поделба внатре во државата, по повеќе основи.
– Оваа победа има карактер на интраетничка поделба и го наметнува прашањето дали фразата ‘заедно напред’ навистина го означува тоа – посочи Сиљановска-Давкова.
Таа се заблагодари истакнувајќи дека да се добијат речиси 370 илјади гласови е голема чест.
– Од срце ви благодарам на сите кои веруваа дека некој кој не е член на партија може толку многу да се зближи со членовите, симпатизиерите, коалиционите партии, но најмногу со граѓаните. Разговорите со граѓаните се голема инспирација за мене како човек. Знам дека Вардар победи, знам дека победи противкандидатот, а јас ја загубив битката. Згора на тоа станав позната по улиците како Гога, тоа е нешто што е новост на македонската политичка сцена – истакна Сиљановска-Давкова, образложувајќи дека иако бројките говорат за пораз, таа се чувствува посмирено, побогато и продуховно.