Поради тие причини се наметнува дилемата дали самите чинители во општеството се способни да прифатат спроведување длабоки реформи, дали има добра волја за тоа, има ли реални капацитети или критична маса за тоа или, пак, реформите се бараат само декларативно, нема потенцијал ниту пак волја тие да се прифатат, а уште помалку да се спроведат во практика
Македонското општество се соочува со најголемиот предизвик
Годините минати во исчекување подобар живот и просперитет оставија сериозна трага врз македонското општество. Иако има напори „општествениот замаец“ да се раздвижи, низа индикатори покажуваат дека сѐ уште постои „општествена ’рѓа“и не дава „заверглување“ во полн капацитет. Сите општествени чинители се свесни дека се потребни длабоки реформи и промени за конечно државата да тргне напред, но тие реално и решително никако да се случат.
Промените на политичките гарнитури од самостојноста до денес не донесоа суштинска општествена реформа и некаква промена што би донела поквалитетен живот за граѓаните, подобар стандард, владеење на правото, искоренување на корупцијата, подобро здравство и образование, подобра инфраструктура, почиста животна средина, туку спротивно, придонесоа само за зголемување на сиромаштијата, на корупцијата, како и целосно девалвирање на системот на вредности во сите сфери од општественото живеење.
Поради тие причини се наметнува дилемата дали самото општество има желба и е способно да прифати спроведување длабоки реформи, дали има реални капацитети или, пак, реформите се бараат само декларативно, без волја тие да се прифатат, а уште помалку да се спроведат во практика.
Според социологот Илија Ацевски, македонското општество ја има изгубено внатрешната супстанција да може да спроведува длабоки реформи и затоа сè повеќе тоне.
– Имам впечаток дека нема внатрешна супстанција која може да преземе порадикални чекори. Ние како да очекуваме некој однадвор да нè затепа за да почнеме да менуваме нешто. Зошто е тоа така? Се направи еден систем на повеќе нивоа, а сите системи, според моја претпоставка, функционираат врз основа на некакви односи што се темелат главно врз почитување некакви правила што немаат никаква врска со квалитетот. Тоа се односи што овозможуваат постојано да доаѓаат луѓе што не се квалитетни – вели Ацевски.
Тој додава дека ние како општество не сме изградиле дух на функционирање на институциите, обичните луѓе функционираат врз основа на еден претходно воспоставен систем што никој нема намера да го промени, а дури и да се обиде да го промени, тој како поединец е отфрлен од мнозинството.
– Нашите институции функционираат на тие комфорни правила, без оглед кој е на власт. Ако се обидете да ги промените тие правила, ќе бидете отфрлени или компромитирани. Затоа нам ни треба ЕУ. Ќе се бара ефикасност, квалитет… Тие што се главни тука, што треба да ги прават реформите, се толку улежани и сè им е погодено што воопшто ништо не преземаат, односно навикнати се само да земаат плата и ништо да не работат – појаснува Ацевски.
Според него, дури и да се донесе некаква програма за реформи, проблем настанува како таа реформа да се спушти на реално остварливо ниво.
– Најголема мистерија е како таа реформа кога ќе се спушти на елементарно основно ниво, да се спроведе. Тука настануваат проблемите. Тука сме ние тотални незнајковци. Ја нема таа критична маса за промени – истакнува Ацевски.
Универзитетската професорка Викторија Кафеџиска смета дека ние ниту како народ ниту како општество сме подготвени за некакви големи исчекори.
– Зборот реформа за мене е целосно девалвиран. Потребно е да се направи рез во нашиот систем. Сите партии кога ќе дојдат на власт, иако претходно ветувале реформи, ништо од тоа не спроведуваат, туку се грижат за доброто на своите членови. Сето тоа резултира со разочараност кај народот, кој нема доверба во институциите и самиот нема волја да ги спроведува реформите – вели Кафеџиска.
Таа додава дека кај нас секој поаѓа од лична позиција кога треба да се спроведе некоја реформа.
– Прашањето е дали ние во основа сме подготвени за длабоки реформи, бидејќи што и да се случи, секогаш ќе се најдат две спротивставени страни, едната бранејќи ја, а другата критикувајќи ја таа реформа. Во една таква ситуација, обичните луѓе креваат раце и сметаат дека ништо не можат да направат. Долгиот транзициски период доведе до недоверба во институциите и апатичност на луѓето, па затоа тешко е да се очекува да се прифатат некакви реформи – појаснува Кафеџиска.
На еден сликовит начин универзитетската професорка Мирјана Најчевска го опиша своето видување на потребата од реформи, но и односот на македонското општество кон тие реформи.
– За да се промени нешто во Македонија, тоа треба да го сакаат граѓаните. Тие не сакаат промена туку сакаат замена. Не сакаат намалување на сиромаштијата туку тие да не се сиромашни. Не сакаат намалување на администрацијата, туку тие да се дел од администрацијата. Не сакаат намалување на привилегиите, туку да има привилегии за нив. Не сакаат оценување и напредување според квалитет, туку тие и нивните блиски да бидат високо оценети и тогаш кога не ги бива за ништо. Не сакаат вработување без врски, туку тие да можат да се вработат со врски. Не сакаат казнување на криминалот, туку тие да не бидат казнети. Не сакаат политичари што знаат и умеат, туку политичари што ќе им обезбедат дел од колачот. Во вакви услови, секој обид за промена е осуден на неуспех – наведува Најчевска во фејсбук-статус.