Партиите прогласуваат победи на нивните кандидати додека Државната изборна комисија и натаму ги собира информациите за гласањето во првиот круг на локалните избори.
СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ брифираат и дека имаат предност пред ВМРО-ДПМНЕ во Валандово, Дојран, Крива Паланка и во Лозово.
Од скопските општини, како што брифираат од партијата, водство имаат во општина Бутел.
Коалицијата очекува во првиот круг од изборите победа да извојува во Крушево, Ресен и во Струмица.
Во Струга пак, водство има кандидатот на ДУИ, но најверојатно вториот круг во оваа општина ќе биде одлучувачки.
Во Велес, Штип и Свети Николе води ВМРО-ДПМНЕ, брифираат од партијата.
Оттаму според нивните неофицијални информации посочуваат и дека имаат водство во Битола и Охрид, каде што кандидатите биле на граница да освојат мандат во прв круг од локалните избори.
Меѓу скопските општини, од ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека водат во Ѓорче Петров, Кисела Вода, Аеродром и Гази баба. Ова се информации од аналитичкиот штаб на партијата.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, прогласи победа во Сарај, Липково и Пласница.
Ахмети рече дека партијата е во водство во Тетово, Струга, Чаир, Кичево, Арачиново, Боговиње, Теарце и Долнени.
За Гостивар, каде актуелниот градоначалник, Арбен Таравари од Алијанса и Алтернатива прогласи победа, Ахмети рече дека ДУИ сѐ уште ги нема конечните резултати.
Алијанса за Албанците и Алтернатива прогласија победа во Гостивар и Дебар.
Партискиот претседател на Алијансата, Зијадин Села соопшти дека во втор круг ќе одат во Струга, Врапчиште, Боговиње, Теарце и Чаир. За Тетово, рече дека се чекаат официјалните резултати.
Села во своето обраќање обвини за уцени, притисоци и поткуп.
Генералниот секретар на Движењето БЕСА, Арјанит Хоџа прогласи победа на Билал Касами за градоначалник на Тетово. Тој ги повика граѓаните на прослава на плоштадот во градот.
Претходно, на прес-конференција, движењето БЕСА соопшти дека има сигурна предност во повеќе општини. Според партиските информации, БЕСА победува во Бродец, Порој, Лисец, Безовце и Џепчиште.
Хоџа најави дека кандидатот на БЕСА ќе се бори за победа во вториот круг во Теарце.