ВО МАНУ ПРОМОВИРАНА КНИГАТА „ПРИЛОЗИ КОН ИСТОРИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА“
Македонската академија на науките и уметностите вчера официјално го претстави делото „Прилози кон историјата на Македонија и македонската култура“, приредено од академик Катица Ќулавкова. Делото е резултат на проект на МАНУ во соработка со Институтот за национална историја, Филозофскиот факултет, Богословскиот факултет, Институтот за македонска литература и институтот за фолклор „Марко Цепенков“. На претставувањето на „Прилозите…“, промотивни обраќања имаа претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, академик Витомир Митевски, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски и приредувачката, академик Катица Ќулавкова.
– „Прилозите кон историјата на Македонија и македонската култура“ имаат цел да понудат непристрасно читање на историските собитија, документи, артефакти и околности важни за разбирање на историскиот континуитет со македонски предзнак. Повод за него беше, освен вечниот копнеж по вистината, ултимативниот и посесивен став на некои политички, делумно и научни кругови во соседството, став што успеа да се интернационализира и да се рефлектира врз современите македонски состојби и статусот на македонската држава – истакна уште на почетокот од своето обраќање, академик Ќулавкова.
Понатаму, во своето излагање Ќулавкова го изнесе своето согледување дека Македонија денес е ставена во ситуација да избира меѓу две зла: да се откаже од она што де факто била и да прифати нешто фиктивно. Притоа поставува и прашања.
– Време е да се запрашаме дали оние што ја поставуваат историјата како услов за европска интеграција и користат дискурс на репресија по однос на нашето потекло и име, не прават обратна проекција? Дали зад таквиот репресивен дискурс стои хегемонистичка аспирација? Кому му пречи македонската историска приказна? Кому македонскиот суверенитет? – реторички ги поставува прашањата академик Ќулавкова.
Како најдобра аргументација во прилог на Македонија и македонската кауза, таа проценува дека е науката, а најдобрата заштита се конвенциите на Обединетите нации. Како заклучок предупредува дека „секое посегање по културната историја на еден народ навестува посегање по неговата територија и држава“.
– Културната хегемонија е политичка. Така тврди историјата – заклучува академик Ќулавкова во своето обраќање на промоцијата на „Прилози кон историјата на Македонија и македонската култура“.