Митрополитот повардарски г. Агатангел во својата авторска анализа се осврнува на манифестирањето таканаречени европски вредности од одредени наши сограѓани за сметка на нашите национални вредности. Притоа тој повикува целиот македонски народ, цврсто и целосно национално, да се измири и обедини, бидејќи Македонија е исправена пред најголемиот егзистенционален предизвик од осамостојувањето, па досега
Секуларизам е најчесто употребуваниот термин во ситуациите кога поединци коментираат некоја тема поврзана со религиските заедници, а најчесто таа тема е МПЦ и најчесто коментарите произлегуваат од Македонците, а поретко и од членовите на малцинствата што живеат во Република Македонија. И често секуларноста, како поим, ја употребуваат во оној контекст што ним им одговара. Небаре, ако спомнеш секуларност, веќе имаш силен адут во одбрана на своите аргументи. А што означува терминот секуларност?
Секуларност или секуларизам е принцип на одвојување на владините институции, како и личностите одредени да ја претставуваат државата, од религиските институции и религиските достоинственици. Во една смисла, секуларноста го одобрува правото да се биде ослободен од религиското владеење и учење, како и правото на ослободување од наметнувањето на религијата кај луѓето од страна на влада на држава што е неутрална во однос на прашања поврзани со верата. Во друга смисла, се однесува на гледиштето дека човековите дејности и одлуки, особено политичките, не би требало да потпаѓаат под влијанија на религијата. Односно, државите што немаат државна религија се нарекуваат секуларни држави.
Накратко, ова е целата суштина на регулирањето на односите помеѓу државата и религијата. Тоа што постои принцип на секуларност, сепак, не значи, само по себе, дека треба да постои и целосно изолиран однос на државата и религијата, односно овој принцип не содржи регулација дека никако не може да постојат заемна интеракција и односи на соработка меѓу државни институции и Црквата по однос на одредени прашања.
Деновиве имаме токму една таква иницијатива. Тоа е потпишаниот „Македонски манифест“, насловен како заеднички Меморандум на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УКИМ).
Во овој меморандум им се укажува на претставниците на македонската страна во преговорите со Бугарија да внимаваат на сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет; да се уважуваат не само објективните факти и научната аргументација туку и комплексната интерпретација на историските факти, настани и личности; да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право и друго.
Овој потпишан меморандум се однесува на содејство на Црквата, во овој случај, со МАНУ и УКИМ, замислете, по најважното егзистенционално прашање за еден народ, а тоа е зачувување на својот идентитет.
Македонската православна црква е црква на македонскиот народ и никогаш не правела и никогаш нема да прави компромис со македонскиот национален дух, напротив, таа била и ќе биде негов вековен чувар и закрилник. Желбите и настојувањата на македонската интелигенција и на македонскиот народ за обновувањето на Охридската архиепископија во минатото биле тесно поврзани со борбата за сопствена национална афирмација. Да му благодариме на Бога што успеавме да ги ослободиме нашите вековни корени, благодарение на што на секој план се видливи плодовите од нашето црковно и самостојно македонско живеење.
И нормално, како по редослед на денешницава, по сите наведени работи дотука, се вртиме кон негативните аспекти на ова случување. Најпрво со свое негодување на оваа интеракција во насока на зачувување на националните атрибути на македонскиот народ се јавува академик Абдулменаф Беџети, член на Претседателството на МАНУ, кој во својата реакција укажува дека е нарушен принципот на секуларност.
Почитуван г. Беџети, доколку не постои Македонија, нема да постои ниту секуларноста. Секуларноста, како принцип, не е поголема од идејата за слободна Македонија и никогаш нема да биде. Македонија е земја на македонскиот народ, а Македонската православна црква е национална црква на македонскиот народ. Ние немаме резервна татковина, а вие се однесувате како да имате. Во овој момент некој посегнува по нешто што нам Македонците ни е суштинско, а тоа е нашата слобода. Слобода во смисла да ги имаме својата држава, својот идентитет и својот јазик. Слобода да ја изразиме својата волја. Слободата никој никому не му ја дава на послужавник, таа треба со големи саможртви да се спечали. И вие, во овој момент, се повикувате на принципот на секуларност. Вам Ви попречило што Македонците се обединуваат во одбрана на своето најсвето. Ќе ми простите, но навистина ги преминувате сите граници на пристојноста и правата и должностите што ги имате како граѓанин на Република Македонија, бидејќи ако вие бевте лојален и искрен граѓанин на земјата во која живеете и сте биле и сѐ уште сте носител на јавни функции и како таков сте искористиле голем број привилегии низ годините, ќе требаше да констатирате дека е нарушен, на пример, принципот на самоопределување на еден народ, според нормите на меѓународното право, но Вие не успеавте да го видите тоа, па констатиравте само нарушување на принципот на секуларност.
Се разбира дека Вие, г. Беџети, имате право да ја оцените секуларноста, а ние имаме апсолутно право да ја прогласиме, во ваков случај, Вашата оцена за ништовна, односно немеродавна, затоа што тоа, впрочем, и не е Ваша работа, туку тоа е работа на нас Македонците, кои вистински нѐ засега и боли ова прашање.
Но, она што повеќе ми пречи од ова закачување на крилјата на секуларноста на г. Беџети е секако неизбежното вклучување на алармот кај македонските редовни колумнисти, во случајов г. Ѕвездан Георгиевски, кои едноставно својата патолошка омраза кон Македонската православна црква не можат да ја скријат во ниту еден момент од нејзиното експонирање во некој ваков случај. Па, така, овој господин прашува: што бараат МАНУ и УКИМ во друштво со МПЦ-ОА? Која е таа научна оска што ги поврзува, бидејќи колку што знам МАНУ и УКИМ сè уште се научни институции, а МПЦ е верска заедница.
Вам г. Георгиевски, за жал, не можам да Ви објаснам која е таа оска на поврзување, затоа што нема да разберете. Нема да разберете од причина што не Ве боли душата. Не ја чувствувате болката на македонската душа. Убаво би било како новинар колумнист, Македонец, да Ве видиме како ревносно поставувате прашање, на пример, која е таа оска што ги поврзува некои од сестринските цркви што неуморно нѐ оспоруваат нас како Црква и народ и што толку им попречивме? Но не, Вас тоа не ве боли. Вас Ве боли секуларноста. Затоа ќе бидете одличен европски граѓанин на „нашата“ држава, ако воопшто со вакви како Вас ја зачуваме.
Македонија во социјалистичкиот период имаше непријателски став кон Црквата, засновано на марксистичкиот став дека секое верско влијание е негативно. Кај нас, особено во нерелигиозните кругови, се отфрла постоењето на репресија врз религијата во тој период, па до денес. Но фактите се поинакви. Државата активно ја маргинализира религијата и јавното изразување на верата се репресира.
Токму овие двајца аналитичари што ги наведов погоре се вистински егземплари на репресија врз јавното изразување на религијата. Не заборавајте, целиме кон Европа, но Вашите марксистички погледи не се во чекор со овој тренд.
Ова мое излагање, драги мои, за жал испровоцирано уште еднаш од манифестирањето таканаречени европски вредности од наши сограѓани за сметка на нашите национални вредности, сепак има за цел уште еднаш да повикам на трезвеност, совест и максимална внимателност на сите чинители на македонското општествено живеење во управувањето со нашата држава Македонија во овие моменти. Да повикам, целиот македонски народ, цврсто и целосно национално да се измири и обедини, бидејќи Македонија е исправена пред најголемиот егзистенционален предизвик од осамостојувањето, па досега. Иако таа поминала и многу поголеми премрежиња во својата историја, сепак и денес сѐ уште не ја живее вистински својата слобода.
Доколку сакаме да ја имаме Македонија, треба да ги вклучиме сите, повторувам сите, капацитети во нејзиното одржување и задржување. И принципот на секуларност не треба да му пречи никому. Ако сепак пречи, не сме на истата страна.