Фото: Маја Јаневска Илиева

Изјавата на косовскиот премиер Албин Курти ги потхрани веќе анахроните тези за концептот за создавање „голема Албанија“, кои веќе со децении како да го држат на штрек и во своевидно заложништво целиот регион. Зарем ЕУ сѐ уште ќе ги толерира идеите за хегемонија на одредени народи над другите на Балканот? И ќе продолжи ли ЕУ да замижува на изјавите, а и поведенијата со кои се негира постоењето принципи и правила востановени во меѓународното право?

Косовскиот премиер би гласал за обединување на Косово и Албанија?!

Изјавата што повторно ја вознемири јавноста во регионот е онаа на косовскиот премиер Албин Курти. Тој во јавноста јасно рече дека „најдобриот и најбрз пат за напредок на целиот Западен Балкан и за постигнување траен мир и стабилност во регионот е целиот тој наеднаш да се интегрира во Европската Унија, но доколку тоа не е возможно, на некој иден референдум, кој би се спровел на мирен и демократски начин, тој би гласал за обединување на Косово и Албанија“.
Изјавата ги потхрани веќе анахроните тези за концептот за создавање „голема Албанија“, кои веќе со децении како да го држат во заложништво целиот регион.

Големодржавно ривалство помеѓу Албанците и Србите

Во заедницата популарно и по ново наречена Западен Балкан, во континуитет во изминативе децении се рециклираат тезите за некакви национални обединувања во кои, независно од тоа кој од нив би бил добитник, другите народи и држави би биле губитници. Тоа е, всушност, тезата што ги хиперсензибилизира народите и државите што живеат во регионов. А кога станува збор за дневната политика во контекст на тезата за „големите држави“, во регионов тоа главно се сведува на големодржавното ривалство помеѓу Албанците и Србите.
Овој пат, најсвеж пример се големоалбанските амбиции, преточени во изјавата на косовскиот премиер Албин Курти, дадена за швајцарскиот онлајн магазин „Монокл“. Таа е повеќе од доволна за повторно, како што велат аналитичарите, да ги раздвижи сенките над Балканот.
– Сето тоа не треба да нѐ изненадува кога знаеме колку цврсти и постојани се обидите за српската доминација во регионот, но многумина забораваат дека и Албанците, како втората по бројност нација на просторот што го нарекуваат Западен Балкан, се тука. Сепак, мора да се има на ум оти двете идеи, и за обединување на Албанците и за обединување на Србите, се нереални и дека концептите на етнички чисти држави одамна се надминати. Прашањето што сега се поставува е зошто нивните таканаречени експоненти упорно се обидуваат да ја одржуваат тензијата. Тој што сакал да го најде одговорот, веќе можел да увиди дека и едните и другите, во меѓувреме, и во заднината на сите тие реторички изблици, ги шират своите сфери на влијание во разни области, пред сѐ во економската додека ние и некои други, заведени од тоа, се занимаваме со споредни работи и како да не сакаме реално да ги согледаме состојбите – објаснува политичкиот аналитичар и колумнист на „Нова Македонија“, професор Звонимир Јанкуловски.

И српската идеја за обединување во една голема држава, наречена
„српски свет“, сѐ уште е актуелна

За потсетување, паралелно со идеите за создавање „голема Албанија“, кои, според некои толкувања, беа поттикнати со прогласувањето на независноста на Косово и кои повремено се актуализираат од страна на повеќе или помалку релевантните политичари во Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора…, во регионот, константно е присутна и идејата за „голема Србија“, а во изминативе неколку месеци, е мошне интензивна дебатата околу таканареченото создавање на српскиот свет, што ја пласираше тамошниот министер за внатрешни работи Александар Вулин, кој изјави дека задача на оваа генерација политичари е да создадат „српски свет“, да ги обединат Србите каде и да живеат. Тој објасни „дека Србите ќе се обединат мирно, без ниту еден куршум кога ќе бидат исполнети условите за тоа“.
– Ако Германците можеа, зошто Србите не можат или сте против обединета Германија? – запраша потоа Вулин.
Првата поддршка за реализација на проектот „српски свет“ дојде од Андрија Мандиќ, од црногорскиот владејачки просрпски Демократски фронт. Тој изјави и дека веќе се работи на реализација на „српскиот свет“.
– Србите од Црна Гора, Србите од Република Српска, Србите од Македонија, тие граници што постојат меѓу нас да не постојат во нивните глави, а потоа ќе соработуваме подобро, ќе бидеме поблиску едни на други, на крајот ние сме еден народ – порача Мандиќ.
Меѓу повеќе и помалку жестоки реакции, остана забележана реакцијата на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.
– Кога ќе го видите ставот на Србија во регионот, таа улога е потенцијално деструктивна, бидејќи Србија се врати на политиката од раните 1990-ти. Србија е тука за да го зачува интересот на Србите каде и да живеат во регионот. Тоа е истата грешка што Слободан Милошевиќ ја направи во 90-тите години на минатиот век. Знаеме што се случи во Босна и Херцеговина – истакна Ѓукановиќ, изразувајќи жалење што Србија ги повторува своите грешки и стравување дека тоа е реален потенцијал за создавање нестабилност во регионот.
Според Соња Бисерко од Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија, со сето наведено, политичарите во регионот секојдневно се обидуваат да видат колку далеку можат да стигнат, до каде меѓународната заедница ќе ги толерира.
– Мора да се утврдат црвените линии за сите такви политичари во регионот, имајќи предвид дека меѓународните граници на Балканот се веќе признаени и дека повеќе нема промени – заклучи тогаш Бисерко.
Во меѓувреме, некои од аналитичарите во регионот веќе констатираат оти несомнено е дека екстремно хегемонистичките центри и во српскиот и во албанскиот корпус во исчекување на големи исчекори и промени во меѓународниот поредок прават напори да изградат позиции на кои првенствено ќе ги задоволат сопствените интереси, и тоа не само националните. Што би значела евентуалната нова геополитичка реалност за другите држави и нации на Балканот, можеби ќе се отслика во дебатите што допрва ќе се развиваат.

Бројноста како аргумент за одмерување мускули, сепак зрачи со опасност

Инаку, во недостиг од релевантни национални статистики, за потсетување, но и како поткрепа на тезата дека на просторот на Западен Балкан, веќе подолго време се води борба за доминација помеѓу двете најмногубројни нации, можат да се искористат википедиските податоци, според кои, во шесте држави што му припаѓаат на регионот, најмногубројни, со нешто повеќе од седум милиони жители во Србија, (без Косово и другите соседни држави со српско малцинство), се Србите.
Но веднаш зад нив се Албанците, кои освен околу три милиони жители во Албанија, ги вбројуваат и своите сонародници во Косово, Црна Гора и во Македонија. Што се однесува до вкупниот број на Албанците, неофицијалните процени укажуваат дека ги има повеќе од пет милиони во државите од Западен Балкан, така што, без сомнение, тие дефинитивно се фактор што им парира бројчено на Србите.
Така, старо-новите идеи за некакво албанско обединување како одговор на концептот за создавање на таканаречениот „српски свет“, во кој, во моментов, како никој во Македонија да не гледа опасност, а чии корени се во српската политика од почетокот на 90-тите години на минатиот век, како што потенцира Јанкулоски, се еднакво опасни за сите други во регионот, вклучувајќи и за Македонците. Д.М.М.


Обединувањето на Косово и Албанија го поддржуваат 80 отсто од Албанците

Четири од пет Албанци во Албанија или 79,2 проценти од населението би гласале дека го поддржуваат обединувањето со Косово во единствена држава, доколку денеска би се одржал референдум за ова прашање.
Овие информации неодамна ги објави албанскиот сервис на „Евроњуз“, во пресрет на заедничката владина седница на двете земји, која треба да се одржи во Елбасан.
Според барометарот на овој медиум, наводно само 16 отсто од Албанците се противат на оваа унија на држави, а помалку од половина од граѓаните на Албанија очекуваат обедувањето на државите да се случи во наредните 10 години.
– Доколку се обединат земјите, 70 проценти од Албанците веруваат дека Тирана треба да биде идниот главен град на државата – се вели во информацијата.
Натаму, се подвлекува дека огромен број Албанците или повеќе од 90 проценти веруваат дека граѓаните на Албанија и Косово се всушност една и заедничка нација.